ПАТУВАЊЕ ВО ЕДЕН ПРАВЕЦ

Секое патување во светот има слобода и можност за враќање назад.

Дури и кога одиме низ брдо и низ вода и низ оган.

И тогаш кога мечтаеме за нови и непознати, примамливи предели, знаеме каде одиме и каде доаѓаме. Знаеме однапред кога тргнуваме и кога се враќаме.

Тогаш, кога сакаме. Назад, дома. На сигурно!

И исполнети со насобраното искуство оттаму, донесуваме одлука дали пак би заминале на тоа и такво место или можеби никогаш повеќе.

Само едно патување е неповратно, во еден правец!

Не по наша волја. Неиспланирано е!

Неочекувано патување за кое најчесто немаме време да се подготвиме и куферите –  aмбарите останале празни, а ние немоќни и збунети, затекнати.

Патување без можност за враќање!

Се` „наше“ тука оставаме!

Застрашувачко, ненадејно, неизвесно, непознато, неутешно, безнадежно патување. Без збогување. Нема враќање!

А можело ли поинаку да биде?

Од патувањето наугоре светлината да ја донесевме;

од она низ вода – измиени да се вратевме,

низ оган – прочистени и искалени и во „злато“ збогатени.

Љубовта кон цел свет да ја понесевме. И назад да ја донесевме.

Преобразена нашата природа!

Како Лебот и Виното. Со крстот натаму, со крстот назад.

Патување во еден правец!

А колкава милост подарена ни била. Овде и сега сме го поседувале билетот на слободата?

Како не сме знаеле!

И дарено ни било бесплатно да ги видиме пределите,

да ги претвкусиме даровите, да ги вкусиме плодовите, страдалниците да ги утешевме и прегладнетите да ги нахраневме…

Образот на Најчистиот да го примевме – за свој да го спечалевме.

Дестинацијата до Него била токму тука, до нас, во нас?

А очите, како немале виделина за да видат:

Појдовна станица – умот.

Пределот незалезен – срцето.

Гаранција – преобразената безгрешна природа.

Билет – Името Негово!

И благодарност:

„Господи, добро ни е да бидеме овде!“

Мина Даниловска

Претходна статијаБЕСЦЕНЕТИ ДУХОВНИ ПОГЛАВИЈА НА Старец Софрониј
Следна статијаПреподобен отец наш Спиридон , моли го Бог за нас (Православен календар 25.12.2018.)