Внимавај што излегува!
“А Он им рече: Зар сте и вие така неразумни? Не разбирате ли дека ништо, што влегува во човекот однадвор, не може да го оскверни? Оти не во срцето му влегува тоа, а во стомакот, и излегува надвор, чистејќи ја сета храна.
И уште им рече: Она што излегува од човекот, тоа го осквернува човекот. Зашто однатре, од срцето човечко, излегуваат лоши помисли, прељубодејства, блудства, убиства, кражби, лакомства, лукавства, пакости, злоби, око лукаво, богохулство, гордост, безумство. Сето тоа зло однатре излегува и го осквернува човекот.“ (Марко 7, 18-23)
Малку по малку се обидував да си го совладам телото докажувајќи му дека тоа не е главната компонента во нашата заедница на која треба да й се угодува секогаш кога разгалено ќе го побара своето.
Го посакував Исусовиот пост четириесет дена и ноќи во пустината, вообичаениот во среда и петок преку цела година, Велигденските и Божиќните пости со и без масло, вино и риба, и најстрашниот во и без баханалии.
Некогаш, само местимично ќе ја добиев битката за да останам богоугоден на патот за мојата награда, но веќе во наредниот миг ја губев војната што ме враќаше на самиот почеток, што и не беше многу за жалење бидејќи започнував за влакно помудар и поиздржлив.
Во кругот од настојувања да се вратам образ на Творецот како и оној во создавањето, континуирано во падови и станувања сфатив, односно добив созерцана идеја дека има уште нешто пострашно од мојот пост преполн со недостатоци.
Тоа беше она што излегува од човекот.
Она што излегува од човекот, тоа го осквернува човекот.
Срцето е чудна работа, мало, но истовремено многу неопходно со секое отчукување да го одбројува битисувањето на човекот.
Каде ли се нашол простор помеѓу сказалките на неговиот часовник за складирање на толку многу помисли, како да нивното место под закуп е секогаш лоцирано на иста квадратна површина па мораат да се туркаат, совладуваат, истиснуваат едни со други за освојување на своето одгледувалиште.
Веројатно ако им дозволиш на некои да прогласат царевина, останатите во неможност да бидат потчинети го напуштаат срцето и стануваш огледало на карактерениот одраз на владетелите и не свој “јас” туку само кутро “бев”.
Со други зборови, помислите кои го освоија срцето имаат свои барања кои се исполнуваат со дела кои настануваат во истиот момент кога ја допрат надворешната атмосфера.
Зашто однатре, од срцето човечко, излегуваат прељубодејства и блудства.
И двете дела во конотација со страстите се обид да се прегази светоста на постелата која во почетокот е толку бела и мирисна како отпечатокот на најсилниот цвет во средина на ливадата полна со пчели медоносици.
Зошто толку е тешко да се одржи колоритот на нејзината чистина, да се ужива деноноќно без презир дека таа не е доволна и треба да се замени со друга несопствена, со трета повозбудлива, и понатаму со н-та поминлива?
Зошто врелината на едно грешно тело не застанува на прикладен степен целзиусов кој нема да прогласи зголемена температура и треска?
Зашто однатре, од срцето човечко, излегуваат и убиства, кражби, лукавства, пакости, злоби, око лукаво и безумство.
Само неколку капки затруена крв и прагот пред пеколот ќе биде неизбежна дестинација за оние кои се фаќаат за нож од кој и ќе погинат, за оние кои не влегуваат преку вратата туку оградата на овчото трло, за оние кои пакостат со своите осилести опашки на скорпија, за оние кои се синови на каколот полни со итрина будалеста, за оние кои мислеа дека се мудри, но обезумија.
И таму ќе биде крајна темнина, заглушена со плач и крцкање со заби.
Зашто однатре, од срцето човечко, излегуваат и богохулство и гордост.
Обете ќе шприцаат низ срцевите артерии непочитувајќи ги сообраќајните правила, ниту пак оние патокази кои водат до венецот.
Ќе бидат смешни мали атрофирани сезнајковци кои бараат бог насекаде освен на Небото и се издигнуваат толку високо од каде падот ќе биде пострашен.
“Јас сум и никој повеќе” и “задебелено его” ќе им биде причина за пресудата на денот на Страшниот Суд во кој ќе нема време за покајание за пет девојки чии светилки изгаснале заради маслото непонесено.
Мојот пост е преполн со недостатоци, но еден што особено ми пречи е оној што го натажува срцето.
Тоа се чувствува измамено од лажните ветувања дека повеќе нема да внесувам негодно во стомакот. Ќе стане депримирано и нетрезвоумно, и неподготвено и невнимателно ќе продолжи со злата горе набројани.
С.П.