Јеромонах Атанасиј Арсоски

ТРАГЕДИЈА НА ЧОВЕЧКАТА СУЕТА!

Човекот е создаден од несоздадениот Бог и, како круна на сето создание, поставен е да биде владетел . Тоа е голема и возвишена позиција. Владеењето, со кое треба да раководи човекот, е нераскинливо поврзано со неговиот љубовен однос кон Бога.

Кога Го љубиме Него, тогаш имаме љубов и кон сѐ она што Тој го љуби.

Од ова произлегува дека основата на човечкото владеење со созданието е љубовта. А нејзина главна карактеристика е пожртвуваноста за другите.

За да се стекне таа карактеристика, потребно е нашето срце да биде исполнето со смирение. Тоа, пак, се состои во реалната свест за себе: кои сме, што сме, за што сме и кои се нашите можности.

Смирението, пред сѐ, се манифестира на егзистенцијален план: ние спаѓаме во категоријата на создаденото, а со самото тоа сме ограничени во рамките на просторот и времето.

Единствениот начин за надминување на овие рамки е преку учество во несоздадените Божји енергии. Тоа се случува кога го отвараме своето срце за љубов кон Бога, кон луѓето и кон целокупното создание, со живо учество во светотаинскиот и подвижничкиот живот на Црквата.

На тој начин, по благодат, ги надминуваме границите на просторот и времето. Ваквиот потенцијал е голема привилегија, но и уште поголема одговорност за човекот.

Затоа е неопходно да се воспитаме во смирен дух .Во спротивно, се соочуваме со опасноста за злоупотреба на возвишената функција што ја имаме во светот, исто како што тоа го сторил светлоносниот ангел (Луцифер ), кога посакал да биде еднаков на Бог.

Грешката му била во желбата да биде владетел во конфронтација со неговиот Бог и Создател, а не во љубовна заедница со Него. Но, неговиот пад не се состои само во таа желба, која била продукт на гордост.

Конечниот пад на големиот и светол ангел се состои во упорноста, односно во одбивањето да се поправи. А не прифатил да се поправи, затоа што не успеал да ја надмине состојбата на повредена суета.

Не е толкав проблем да се појави некоја таква намера и желба, колку што е проблем несоочувањето со тоа и непризнавањето на погрешните желби. Затоа, тој ангел, заедно со другите што му се придружиле, непрестајно заглавуваат во сѐ поголема длабочина на сопствениот пад.

Гордоста и суетата се најсилно оружје за деградација на достоинството на Божјите созданија. Затоа, откако се утврдиле во таквата состојба, овие ангели добиваат друго име, и соодветно на нивните активности познати се како „ѓаволи“ .

Човекот и ангелите се созданија од различна природа. Во човекот се соединети духовниот и материјалниот свет, кои треба да ги хармонизира и да Му ги принесе на Бога. Затоа е создаден да биде повозвишен од ангелите.

Упорноста на паднатите ангели во гордоста и во суетата е, навистина, трагична и жална. Поради нивната бестелесна природа тие, речиси за секогаш, се утврдиле во тоа.

Единствено што сега прават е напредување во таквата состојба и клеветење. Кај луѓето постои можност за секојдневна борба со овие состојби, па поради тоа можеби е и уште потрагична и пожална нашата упорност да живееме гордо, надмено и суетно.

И покрај тоа што знаеме дека не сме си го дале сами животот, и дека основните услови за негово одржување не зависат од нас, сепак многу лесно ни се вовлекуваат помислата и чувството дека сѐ од нас зависи.

Со цел хармонично и љубовно функционирање на човештвото, заради постигнување на целта на постоењето, Бог на секого од нас му дава дарови . Секој од нас, негувајќи го дарот што го поседува, се реализира како личност и придонесува за напредокот на општеството во кое живее, а преку тоа и на целиот свет.

Ние прво треба да ги откриеме даровите што ни се дадени, а потоа да работиме на нивно развивање . Во начинот на соочување со сопствените способности лежи првиот ризик за паѓање во гордост.

