…Но, уште не сум завршила со новите настани и искушенија, кои сѐ повеќе наидуваа.

Првото се случи пред две години, кога најмногу верував дека сум заштитена со најмоќните орудија на верата. Тоа невнимание и гордост беше плоден терен за лошите духови.

Пред полноќ се подготвив за молитва. Верував дека ми беше дадено вистинско молитвено расположение, без напор, туку со потреба на душата.

Задоволно го изгасив светлото и се подготвив за квалитетен одмор до следниот ден. Се обидов да заспијам, изговарајќи ја Исусовата молитва, најнапред гласно, а потоа во себе си. Навистина ми помагаше да си го соберам расеаниот уми побрзо да заспијам.

Неколку пати се случуваше наутро, уште сонеотворени очи, првото нешто за што бев свеснада бидат последните зборови од „Исусовата молитва” – „…помилуј ме”. Си велев, веројатно сум си ја кажувала на сон, бидејќи претходно се врежала во умот. Друго објаснување немав.

Но, да се вратам на таа ноќ. Штотуку почнав да тонам во полусон, за миг, како да видов црна форма што скокна врз мене. Па така во дремка си реков: „Спиј, Марија, веројатно е Дона”.

Инаку, Дона е моето галениче, црна француска пудла што сѐ уште ја чувам. Потонав во подлабок сон, познатата состојба кога спиете, а сепак сте по малку свесни за својата околина и за себе си.

Додека бев легната на грбот, почувствував како нешто стоеше или лежеше врз мене на местото од стомакот до градниот кош.

Тоа, почнувајќи од долниот дел, постепено предизвикуваше чувство на тежина и на нечие присуство.

Појавата не ми дозволуваше да излезам од состојбата на дремка,ниту пак ме ослободуваше да потонам во вистински подлабок сон. На некаков поинаков начин бев свесна дека сум прикована за креветот и залудни беа сите мои обиди да го помрднам телото да удрам со рацете, да се подразбудам и да побарам помош од сопругот кој спиеше до мене.

 

Бев апсолутно беспомошна, а сепак совршено свесна дека не сонувам, дека ме осенува некоја неприродна или надприродна појава.

Рационалното циклично се мешаше со сонот и потсвеста, а стравот се зголемуваше.

Но, сѐ уште не беше започнат вистинскиот кошмар, што ако се случуваше на јаве, нашите официјални психијатри, воглавно атеисти, ќе ми залепеа дијагноза.

Со мали исклучоци, обично тие се горделиво догматски и праволиниски  насочени. Од висина и со потсмев играат „мајтап” со сѐ што излегува од рамките на нивното стекнато знаење – свест,потсвест, несвесно, Јунг, Фројд …

Не е чудо во овој миг веќе да ми ја напишале дијагнозата. Корисно би било да се позанимаваат малку со нау ката за душата како Божја   димензија, па многу работи ќе им станат појасни.

Но, да се вратам на кошмарот. Во таква состојба на свеста, во која јас се најдов, човек е дезориентиран во времето и просторот, па не знам да ви кажам по колку време следеше вистинскиот напад.

Тежината стануваше сѐ поголема, како врз мене да лежеше човек од преку сто и педесет килограми со ризик да ме смачка. Тоа ми предизвика чувство на недостиг на здив.

Оние од вас кои некогаш во животот биле подложени на анестезија, знаат во каква состојба им е свеста веднаш по будењето. Физичкото тело се  чувствува, а сепак не може да се командува. Свеста се подига, па се  слушаат нејасни звуци и разговори од далечина, а потоа пак се тоне во сонливост.

Таква беше мојата психо-физичката состојба, додека го доживував настанот.

Следуваше најужасниот дел. Некој сакаше да ме престраши до самиот раб на човечката издржливост. Во наредните мигови го вкусив злото со целата негова димензија. Сигурно дека човек во будна состојба не би можел да ја издржи таа манифестација на злото, а при тоа да остане здрав.

Знам, залуден ми е обидот да ви го пренесам ужасот, но сепак ќе се  бидам во неколку реченици. Веќе нема да ја нарекувам „појавата”.

Ѕверот се обиде да ми го нанесе последниот удар, покажувајќи ми ја својата моќ. Целата деструкција собрана од илјадници злосторства, фрустрации, страдања, агресија, омраза низ вековите наназад, како да беше акумулирана сега и веднаш и фрлена врз мене да ја вкусам и да ја доживеам.

Тој сакаше јасно да ми покаже кој е тој, од каде доаѓа, од кого ја собира моќта. Ми прикажа крвави предели, откинати делови од човечки тела, гнев, бес и омраза до кинење. Тој преку мене како да врескаше, мразеше, уништуваше и сето тоа заедно е малку за да се објасни како го доживеав пеколот!

Само што помислив дека ќе ме уништи, наиде спасоносен глас, што се артикулира во зборовите:

„Господе Исусе Христе, помилуј мееееее….!

Тоа беше очаен крик; верував дека се разлеа низцелиот град, до горе, до небото. Убедена бев декагласните жици се скинаа.

Ја повторив молитвата уште еднаш и уште еднаш и така до три пати.

Колку и да звучеше тој крик веродостојно, сепак вистината веројатно беше дека гласот можеби излегуваше од некое астрално и не знам веќе какво грло.

Веднаш потоа тежината исчезна, телото се ослободи, ѕверскиот нагон го замени благо спокојство. Скокнав од креветот облеана во пот.

Останав будна и во молитва сè до утрото. Потоа заѕвонив кај мојот духовник. Во моментот тој се наоѓаше во Светата Земја, во Израел.

Ме разбра веднаш, точно знаеше што ми се случило и пред да му раскажам до крај.

Што беше неговиот коментар? Нема да ви откријам…

Знаев, Исусовото име ме спаси!

Извадок од книгата  „Од умот до срцето) Мирјана Даниловска – Мина

Претходна статијаСИЛАТА ШТО МИ ГО ПАРАЛИЗИРА ТЕЛОТО ВО ПОЛУСОН… (На ваши прашања одговара отец Горан Стојчевски)
Следна статијаКои беа жените Мироносици?