ЧУДЕСНИ СЛУЧУВАЊА Милост и милосрдност за Своите избраници. (Мудр. 3; 9)

Отец Пајсиј сакаше Божјата благодат да дејствува во неговиот живот и поради тоа смирено ја искоренувал секоја трага на сопствена волја.

Со тоа се поттикнувала Божествената благодат, која во душата на Старецот дејствувала уште од денот на неговото крштение, и таа создавала чуда.

Старецот секогаш настојувал енергијата (дејствувањето) на Божествената благодат која била во него да ја прикрие од луѓето.

Кога Божествената благодат дејствувала во него и кога тоа некои луѓе ќе го забележеле, Старецот смирено признавал дека тој самиот не прави ништо.

Тој уште во раната младост многу добро разбирал дека од самиот човек е невозможно да потекне каква било вистинска духовна енергија (дејство).

Најчесто, Старецот го прикривал дејствувањето на Божествената благодат, така што луѓето не можеле да забележат. Но, се случувало на некои луѓе, наместо човечка помош да му биде потребна Божествено поттикнување за да поверуваат во Бога и да се поправат. Тогаш Старецот беше присилен да го разоткрие дејствувањето на Божествената благодат.

Бидејќи многу пати мојата недостојна душа беше неспособна да ја разбере Божјата вистина, Старецот го доведував во незгодна ситуација. Не бев во состојба да прифатам каква било човечка помош и тој беше принуден да ми разоткрива некои од духовните обиди за да ме поправи и да ја смири мојата гордост.

Ми зборуваше за различните дејства (енергии) на Божествената благодат која повремено ја покажуваше својата присутност, затоа што ми недостасуваше духовна чувствителност и смирение. Не можеше да ми помогне со човечки методи, затоа го направи тоа со Божјата благодат.

Бидејќи вашата љубов е исполнета со почитување, вера и смирение, верувам дека не е ни потребно да слушате за дејствувањата на Божествената благодат, зашто Божествената благодат им помага на оние, како мене на кои им е потребно „Божествено поттикнување“. А не сакам да го задржам само за себе тоа што сум го видел и слушнал, затоа ќе ви кажувам за тие чудесни случувања. Но, невозможно е сè да биде опфатено со оваа книга.

Потребни се најмалку неколку томови за да искажеме дел од тоа со што преобилуваше духовното дејствување на Старецот, чиј мистичен живот ни е сосем непознат.

Некои од нашите браќа, кои со смирение ја разбраа својата потреба да слушнат што е можно повеќе за откровенијата на Божествената благодат во старец Пајсиј, побараа чудесните случувања да бидат објавени како посебна книга.

Значи доколку некој се согласува со тоа и поседува лично искуство за таквите случувања или пак бил сведок на чудо или на дејствувањето на Божествената благодат и доколку сака да придонесе за ова дело, нека го напише тоа и нека ми го испрати мене или на кој било друг кој сака да пишува за Старецот.

Не е важно кој ќе пишува туку фактот дека ќе биде забележано, зашто денес единствено нешто со што можеме да се гордееме е нашиот милосрден Бог и делата на нашите Отци.

Јеромонах Христодул од Света Гора

***

Едно попладне отидов да го посетам старец Пајсиј. Тие денови ме имаше обземено некое чувство на надменост, што потекнуваше од отсуството на топлина во мојот молитвен живот.

Кога почнав да ги контролирам своите незауздани мисли, почнав појасно да ги согледувам работите. Но, затоа што немав смирение, мислев дека достигнав одредена духовна состојба и поради тоа се чувствував надмено.

Појдов да го посетам Старецот и да ги исповедам своите надмени мисли за кој ви зборував. Отец Пајсиј ме сослуша и не велејќи ништо посебно, почна да ми раскажува:

„Вчера ме посети еден монах и ми рече нешто што ме потсети на случката што сега ќе ти ја раскажам.

Една вечер бев во својата ќелија на Катанукија и ја кажував Исусовата Молитва кога постепено почна да ме обзема чувство на небеска радост.

Истиот момент, мојата ќелија, во која дотогаш имаше само слаба, треперлива светлина од свеќата, беше осветлена од преубава, сино – бела светлост.

Во почетокот светлоста беше многу силна и чувствував, како и моите очи стануваат посилни, за да можат да ја поднесат таа светлина. Беше тоа нетварната светлина! Неколку часови стоев во ќелијата, изгубив чувство за овоземното и престојував во духовен свет, многу поразличен од овој.

Додека бев во состојба на нетварната светлина и небеските доживувања, изгубив секакво чувство за време.

Во еден момент, нетвараната светлина почна да бледнее и се вратив во претходната состојба. Осетив глад, па зедов парче леб. Потоа ожеднев, па се напив малку вода. Почнав да се уморувам, па седнав малку да се одморам.

Се чувствував како животно и се сожалував самиот себе поради тоа. Промената од една ситуација во друга природно роди смирение во мене. Кога ја искусив разликата помеѓу духовната состојба во која се наоѓав и своите овоземни потреби, не ми преостана ништо друго туку да се презирам и да се обвинувам самиот себе за таа состојба.

Нешто подалеку од мојата ќелија, живееше уште еден монах. Погледнав надвор и имав впечаток дека уште е ноќ со полна месечина. Излегов и го прашав:

’Колку е часот? Изгледа уште не се разденило.’

Монахот зачудено и ме праша:

’Што рековте, отец Пајсиј? Не Ве разбрав.’