Опасноста се состои во високото мислење за себе, поради некој дар што го поседуваме и негуваме. Ова особено доаѓа до израз доколку тој дар сме се потрудиле да го развиеме до повисок степен.

Ако не се обрне внимание, тогаш многу лесно може да се заборави на фактот дека тој талент ни е всушност дар од Бога, и тоа не по некаква заслуга или заради привилегија, туку е израз на Неговата љубов кон нас.

Во оваа категорија, гордоста и суетата се манифестираат така што човекот мисли за себе дека е најдобро упатен во областа за која е стручен. При тоа, секоја забелешка или приговор од останатите му предизвикува повреда на суетата.

Не само што не ги прифаќа, туку со жестина ги отфрла и истовремено преминува во напад и омаловажување на оние од кои произлегле тие забелешки и приговори. И сето тоа без разгледување на оправданоста или неоправданоста на аргументите што му се изложени.

Последица од ваквото високо мислење за себе е отсуство на просперитет, како за поединецот, така и за целата заедница од конкретната област. Не може да има напредок онаму каде што еден или повеќе луѓе сметаат за себе дека се неприкосновени стручњаци, па дури и попаметни од останатите, а особено кога станува збор за колеги.

Напредок во секоја област може да има само кога, со смирение, меѓусебно се разменуваат мислења, забелешки и критики, со цел изнаоѓање на најдоброто можно решение. А кога секој сака да се истакне себеси, тогаш пропаста на многумина е загарантирана.

Во друга категорија припаѓаат оние кои недоволно ги откриле и реализирале своите дарови, па се убедени дека можат да бидат способни за безброј области. Меѓутоа, ако човек не се потрудил да си го открие и да го развива дарот што му е даден, тогаш тој ќе биде површен за секоја друга работа со која се среќава во животот.

Тоа се, обично, приучени и недоучени луѓе, кои се впуштаат во разговори и дискусии за секоја тема. И редовно сакаат да се истакнат како експерти за сѐ, често исо измислено дебело искуство зад себе!

Во основата на ваквиот став и однесување може да лежат и различни психолошки комплекси, натрупани и негувани со текот на годините. Но, и тоа не е реално оправдување, затоа што со надминување на мрзливоста, излегуваат на површина подарените од Бога способности.

Упорното хранење на сопствената гордост преку овој начин доведува до парализирање на духовните сетила, кои веќе не се во можност да детектираат дека времето поминува без да биде позитивно исползувано .

Наместо таквото себенаметнување на околината, треба се покаже воздржание, преку соочување со реалноста. Воздржанието се состои во трудот да не се зема учество во дискусија на теми за кои не сме компетентни.

Тоа ќе биде можно само доколку успееме да ја надминеме сопствената гордост, па да си го прифатиме фактот дека не можеме да бидеме добро упатени стручњаци за секоја тема.

Следна категорија се оние, чија развиена гордост и суета произлегува од раководните позиции на кои се наоѓаат. Власта и славата се тешко искушение за човек кој, претходно, не се потрудил да поработи на чистење на срцето од наслагите на егоизмот и на суетата.

Искушението може да биде засилено ако конкретниот човек во детството и во младоста бил маргинализиран или, пак, не бил во можност да излезе од тесниот круг на малата средина во која живее. Ако сето тоа било придружено и со материјално сиромашни детство и младост, тогаш се додава и патолошката желба за што е можно покомфорен живот.

Овој психолошки комплекс треба на време да се лекува и да се преобразува во позитивна насока. Ако се потиснува, тогаш со тек на годините во душата се произведува бомба, која еден ден ќе експлодира.

Кај таков човек, раководната позиција станува средство за злоупотреба на подвластените, со цел задоволување на сопствените горделиви и среброљубиви апетити.

Се разбира, ретко кој тоа би го признал, не само пред други, туку ни пред себе. Кога на гордоста ќе ѝ дозволиме да си изгради живеалиште во нашето срце, тогаш ни се губи чувството за признавање на сопствените грешки и недостатоци.

Без љубов и смирение не може нормално да се владее и раководи со каква било заедница. Конкретниот раководител си ја гради сопствената пропаст, но тоа не е единствената последица.

