9. Природниот метод на навлегување внатре во срцето со внимание преку дишењето и изговарањето на следнава молитва:

„Господи, Исусе Христе Сине Божји, помилуј ме!”.

Oвој метод помага многу за сосредоточување на умствените помисли

„Тебе ти е познато, брате, дека дишеме на тој начин што го вдишуваме и издишуваме воздухот.

Од ова зависи продолжувањето на нашиот живот и топлината на нашето тело.

– Па така, откако ќе седнеш безмолвно во твојата ќелија, собери го своот ум, воведи го во патот на дишењето, по кој воздухот навлегува внатре, и принуди го, заедно со вдишениот воздух, да слезе во срцето, и држи го таму;

држи го, но не оставај го да молчи и празен,

туку наложи му да jа следи молитвата:

„Господи, Исусе Христе, Сине Божји, помилуј ме!”

И ова нека му биде непрестајна работа и никогаш да не ја остава.

Зашто ова, не давајќи му да биде мечтателен, го прави да биде недопирлив за непријателските напади и го издигнува кон божествената желба и љубовта.

– Но, брате мој, потруди се да го приучиш твојот ум да не излегува брзо оттаму, зашто во почетокот многу му е здодевно што е заклучен и притеснет, но кога ќе свикне, тогаш веќе не сака да биде меѓу надворешните предмети.

Зашто царството Божјо е внатре во нас.

Зашто оној што ќе го види таму и, откако ќе придобие чиста молитва, ќе почувствува дека сѐ што е надворешно веќе не му се чини привлечно и ја загубува својата вредност за него.

И нему, таму – внатре не му е веќе невесело и нерадосно, туку ќе му биде како на некој човек, кој бил далеку од своот дом,

па кога ќе се врати,

тој просто не знае што да прави од радост,

затоа што најпосле ги видел својата жена и своите деца;

така и нашиот ум, кога, по долговремена духовна расеаност, пак ќе се соедини со својата душа,

се исполнува со неискажлива сладост и радост”

(Ова место го наведуваме скратено).

Еве, што кажал овој блажен отец, со намера да го научи умот, под влијание на овој природен метод, од своето обично талкање и расејуване, да се врати и да почне да внимава на себеси,

преку што одново се соединува со самиот себеси,

а на овој начин се соединува и со молитвата,

па заедно со оваа молитва слегува во срцето и останува таму засекогаш.

А еден друг од богомудрите отци, како објаснение на ова што е речено, откако свикнал со ова и стекнал ваква навика, еве што забележува:

20. Уште за природниот метод на повикувањето на Господа Исуса Христа заедно со дишењето Оној што сака да се научи како треба да го прави ова, како да го приучи својот ум, заедно со влегувањето на воздухот,

да влегува и тој внатре во срцето, тогаш врз основа на својот личен опит ќе дознае дека умот, со своето навлегување внатре, само почнува да jа отфрла секоа своја помисла, и станува единствен и оголен,

и не бива зафатен со спомнување на ништо друго, освен со повикувањето на нашиот Господ Исус Христос, а напротив, ако излезе оттаму и се најде пак меѓу надворешните работи, веднаш почнува да се расејува со многувидни спомнувања.

Пренесено од книгата “Добротољубие” Том 5, Иноците Калист и Игнатиј Ксантопул: Поука на оние кои безмолствуваат