ПРЕД ВРАТА СИ, ЧЕКАШ!
Кога барам за да добијам
и кога давам за да најдам – помилуј ме!
Кога волјата своја ја творам,
во неа се богатам и плотски солзи ронам – помилуј ме!
Кога без елеј заспана,
со неразумните во мрак чекам – помилуј ме!
Кога без свадбено руво,
а на прво место стојам – помилуј ме!
Кога фарисејски молам
и наместо Тебе, моето го фалам – помилуј ме!
Кога молчам за своите,
а гревови туѓи разгласувам – помилуј ме!
И овој ден ме превтаса, а никого не утешив,
ниту болен посетив, ниту гладен нахранив – помилуј ме!
И овој ден ме одмина, а фала не Ти реков,
ниту болка ме зарадува,
ниту неправда ме укрепи,
ниту покајание ме изми,
ниту огнен дух ме воздигна – помилуј ме!
Пред врата си, чекаш,
а срце затворено, не умее да моли.
Како ли да отворам, без Името твое
– Исусе Христе, помилуј ме!
Како Хананејката унизи ме,
со трошките нахрани ме,
само не одминувај ме…
Премилостив, помилуј – помилуј ме!
Мина Даниловска