Целата организирана заедница со која раководи таков човек е заложник на неговите страсти, и затоа не може да има напредок. Суетниот раководител поставува блиски соработници, со кои во секое време може да манипулира заради свои интереси.

Но, при тоа не го интересира дали тие луѓе се доволно квалификувани за стручната област. Напротив, уште повеќе му одговараат недообразовани, приучени, недоучени, со истиот оној, горенаведен, психолошки комплекс. Потребно е тие само да бидат во негова служба и беспоговорно да ги извршуваат сите негови желби.

Со таков начин не може да стане збор за никаков напредок. На суетниот раководител секогаш ќе му пречат способни, стручни луѓе, кои истовремено се подготвени да работат за општиот напредок, не трудејќи се само нему да му угодуваат.

Ова може да се забележи уште при првиот приговор штотој ќе го добие. Тоа го доживува како забивање нож, и се губи во повредената суета до степен на лудило, па дури и кога очигледно не е во право или, пак, кога ни самиот не може да најде доволно аргументи за својот став.

Уште потрагична е неспособноста за барање прошка. Дури и кога ќе му стане очигледно дека не е во право, не може да го направи вистинскиот чекор кон исцелување и да му рече на подвластениот:

„извини, прости, згрешив. Не бев во право“. Тој потег би бил многу значаен, и во голема мера би му помогнало да почне се ослободува од канџите на сатанската гордост.

Интензитетот на трагичните последици од суетното однесување на раководните лица зависи од видот на заедницата, со која раководат. Ако, на пример, во Црквата некој епископ постапува на таков начин, тогаш духовно го умртвува верниот народ од епархијата што му е доверена да ја управува.

Државниците, со ваков начин на работење и однесување, ја уназадуваат државата и драстично го намалуваат квалитетот на живеење во неа. Истото се случува и во фабрики, фирми со различна дејност, спортски клубови и асоцијации, културно – уметнички друштва итн.

Колку порано ги откриеме симптомите на тешката болест на гордоста, толку полесно ќе биде нејзиното лекување. Ако гордоста и високоумието метастазираат, тогаш за кратко време ќе го доведат нашето битие во состојба на суета .

Господ е секогаш тука за да ни помогне, но ние треба прво да покажеме волја за тоа. Во спротивно, влегуваме во некоја од погоре наведените категории. Не постои за човекот потрагична и побезумна состојба од гордоста.

Затоа, набљудувајќи ги од страна, гордите и суетни луѓе ни се одбивни. Во контекст на тоа, оваа кратка анализа ја завршувам со зборовите на свети Григориј Богослов:

Кога ја гледам брбливоста во нашево време, и луѓето кои преку ноќ стануваат мудреци, како и самопрогласените богослови, кои мислат дека се мудри само затоа што сакаат да бидат, тогаш копнеам по највозвишената философија и ја барам најоддалечената пустина…да немам контакт со ништо човечко, освен со она што е неопходно, и да разговарам со себе и со Бога !

(Зборот „ѓавол“ е македонска варијанта од грчкиот „διάβολος“, што во превод значи „клеветник“. Откако ќе им се дозволи на гордоста и на суетата да си изградат престоли во нас, тогаш клеветењето природно си доаѓа како начин на однесување.
Способности или таленти што ги има секој од нас поединечно. А некои од нив се заеднички за целото човештво.

Словенскиот збор „суета“ значи „празнотија“. Кога гордоста ќе завладее, тогаш човекот е празен, во смисла на исполнување на целта на неговото постоење. Всушност, тој доброволно ја празни душата од присуството на Божјата благодат.
ΕΠΕ, ΓΡΗΓΟΡΙΟΥ ΤΟΥ ΘΕΟΛΟΓΟΥ (4), ΛΟΓΟΙ ΔΟΓΜΑΤΙΚΟΙ, стр. 256.)

Претходна статија„Постигни смирение, и околу тебе ќе се спасат уште илјадници луѓе“ (СВЕТОСТА – ЦЕЛ НА НАШИОТ ЖИВОТ)
Следна статијаИсусе, Спасителу мој спаси ме!