ПАТУВАЊЕ ВО ЕДЕН ПРАВЕЦ
Секое патување во светот има слобода и можност за враќање назад.
Дури и кога одиме низ брдо и низ вода и низ оган.
И тогаш кога мечтаеме за нови и непознати, примамливи предели, знаеме каде одиме и каде доаѓаме. Знаеме однапред кога тргнуваме и кога се враќаме.
Тогаш, кога сакаме. Назад, дома. На сигурно!
И исполнети со насобраното искуство оттаму, донесуваме одлука дали пак би заминале на тоа и такво место или можеби никогаш повеќе.
Само едно патување е неповратно, во еден правец!
Не по наша волја. Неиспланирано е!
Неочекувано патување за кое најчесто немаме време да се подготвиме и куферите – aмбарите останале празни, а ние немоќни и збунети, затекнати.
Патување без можност за враќање!
Се` „наше“ тука оставаме!
Застрашувачко, ненадејно, неизвесно, непознато, неутешно, безнадежно патување. Без збогување. Нема враќање!
А можело ли поинаку да биде?
Од патувањето наугоре светлината да ја донесевме;
од она низ вода – измиени да се вратевме,
низ оган – прочистени и искалени и во „злато“ збогатени.
Љубовта кон цел свет да ја понесевме. И назад да ја донесевме.
Преобразена нашата природа!
Како Лебот и Виното. Со крстот натаму, со крстот назад.
Патување во еден правец!
А колкава милост подарена ни била. Овде и сега сме го поседувале билетот на слободата?
Како не сме знаеле!
И дарено ни било бесплатно да ги видиме пределите,
да ги претвкусиме даровите, да ги вкусиме плодовите, страдалниците да ги утешевме и прегладнетите да ги нахраневме…
Образот на Најчистиот да го примевме – за свој да го спечалевме.
Дестинацијата до Него била токму тука, до нас, во нас?
А очите, како немале виделина за да видат:
Појдовна станица – умот.
Пределот незалезен – срцето.
Гаранција – преобразената безгрешна природа.
Билет – Името Негово!
И благодарност:
„Господи, добро ни е да бидеме овде!“
Мина Даниловска