„А и самиот Христос укажува на оваа новина:

„Нова заповед ви давам, да се љубите еден co друг” (Јован 13, 34). Ho, и пред Христа светот знаел за љубовта, за нејзината вредност и висина. Нели во Стариот завет ги наоѓаме двете заповеди – за љубовта за Бога (5. Мој. 6, 5) и за љубовта за ближниот (3. Мој. 19,18) – за кои Христос рекол дека на нив се крепат целиот Закон и Пророците (Матеј 22, 40)?

Тогаш, во што е новината на оваа заповед, новина не само во моментот на изговарањето на овие зборови од Спасителот, туку и за сите времиња и за сите луѓе, новината што никогаш не престанува да биде нова?

За да одговориме на ова прашање доволно е да си споменеме за еден од основните знаци на христијанската љубов, како што е укажано во Евангелијата:

„Љуби си ги непријателите”.

Овие зборови содржат едно нечуено барање за љубов кон некого што не го љубиме. Затоа тие не престануваат да не’ потресуваат, да не’ вознемируваат, да не’ плашат и, пред се’, да не’ судат, ако не сме оглувеле сосема за Евангелието.

Токму затоа што оваа заповед е нечуено нова, ние најчесто ja заменуваме co своите лукави човечки толкувања за неа. Веќе co векови, и изгледа co чиста совест, не само одделни христијани, туку и цели цркви потврдуваат дека христијанската љубов на дело мора да биде насочена кон своите – дека да се љуби, природно и само по себе разбирливо, значи да се љубат ближните и семејството, своите луѓе, својата земја, сите луѓе и нешта што би ги љубеле и без Христа и Евангелието.

Веќе не забележуваме дека во Православието, на пример, религиозно обоениот и оправданиот национализам одамна е станат вистинска ерес што ја сакати црковната свест, безнадежно го разделува Православниот исток и ги прави сите наши  расноречиви говори за вселенската вистина на Православието лицемерна лага.

Сме ги заборавиле оние другите, не помалку чудни и страшни зборови што Евангелието ги содржи за таа обична „природна љубов”:

„Кој милува татко или мајка… син или ќерка повеќе од Мене, не е достоен за Мене” (Матеј 10, 37) и „Ако некој дојде при Мене и не го намрази татка си и мајка си, жена си и децата свои, браќата и сестрите … тој не може да биде Мој ученик” (Лука 14,26).

Ако доаѓањето при Христа значи исполнување на Неговата заповед, тогаш очигледно, христијанската љубов не само што не е просто засилување, „овенчување” и религиозно одобрување на природната љубов, туку е радикално различна од неа, дури спротивставена на неа. Тоа е навистина нова љубов за која нашата падната природа и нашиот паднат свет се неспособни и Koja заради тоа е неможна во него.

Ho, како можеме да ја исполниме оваа заповед?

Како можеме да ги љубиме оние што не ги љубиме? Зарем не е тајната на секоја љубов во тоа што таа никогаш не може да биде само плод на волјата, на самовоспитувањето, на практиката, дури ни на аскезата?

Преку вежбањето на волјата и преку самовоспитувањето можно е да се стекне „добра волја”, трпение и непристрасност во односите co другите, но не и љубов – за која св. Исаак Сирин вели дека дури „и демоните ги милува”. Тогаш, што може да значи оваа невозможна заповед на љубовта?

Одговорот на тоа може да биде само еден. Да, оваа заповед фактички би била невозможна и, следствено, чудовишна, кога христијанството би се состоело само од заповедта на љубовта.

Но, христијанството не е само заповед, туку и откровение и дар на љубовта. А љубовта е заповедана само затоа што ни е откриена и дарувана пред заповедта.

Само „Бог е љубов”. Само Бог љуби co љубовта за којашто зборува Евангелието. И само во Баговоплотувањето, во соединувањето на Бога и човекот, т.е. во Исус Христос, Синот Божји и Синот Човечки, Љубовта на самиот Бог – или подобро кажано, самиот Бог Кој е Љубов – е објавен(а) и даруван(а) на луѓето.

Bo ова е потресната новина на христијанската љубов – дека во Новиот завет човекот е повикан да љуби co Божествената љубов, која станала љубов Богочовечка, љубов Христова.

Новината на христијанството не е во заповедта да се љуби, туку во тоа што станало можно да се исполни заповедта. Во соединувањето co Христа ја примаме Неговата љубов и можеме да љубиме co неа и да растеме во неа.

„Љубовта Божја се излеа во нашите срца преку Духот Свети, Кој ни беше даден” (Рим. 5, 5), и преку Христа ни е заповедано да престојуваме во Hero и во Неговата љубов.

„Бидете во Мене, и Јас ќе бидам во вас. Како што прачката не може да роди плод сама од себе, ако не е на лозата, така и вие, ако не бидете во Мене… кој што е во Мене, и Јас во него, тој ќе даде многу плод, оти без Мене не можете да направите ништо… Бидете во Мојата љубов!” (Јован 15,4-5,9).

Да се биде во Христа значи да се биде и да се живее во Црквата, која е Христовиот живот, соопштен и даруван на луѓето, која, според тоа, живее преку Христовата љубов, престојува во Неговата љубов.

Христовата љубов е почеток, содржина и цел на животот на Црквата и оваа љубов, всушност, е единствениот знак на Црквата, затоа што се’ друго е опфатено co неа: „По тоа ќе ве познаат сите дека сте Мои ученици, ако имате љубов помеѓу себе” (Јован 13,35).

Љубовта е суштината на светоста на Црквата, затоа што таа „е излеана во нашите срца преку Духот Свети”; суштината на единството на Црквата што „се изградува во љубов” (Ефес. 4, 16); и конечно, суштината на апостолството и на соборноста   католичноста), затоа што Црквата секаде и секогаш е истиот апостолски сојуз „сврзан co врската на љубовта”.

Затоа „Да зборувам на сите човечки јазици, па дури и на ангелски… да имам пророчки дар и да ги знам сите тајни, да ги имам сите знаења за сите работи, a и така силна вера, што и планини да преместувам – ако љубов немам, ништо не сум. И да раздадам целиот свој имот, да позволам телото да ми изгори – штом љубов немам, ништо не ми користи” (1. Кор. 13,1-3).

Зашто само љубовта им дава значење и дејствителност на сите „знаци” на Црквата – на единството, на светоста, на апостолството и на соборноста.

Пренесено од книгата “Евхаристија” од Александар Шмеман (Светата Тајна на единството)

Подготви Мина Даниловска

Претходна статијаАлександар Шмеман – ЦРКВАТА Е СОЈУЗ НА ЉУБОВ (Која е целта на собирањето како Црква?)
Следна статијаКАКО ДА ЗНАЕМЕ ДЕКА НИ СЕ ПРОСТЕНИ ГРЕВОВИТЕ? (За крајот на покајните гревови – Александар Шмеман)