Богоустроеност на исповедта

Исповедта е од Бога востановена Света Тајна заради простување на гревовите, сторени по крштевањето.

Востановена е кога Господ, пo Своето Воскресение, им рекол на Своите ученици:

„Примете Дух Свети! На кои ќе им ги простите гревовите, ќе им се простат, а на кои ќе им ги задржите, ќе им се задржат” (Јован 20, 22-23). Власта за простување на гревовите ја има само Бог.

Таа власт Спасителот им ја дал на Своите ученици, давајќи им Го Светиот Дух. А таа власт Он им ја ветил пред Своето воскресение кога им рекол:

„Вистина ви велам: се’ што сврзете на земјата, ќе биде сврзано и на небото; и се’ што разврзете на земјата, ќе биде разврзано и на небото” (Мат. 18,18).

За да добие вистинско простување на гревовите преку оваа света Тајна, христијанинот е должен искрено и скрушено да се покае за своите гревови, смирено да ги исповеда пред свештеникот, да има решителна намера да се поправи и да биде уверен во неизмерното милосрдие на Спасителот.

Постот и молитвата се одлични евангелски средства кои му помагаат и го утврдуваат човекот во покајничкото расположение.

Покајничкото расположение особено се изразува во искреното исповедање на своите гревови пред свештеникот, во омразата кон гревовите, во одрекувањето од нив и во вршењето на евангелски дела.

Исповедањето на гревовите пред свештеник е неопходно, за да знае свештеникот какви гревови треба да прости и какви духовни лекови треба да препорача за исцелување од нив.

Ако покајникот извршил тешки гревови, тогаш му се налага епитимија, т.е. забрана за Причестување на одредено време и засилување на молитвите и добрите дела, се’ co цел да се искоренат гревовите и човекот да го поправи својот живот.

Што и како да исповедаме?

Постојат многу прирачници за подготовка за исповед, во кои често може да се сретнат разни упатства за себеиспитување и исповедање според десетте старозаветни заповеди, според Блаженствата, Евангелието, житијата и делата на Светите Отци итн.

Ho, исто така, гревот и страстите можеме да ги препознаеме доколку почнеме активен христијански живот.

Па така, кога ќе почнеме да постиме ќе видиме колку сме алчни, ненаситни, невоздржливи, колку му робуваме на стомакот, колку ни значи храната, колку сме сладострасни; кога ке почнеме да се воздржуваме co очите, ќе видиме колку сме биле зависни од гледање на похотливи лица, слики, тела, порнографија итн.

Кога ќе почнеме да постиме co слухот, ќе видиме колку сме биле зависни од оговарање, клеветење и од желбата да слушаме раскажувања за туѓите животи и проблеми.

Кога ќе почнеме да постиме co умот, ќе видиме колку сме зависни од расеаност, разни лоши и развратни помисли итн.

Кога ќе почнеме да ce мoлимe редовно, ќе забележиме како никогаш дотогаш, колку сме расеани, невнимателни.

Кога ќе почнеме да одиме редовно во црква, ќе видиме колку сме мрзливи, неволни, поспани, комформисти итн.

Кога ќе треба да простуваме, ќе видиме колку сме горди и надуени, суетни, помрачени, полни co омраза, завист, гнев и сл. И особено ќе се видиме во подвигот на љубовта, во стекнувањето и практикувањето на најголемата добродетел.

Тогаш ќе видиме во нас студенило, омраза, лицемерие, лажење, дволичност, неприфаќање, отфрлање, осудување, недружељубивост, егоистичност, неподготвеност за себежртвување, непожртвуваност итн.

Сите овие феномени, дел од нив или пак и многу други, ќе ги видиме дури откако ќе почнеме да водиме христијански живот.

Претходно, додека сме му угодувале на ѓаволот, сме им служеле и робувале на нашите страсти, гревови, пороци и зависности, не сме ни биле свесни за присуството на вакви феномени во нас, но откако ќе решиме да живееме согласно Божјата волја, сите овие ќе излезат на површина и постојано ќе ни се испречуваат во нашиот духовен живот и духовно растење.

Кога одиме на исповед мораме да бидеме свесни дека одиме за да ни биде простено и затоа треба да ги исповедаме своите гревови, а не да зборуваме за гревовите на своите ближни, co цел да се оправдаме себеси.

Мораме да се помириме co нашата фактичка гревовна состојба, да си ги признаеме пред себе гревовите, онакви какви што сме ги сториле, за да можеме да ги признаеме и пред Бог и да примиме простување, затоа што нема таков грев за кој сме се покајале, а кој не може да ни биде простен.

Само упорното непокајание и самоубиството не се простуваат, се’ друго се простува откако ќе се покаеме.

He смееме самите да не си ги простуваме исповеданите гревови, туку надевајќи се на милоста Божја, она што ни е исповедано, за што сме се покајале, да го сметаме за простено и повеќе да не се навраќаме на него.

Исто така, исповедта не смее да се претвори во формално набројување гревови, туку треба да имаме жалење за сторените гревови и желба за промена и подобрување.

Пренесено од брошурата “Како да се подготвуваме за Светата Причест” на Повардарска епархија, Велес, 2012 година