Имав личен повод денoвиве, кога колебливоста заради нанесената неправда по којзнае кој пат, да ја замени ехото на зборовите на духовникот во слични ситуации:
Замисли само дека на Христос му служиш. И да му бидеш благодарна, зашто заслужуваш и полошо. Запрашај се – колку си му слична…!
Потсети се дека пред тебе Тој стои зад ликот на оној, другиот.
Многу просто, силно и едноставно, нели? На прв поглед…
Сепак, не е е така лесно немирот да се смири , зашто искушувачот шепоти подмолно и итро:
– ама, ама… тој не заслужува, по којзнае кој пат, мирот ти го зема.
Гласот на срцето противречи:
– А, колку пати мирот во Христа го губиме?
Пак другиот глас убедува :
– Сепак, на се ` добро тој ближен, мене со зло ми врати!
До кога да се простува? Тоа е лоша педагогија ….
– Како пак, на Христа на Голгота човекот му врати, а Тој во мир, безгрешен ко` јагне?
– Ама, толку пати ме унизи…
Дали Христос не беше унизуван и онеправдуван, а Тој безгрешен, ко` јагне?
Дијалогот со совеста продолжува некаде на границата меѓу светлината на непреобразениот ум и темнината на разумот, се` додека не се прифати конечниот одговор, силно и бескомпромисно:
Нема …ама…, се` е кажано, нема измеѓу, ни компромиси, ни самооправдување…
Барав молитвено смирение и дар на љубов, а ги одбивам неправдите кои Бог ми ги испратил, за да го искорне коровот во душата моја?!
Јас сум крива за се`, секогаш!
– Како тоа, зошто ? – се буни гордоста.
Зашто, критериумот е Христос. Не светот во мене, не светот околу мене.
И се` е давање, кога не постои барање и се` е саможртва, за ближниот, за Нему да Му се дадеме и во Него да се исполниме.
За тоа нема веќе „ама“, туку „амин“ и слава Боже за благословот преку искушението што денес ми го испрати!
Правејќи (давајќи) му се на неправедниот, Тебе Ти правам, во Тебе се исполнувам!
Да благодариме сите на Бога за спасителната лекција денес, колку и таа да боли! Секоја рана во гној болно се чисти, ама и исцелува…
Внимавај само, прелеста најчесто е накитена и личи на смирение.
Ништо не е твое !
М. Д.