Свое размислување на денот на годишнина на упокојувањето на родителот –
Kолку ја исполнив петтата Божја заповед?
ПОЧИТУВАЈ ГО ТАТКОТО И ТВОЈАТА МАЈКА ЗА ДА ТИ БИДЕ ДОБРО И ДА ПОЖИВЕЕШ ДОЛГО НА ЗЕМЈАТА!
Честопати секој од нас во одредена ситуација разгалено се бунтува на се` што не `оди по наше`.
Банален пример:
Сме сакале со семејството да поминеме излетнички ден во природа, а токму тој ден заврнале поројни дождови и грмотевици, па, негодуваме:
Срамота, денес ли требаше да се расипе времето?!
Но, токму тоа невреме за мене, за нас, благослов е за оној работник кој со пот ја обработил и ја засеал почвата на нивата своја и молитвено барал од Бога обилен дожд.
И токму тој ден за него претставува дар од Бога и голема радост.
Или:
Настапила доцна есен и граннките на дрвјата останале голи и суви, целокупната вегетација мртва, па, би негодувале пак:
`Не го сакам овој период од годината, се` е толку тажно и депресивно наоколу, пред моите очи. Одвратно е…`
А забораваме дека вегетацијата само одмара и привремено умира, за по некој месец повторно да се роди во сиот свој сјај и раскошна убавина, за да не восхитува наредната пролет.
Слично на ова, ако се потсетиме на периодот од младоста до денешни дни, често сме негодувале неразумно и кон своите родители:
Премногу се строги, пристрасни,
неправедни, дури зли… ми се мешаат во бракот, во животот, ми сугерираат некоја своја мудрост и застарени совети како јас да се однесувам и да живеам.
Не ги трпам веќе!
Колку пати и во овој случај сме се демантирале себеси и подоцна во животот сме сфатиле дека нивните навидум погрешни и нетактични совети всушност биле вистина и толку полезни.
Особено тогаш кога ние сме станале родители.
Но, дури и кога нашите родители грешеле свесно, биле пристрасни и толку неправедни и несовршени – тие се нашите родители, преку нив двајцата преку утробата на мајката сме го виделе овој свет создаден од Бога, сме се родиле и постоиме.
Благодарение на нив, на нивните т.н. `неправди` кон нас, сме научиле да истрпиме, сме имале можност да останеме во с
мирение, да им простиме, па така да ја исполниме и петтта заповед дадена од Бога.
Размислувам често, откако родителите заминаа:
Колку докрај ја исполнив оваа заповед? Кога би се вратило времето и овие сознанија, многу повеќе би направила за нив 🙁
Тие ме сакаа, ме поддржуваа, ме тешеа и тогаш кога сите ме презираа, отфрлаа, осудуваа.
Другите најчесто беа околу мене само кога бев во доброто, полезна и за нив, а моите родители секогаш ме љубеа таква каква што сум… и тогаш кога ги растажував, запоставував, кога бев непослушна и своеглава, ме сакаа со сите мои грешки и недостатоци, совршено безусловно.
Некаде прочитав:
`Навистина, деца, не правите многу, ако ги почитувате своите татко и мајка, а ги презирате другите татковци и мајки.
Вашето почитување спрема другите родители треба да ви е само школо за почитување на сите луѓе, на сите жени, кои во мака раѓаат, во пот ги негуваат и во болката своја ги љубат своите деца.
Запаметете го ова и живејтe според ова, за Бог да ве благослови на земјата.`
Затоа, пријатели мои, да не замижуваме свесно, да ја освестиме оваа заповед и да побрзаме да се исповедаме и покаeме и тогаш кога сме биле причина макар и само за една солза во очите нивни и една рана на срцата нивни, за било каква свесна или несвесна неправда кон нив, заради која некои од нив со болка заминале од овој свет.
Да се покаеме и во случај кога тие грубо не` повредиле,
не ја исполниле докрај родителската должност или живееле свесно или несвесно под влијание на гревот, во неправда, во егоизам, кога, според нас, не ни дариле доволно љубов.
Тие, какви и да се, какви и да биле, не` создале, по волја на Создателот на светот.
Да побараме простување додека се со нас, додека се живи и од нив и од Бога.
А ако се веќе заминати од овој свет (како моите), да се молиме во силно покајание, измолувајќи прошка за себе и нашата неразумност и за мир на душите нивни.
Познаваме луѓе кои во знаење или незнање не ја испониле оваа заповед, секогаш наоѓајки си себеоправдувања, луѓе кои дури не се ни покајале, луѓе со закоравени, скаменети срца и заслепени очи, кои ја гледаат само `својата правда`, срца што не ни помислуваат во иднина освестено и силно да се покајат и да побараат прошка од Бога.
Ама, тие не се виновни, не чуле, не го виделе примерот како треба, огледувајќи се на образот Христов.
Мнозина од нив навистина во животот свој не поминале добро, не се радувале на своето потомство, не поживееле долго и благословено.
И се` по наша, сопствена вина.
Зашто, не рекол Бог:
Почитувај ги таткото и твојата мајка КОИ НИКОГАШ НЕ ВЕ ПОВРЕДИЛЕ за да ти биде добро и да поживееш долго на земјата.
Туку, рекол едноставно и јасно:
`Почитувај ги таткото и твојата мајка за да ти биде добро и да поживееш долго на земјата.`
Речено е уште:
Пред ти да дознаеш за Господ Бог, за Него знаеја твоите родители. Само тоа е доволно да им се поклониш и да им оддадеш пофалба и благодарност.
Поклони се и и оддај му почит и благодарност и на секој оној, кој пред тебе разбрал за најголемото добро на овој свет.
.
Мина Даниловска