Дури тогаш сфатив што се случило. Беше десет часот наутро и ’полната месечина’ која ја видов беше всушност сонцето. Нетварната светлина беше толку силна што дневната светлина и сонцето ми изгледаа како ноќ со полна месечина.

Разликата меѓу дневната и нетварната светлина беше како разликата меѓу ноќта и денот.“

Кога Старецот заврши со раскажувањето, ми рече да си одам, зашто го очекуваат и други луѓе. Се вратив во својата ќелија, незначително сфаќајќи ја животинската состојба во која се наоѓав.

***

После турската инвазија на Кипар, еден монах дошол да го посети Старецот зашто се чувствувал многу ожалостен поради страшните разорувања и големиот број на човечки жртви (изгубил и некои роднини).

Отец Пајсиј му беше многу наклонет, зашто беше многу побожен и добар и му понуди да ја помини ноќта во неговата ќелија.

„Утрото, ќе дојде свештеник да служи божествена Литургија. Јас рано ќе те разбудам, така што ќе можеме да ја прочитаме утрената служба и молитвеното правило пред Св. Причест.“

Монахот отишол во својата ќелија, а отец Пајсиј во својата, каде цела вечер се молел. Неколку пати одел до вратата на монахот и на шала велел:

„Отец, да не си имал случајно некое видение? Виде ли ангел?“

Околу два часот наутро, старец Пајсиј го разбудил за да ја служат утрената. Во еден момент, Старецот почнал да го чита молитвеното правило пред Св. Причест.

Монахот го набљудувал лицето на отец Пајсиј кое, додека читал, зрачело со покајание и побожност.

Кога стигнал до 5. песна, во која се вели:

„Марија, Мајко Божја, чесно живеалиште на миомир, со Твоите молитви направи ме избран сосад, да се причестам со светиите на синот Твој“, се случило нешто посебно.

Капелата се исполнила со сино – бела светлост, и светлоста на кандилото чии пламени исто така станале сино – бели, почнала да се движи со лесен ритам.

Во исто време, капелата се исполнила со небески миомирис каков што не може да се опише.

Монахот бил зачуден и не сфаќал што се случува. Го прекинал Старецот, шепнувајќи му:

„Отец, што се случува?“

Му дал знак да молчи и рекол:

„Кажи ја Исусовата Молитва и немој да зборуваш, зашто не посети Пресвета Богородица!“

Некое време, Старецот и монахот останале со главите на подот, се додека сино – белата светлост не ја снемало носејќи ја со себе сета болка и сето патење од срцето на монахот. Наместо нив се појавила радост, надеж, вера и љубов кон Бога, но исто така, и благодарност кон Старецот, кој ја прими Божјата благодат.

Подоцна дошол свештеникот да служи божествена Литургија. Утрото монахот си заминал со длабоко чувство на стравопочитување кон духовната смелост која старец Пајсиј ја имаше пред Бога.

***

Старец Пајсиј минуваше низ многу тежок период. Се појавил проблем во Црквата и многу епископи доаѓаа кај него по совет. Но, тоа беше многу сложен проблем, така што тој иако сакаше не можеше да им помогне.

Како што велеше, без разлика од која страна да се соочуваш со проблемот, секогаш се наоѓаш во духовен ќорсокак. Затоа одлучил своите напори за решавање на овој проблем да ги претвори во молитва.

Во текот на тој период отец Пајсиј непрестајно се молел на Бога да се најде решение за црковниот проблем, а посебно се молел на св. Јефимија:

„Света Јефимија, ти која еднаш реши сериозен проблем со кој се соочувала Црквата, извади ја и сега Црквата од овој безизлез!“

Едно утро во девет часот, додека ја читал службата на третиот час, старец Пајсиј слушнал како некој внимателно тропа на неговата врата и од ќелијата прашал:

„Кој е?“

Слушнал женски глас како одговара:

„Тоа сум јас, отец, Јефимија!“

„Која Јефимија?“

Немало одговор. Тогаш повторно слушнал тропање и прашал:

„Кој е?“

„Јефимија, отец“.

Потоа по трет пат слушнал тропање. Осетил дека некој влегол во неговата ќелија и се движи низ ходникот. Отишол до вратата и ја видел св. Јефимија, која и покрај затворената врата чудесно влегла во неговата ќелија.

Ја видел како се поклонува на иконата Пресвета Троица, која Старецот ја поставил на ѕидот во ходникот.

Старецот тогаш ѝ се обратил на светителката:

„Кажи: Слава на Отецот и Синот и Светиот Дух“.

Светителката разбирливо ги повторила зборовите, а старец Пајсиј во истиот момент паднал на колена и ѝ се поклонил.

После тоа, накратко седеле и разговарал. Не можел сигурно да каже колку долго зашто изгубил секакво чувство за време. Таа нашла решение за сите три проблеми за кој тој се молел. На крајот ја прашал:

„Сакам да знам како го поднесе твоето мачеништво.“

Светителката одговорила:

„Отец, јас да знаев тогаш каков ќе биде вечниот живот и каква е небеската радост во која уживаат душите бидејќи се во близина на Бога, ќе се молев моето мачеништво да трае многу подолго, зашто тоа е ништожно во споредба со даровите на Божјата благодат!“

Од книгата Солзи за светот - старец Тихон, старец Пајсиј, старец Порфириј)

Ќе продолжи…

Извор Премин Портал

Претходна статијаКОГО ОПЛАКУВАШ?
Следна статијаСтарец Пајсиј : лицето на Господ и Богородица имаат боја на зрело жито.