Дома Духовност Причината за болеста на гневот? (Лествица)

Причината за болеста на гневот? (Лествица)

0
646

Лествица за гневот

Како што телесната треска, сама по себе секогаш иста, има многу а не само еден извор за својот настанок така пламтењето и појавата на гневот и на останатите наши страсти имаат многубројни и различни причини.

Затоа не е ни можно против овие страсти да се одреди еден и ист лек. А ваков совет давам најмногу со цел секој болен со соодветно испитување да си пронајде прикладно средство за неговото лекување.

Прв услов на лечењето е да се дознае причинителот на болеста, за кога ќе биде пронајдена причината да може да се примени и соодветен лек од Промислата Божја и од духовните лекари.

Влезете, како во слика, вие што сакате во Господа заедно со нас да учествувате во ова духовно судење, па на извесен, се разбира, недоволно јасен начин ќе ги испитаме спомнатите страсти и нивните причинители.

И така, гневот како некој тиранин нека биде окован со кротост, па толчен со трпението и влечен од светата љубов на овој суд на разумот, нека биде подложен на сослушување.

„Кажи ни го, луда и нечесна страст, името на оној што те создал и името на твојот родител, а исто така и имињата на твоите погани синови и ќерки.

Не само тоа туку назначи ги и оние што се борат против тебе и што те убиваат.”

А гневот, одговарајќи ни, рече:

„Имам многу мајки и татко не ми е еден.

Мајки ми се: суетата, среброљубието, стомакоугодувањето, а понекогаш и блудот.

Мојот татко се вика гордост.

А моите ќерки: злопамтливост, омраза, непријателство, самооправдување.

Противници, коишто сега ме држат окован, ми се добродетелите спротивни на овие страсти: негневливоста и кротоста.

Мојот потаен непријател се вика: смирение.

А чие дете е тоа, прашајте го во згодна прилика него самото”.

 

На осмиот степен лежи венецот на негневливоста. Но оној којшто го носи во својата природа можеби и нема ниеден друг.

А оној што го стекнал со своја пот, без сомнение воедно ги победил сите осум страсти…