Писмо од Владателката Императорка Александра Фјодоровна До А. А. Врубова 2/15 март 1918 година Тоболск
Најмило мое дете! … Набргу ќе биде пролет, и срцето ликува. Крсниот пат, а потоа Христос Воскресе!
Една година како сме разделени од тебе, но што е времето? Ништо, животот е метеж, сите се подготвуваме за Царството Небесно.
Тогаш нема ништо страшно. Сè може на човек да му се одземе, но душата никој не може да ја земе, иако ѓаволот го следи човекот на секој чекор, лукав е, но треба цврсто да се бориме против него: тој подобро од нас ги знае нашите слабости и ги искористува.
Наша задача е да бидеме на стража, да не спиеме, туку да војуваме. Сиот живот е борба, инаку не би имало ниту подвиг, ниту награда. Зашто сите искушенија, што ни ги испраќа, се допуштени за подобро; секаде ја гледаш Неговата рака.
Ти прават луѓето зло. Прими го без ропот: Тој ќе ти испрати ангел-чувар, Свој утешител. Никогаш не сме сами, Тој е секаде присутен, Сезнаен, Сама Љубов.
Како да не Му се верува.
Сонцето силно свети. Иако светот греши, и ние грешиме, мракот и злото владеат, но Сонцето на правдата ќе засветли, само треба да се отворат очите, дверите на душата да се држат отворени за да се примат зраците на Сонцето во себе.
Зашто ние го љубиме Него, дете мое, и знаеме дека “така треба”. Само потрпи уште малку, душичке, и страданијата ќе поминат, а ние ќе заборавиме на маките, потоа ќе бидеме благодарни за сè.
Велика школа. Господи, помогни им на оние што немаат љубов за Бог во своите ожесточени срца, кои сè гледаат лошо и не се обидуваат да разберат дека сето тоа ќе помине; не може да биде поинаку, Спасителот дојде и ни даде пример.
Оној кој по Неговиот пат, по стапките на љубовта и страданието оди, ја разбира величината на Царството Небесно.
Не можам да пишувам, не можам со зборови да го искажам она што ми ја исполнува душата, но Ти, моја мала маченичке, подобро од сите тоа го разбираш, Ти веќе подалеку и повисоко одиш по скалата.
Живееш како да си тука и не си тука, со други очи гледаш многу, и понекогаш е тешко со луѓето, иако побожни, но нешто недостига.
Не дека сме ние подобри, напротив, би требало да бидеме поснисходливи кон нив.
Сепак, сè уште се лутам. Тоа е мој голем грев, неверојатна глупост.
(Од книгата “Писма на Светите Царски Маценици од заточение”
Издание: Спасо-Преображенско Валаамски манастир, Санкт-Петербург 1998 година)