Како правилно да се исповедаме?

За исповедта да ни биде за исцеление и за спасение на душата треба правилно да се исповедаме. На исповед не се оди за разговор со свештениот, да се фалиме колку сме добри, ниту да ги исповедаме другите, притоа судејќи ги и осудувајќи ги истите.

Не треба да заобиколуваме, ниту пак да избираме убави, префинети зборови ублажувајќи ја сопствената вина.

Да не се самоправдуваме или да го убедуваме духовниот Отец да застане на наша страна за да не оправда, туку да се осудиме самите себе и да си ги признаеме пред Бога и духовниот Отец сите свои гревови, да побараме прошка за нив и совет како да живееме.

Секогаш носечка мисла при исповедта е: „јас сум виновен за се“. Усвојувајќи ја таа мисла, сите наши мисли и чуства добиваат друг тек и нема да ги осудуваме другите, а секогаш вината ќе ја наоѓаме во нас и ќе се каеме за тоа.

Гревот е рана и треба да се излечи. Еден од најефикасните лекови е исповедта. Колку е попрецизна исповедта, толку е побрзо лекувањето. Со тоа покажуваме и посилно покајание, страв Божји, љубов и решеност да се ослободиме од гревот и заживееме здрав христијански живот.

Исповедта треба да биде прецизна, длабока и искрена, и тоа ја прави делотворна. Накратко да ја опишеме ситуацијата во која и со која сме паднале и потоа да исповедаме што во моментот се случувало и продолжило да се случува во нашето срце. Сите лоши и негативни реакции на срцето и умот.

Кај гревовите од првите две групи на страсти, сластољубието и среброљубието гревот се случува најпрво со предлог, прифаќање, потоа разговор со предлогот (помислата), согласување, желба, грев и страст.

Во ситуациите пак, кога е повредено нашето его (третата група на страсти, славољубието), прва реакција е помрачувањето на умот, потоа ни оладува љубовта, се гневиме, судиме, осудуваме, злопамтиме… и, ако не ги прекинеме навреме овие реакции на нашето болно и острастено срце, почнуваме да грешиме со збор, па и со дело.

Неколку пати повторен грев, создава страст, заробеност на срцето од тој грев и потоа, тој потешко се лекува.

За таквиот грев е потребен и поголем подвиг при негово очистување. Со исповедта се простува гревот, но раните, последиците од него се уште остануваат и за нив треба извесно време за целосно да се излекуваат. Постои и поголема демонска измама – срам да се каже дека гревот се повторил или помислата дека му досадуваме на духовниот отец.

Духовниот отец не е оној што ги суди децата, туку оној што ги сака и духовно ги води. Он своеволно се предава на служба на љубовта.

Затоа не треба да се плашиме, туку да се исповедаме редовно дури и кога духовниот отец не прекорува и разобличува. Ако исповедаме некој грев постојано, со тек на време, демонот кој стои зад него, губи сила, а и ние ќе почнеме да внимаваме да не грешиме.

Господ ни дава ситуации и искушенија, за ние да се освестиме и да видиме што криеме во срцето. Преку искушенијата да се видиме самите себе.

Тоа е вид просветление и тогаш треба да го насочиме кон себе, а не кон осуда на братот, сестрата. Ако судиме некој за нешто, знајте дека од истото за што судиме, патиме и ние. Тоа е правило.

И на крајот да заклучиме:

Богочовекот Исус Христос е наш критериум за животот, а не некој друг и нашиот грев е во однос на Него. Колку сме неслични со Христос, толку сме погрешни и подалеку од Него.

Затоа, се она што не прави неслични со Христос е тема на нашата исповед. Заради тоа се каеме и тие погрешни чекори ги исповедаме пред свештено лице кое е икона Божја, притоа пазејќи да не обвинуваме некој друг туку себе си, и секој совет од него треба да го сметаме како совет од Христос и да го исполниме.

Исповедта треба да е редовна, а не само од време на време – повремена. Колку повеќе се исповедаме, толку повеќе душата станува по осетлива и ние се вподобуваме на Христос, Кој е нашата цел и утеха.

Целиот текст на: