. Поуки за покајанието

1.Тешко мене! Во каков срам се наоѓам! Она што е скриено во мене не е како она што се гледа!

Јас имам само надворешен вид на побожност, но силата на побожноста ја немам.

Со какво лице ќе излезам пред Господа? Он ги знае тајните на моето срце.

Бидејќи сум одговорен за толку многу лоши дела, и на молитва кога стојам, треперам од страв да не слегне оган од небото и да не ме уништи.

Но сепак, јас не очајувам, зашто на Господа се надевам.

2.Тврдо е срцето мое. Помрачен е умот мој и размислувањето мое е изменето.

Јас сум како пес, кој „се враќа на својата блувотина“ (2. Петар 2,22).

Чисто покајание немам, немам солзи кога се молам, иако воздивнувам и во гради се удирам – во ова живеалиште на страстите.

3.Таму ќе се открие она што го правам тајно и она што е јавно.

Каков срам ќе ја опфати душата моја кога ќе ме видат осуден оние, кои сега ме сметаат за беспрекорен!

Откако го оставив она што е духовно, им се потчинив на страстите.

Имам желба да учам други, а сам не се учам; не сакам да се потчинувам, а сакам да ми се потчинуваат;

не сакам да се трудам, а на другите труд тежок им наложувам;

не сакам должна чест на другите да им оддавам, а сакам тие мене да ме почитуваат; јас прекори не поднесувам; а сакам да прекорувам, не сакам да ме понижуваат, а јас понижувам.

Јас сум мудар – совети на другите да им давам, а јас самиот тоа не сакам да го извршувам;

говорам што треба да се прави, тоа го говорам, а што не треба да се прави – тоа го правам.

 

4. Никогаш не вели: „денес ќе погрешам, а утре ќе се покајам.“

Подобро е денес да се покаеш, зашто не знаеш дали утрешниот ден ќе го дочекаш.

5.Ако згрешиме, веднаш треба да се покаеме. Господ секогаш го прима покајанието, ако искрено се каеме.

6.Ако братот наш згрешил, со задоволство го изобличуваме; а ако згрешиме ние, изобличувањата со непријатност ги примаме.

7.„Не противречи ѝ на вистината, срамувај се од своето незнаење.

Не срамувај се да ги исповедаш своите гревови и не задржувај го текот на реката“ (Мудр. Сирах. 4,29-30).

Не вели:

„Ете, згрешив, па што ми стана?

Знај дека Господ е долготрпелив. Не двоуми се да се вратиш при Господа, не одложувај го од ден на ден твоето обраќање“ (Мудр. Сирах. 5,4-8).

„Помни дека гневот не задоцнува“ (Мудр. Сирах. 7,18).

8. „О, кој ќе даде на главата моја вода и на очите мои – извор на солзи?

Јас бев плачел ден и ноќ за убиените на ќерката на мојот народ“ (Јерем. 9,1). На смеата ѝ реков:

„Лудуваш и на веселбата што правиш? (проп. 2,2), бегај од мене, и на солзите:

„дојдете кај мене“, зашто гревот мој е многу голем пред Господа и нема број на моите паѓања во грев.

9.Знаете ли дека кај луѓето има три вида на солзи? Има солзи за видливи гревови; и тие се многу гочливи и суетни.

Има солзи за покајание – кога душата ги посакува вечните блага; тие се многу слатки и корисни.

А има солзи покајни и таму каде „ќе биде плач и чкртање со заби“ (Матеј 8,12).

И тие солзи се горчливи и некорисни, зашто се пролеваат тогаш, кога не е време за покајание.

10. По нашата надворешност – ние сме смирени, а всушност сме жестоки и нечовечни; по надворешноста – сме побожни, а всушност сме убијци;

по надворешноста – полни сме со љубов, а всушност сме непријатели;

по надворешноста наша – ние сме подвижници, всушност сме срам за подвижништвото;

по надворешност сме испосници, а всушност сме морски разбојници;

по надворешноста сме невини по душа и по тело, а всушност прељубодејци;

по надворешност сме отшелници и безмолвници, а всушност, и во срцето наше сме талкачи по светот; по надворешноста сме кротки, а по душа сме горделиви;

по надворешност сме советници, а по срце сме соблазнувачи;

по надворешност сме простодушни, а всушност сме опасни.

Зошто е ова така?

Затоа што немаме вистински страв Божји и што заповедите или не ги знаеме или, и ако ги знаеме, ги толкуваме така како што сакаме.

11. И сега, после многу години на самоисправање, кај мене има уште многу нечисти помисли:

завист, лоши желби, самоугодување, угодување на стомакот, гневливост, славољубие, среброљубие.

Јас сум ништо во себе, а се сметам за нешто; припаѓам во бројот на лошите луѓе, а се трудам да си придобијам слава на свет човек;

живеам во гревови, а за свет сакам да ме сметаат.

Јас самиот сум лажливец, а против лажливците зборувам;

со помисли се осквернувам, а против прељубодејците станувам;

ги осудувам крадците, а на сиромасите навреди им нанесувам;

чист се покажувам, а душата цела ми е нечиста;

во црквата стојам на почесно место, а и за последното не сум достоен;

чест барам да ми се оддава, а за бесчестие сум достоен;

пред жените љубезен се правам, а пред богатите – побожен.

Кога сум навредуван се одмаздувам;

кога ме изобличуваат – се лутам;

се гневам – кога ме мамат;

ги презирам повисоките од мене, а лицемерам, кога пред нив стојам;

на достојниот чест не сакам да му дадам, а јас, иако недостоен, за себе почести барам.

Нема да ги опишувам мислите што секој ден ги имам, грижите за земната суета, мрзливоста во молитвата и страста да озборувам.

Нема да говорам ни за моето одење во црква на свој сопствен начин, за задоцнувањата што намерно ги правам, за бараните среќавања, за лицемерните разговори со жени побожни, за ненаситноста во примањето на дарови, ласкањето – за да добијам повеќе.

Ете, ваков е мојот живот и вакви се моите недостатоци.

Извор: ДОБРОТОЉУБИЕ – Том II