Светиот апостол Филип
Родум од Кесарија Палестинска.
Беше женет и во бракот му се родија четири ќерки, сите четири со дар на пророкување и сите четири заветувани девици Христови.
Кога Светите апостоли избираа ѓакони, тогаш беше избран и Филип, покрај Стефан и останатите.
Тој со голема љубов и внимание им служеше на сиромашните и на вдовиците.
Кога настана гонењето на христијаните во Ерусалим, Св. апостол Филип се засолни во Самарија и таму го проповедаше Евангелието и Го сведочеше Бога со многубројни чуда и изгонувања на демони, со исцеленија на болни итн.
Кога ги виде чудата на апостолот, се крсти и прочуениот волх Симон.
Св. Филип го крсти и евнухот на царицата Кандакија.
Потоа ангел Божји во истиот миг невидливо го пренесе во Азот, кадешто оттогаш поучуваше и проповедаше и мнозина ги обраќаше кон Христа.
Беше поставен за епископ во Тралија. Се упокои мирно во длабока старост.
Тропар
Апостоле Христов Филипе, тебе Господ ти дарува пород од телото, и преку тебе Духот Свети приведе мнозина кон спасение, Христов чудотворче, на ангелите собеседниче, моли се пред Спасителот во борбата да не омлитавиме.
Дела на светите апостоли од светиот апостол Лука
Глава 8
26
А на Филипа му рече ангел Господов: »Стани и тргни на југ, по патот што води од Ерусалим за Газа, кој е пуст.«
27 Тој стана и отиде; и ете, еден Етиопјанин, кастриран, властелин на Кандакија, етиопската царица, чувар на сите нејзини ризници, кој дошол во Ерусалим да Му се помоли на Бога,
28 а сега се враќаше и, седејќи в кола, го читаше пророкот Исаија.
29 Духот, пак, му рече на Филипа: »Приближи се и застани до колата!«
30 Филип побрза, и, откако чу дека тој го чита пророк Исаија, му рече: »Го разбираш ли тоа, што го читаш?«
31 Овој одговори: »Како ќе можам да го разберам, ако некој не ме упати?« Па го замоли Филипа да се качи и да седне до него.
32 А местото од Писмото, што го читаше, беше ова: »Како овца на клање беше одведен, и како што јагнето стои безгласно пред својот стригач, така и Он уста Своја не отвори.
33 Во неговото понизување Он беше лишен од праведен суд. А родот Негов кој ќе го објасни? Оти животот Негов се одзема од земјата.«
34 Тогаш Етиопјанинот проговори и му рече на Филипа: »Те молам, за кого ова зборува пророкот, за себе или за некој друг?«
35 А Филип, откако ја отвори устата своја, почна да му објаснува од тоа Писмо и да му благовести за Исуса.
36 И одејќи така патем, тие стигнаа до една вода; и Етиопјанинот рече: »Еве вода! Што ми пречи да се крстам?«
37 А Филип му рече: »Ако веруваш од сѐ срце – можеш.« Тој одговори и рече: »Верувам дека Исус Христос е Син Божји.«
38 И заповеда колата да запре, па слегнаа во водата обајцата, и Филип и Етиопјанинот, и го крсти.
39А кога излегоа од водата, Духот Свети слегна над Етиопјанинот, а Филипа го грабна ангел Господов. И Етиопјанинот не го виде веќе, па радосно го продолжи својот пат.
40 Филип се најде во Азот, од каде што тргна, проповедајќи го Евангелието по сите градови, додека не стигна во Ќесарија.
Подготви С. Трајчева