12. ЗА КРАЈОТ НА ПОКАЈНИТЕ ТРУДОВИ (Разг. 20-ти)

221. Совршеното покојание се состои во тоа што не ги правиме повеќе оние гревови, за кои се каеме и за кои не’ изобличува нашата совест, како доказ за тоа дека вистински сме се покајале и дека ни се простени гревовите може да ни послужи нивното изгонување од нашето срце и самото сочувство спрема нив.

Секој треба да знае дека уште не е разрешен од гревовите што ги направил се’ додека пред неговите духовни очи се појавуват случки на неговите грешни дела или и на грешните дела на другите луѓе, зашто co спомнувањето за нив уште се расипува внатрешната добра расположба на душата.

Затоа, оној што се труди да ја исчисти својата душа само тогаш може да смета оти неговите гревови му се простени, дека е разрешен од нив, дека е ослободен од сите свои гревови во својот изминат живот, тогаш, кога ќе почувствува дека не се трогнува ни најмалку од нивните соблазнувања и од нивните вообразби.

Оној што ja проверува нашата совест постојано се наоѓа во неа, се’ до страшниот суд и се’ додека се наоѓаме во нашето тело, Он ни објавува кога ни се простени гревовите и кога треба да престанат нашите молитвени просби за нивното простување.

И за појасно и поодредено да го изразам ова што го реков, ќе го кажам и ова: тогаш, најпосле, можеме да поверуваме дека ни се простени гревовите и дека сме исчистени од гревовните нечистотии, кога од нашето срце ќе бидат конечно изгонети и сластољубивите желби и страстите.

222. Прашање:

Но како може потоа да се раѓаат во нас онаа света и спасоносна скрушеност и она смирение, кои се така убаво опишани од големиот покајник, кој вели:

“И Ти ми го прости гревот мој” (Псал. 31,5)

или како би можеле за време на молитвата да ги поттикнуваме во себе покајните солзи, кои имаат сила да ни донесат простување на гревовите, така како што го прави тоа блажениот Давид, велејќи:

“Се уморив воздивнувајќи; секоја ноќ го навлажнувам леглото мое, co солзи свои ја натопувам постелата моја” (Псал. 6,7), ако го изгониме од нашата душа секој спомен за нашите гревови, кој co словото Божјо ни е заповедано добро да го запазуваме:

“А Jac, Jac Сам ги бришам твоите престапи заради Самиот Себе и гревовите твои нема да ги спомнам” (Иса. 43,25).

Затоа јас и за време на мојата рачна работа, како и за време на моите молитви, особено настојувам да си спомнувам и за моите некогашни гревови, за навистина да се смирам вистински и да имам скрушеност во моето срце и да можам смело заедно co пророкот да велам: “Погледај ги страдањата и маките мои, па прости ми ги сите гревови мои” (Псал. 24,18)

223. Одговор: Ова е речено за крајот на покајанието и за белегот, co кој се задоволува совеста и Божјата правда. A она што се однесува за спомнувањето на нашите гревови, и за што рековме, дека и тоа е и корисно и потребно, но само за оние што уште минуваат низ подвигот на покајанието, така што, удирајќи се в гради непрестајно да повторуваат и да велат:

“Ете, во беззаконие сум зачнат и во грев ме роди мојата мајка” (Псал. 50,5) и уште:

“Беззаконието свое го признавам и ќе се смирувам поради гревот мој” (Псал. 37,18). Затоа, кога се каеме, тогаш споменот за нашите некогашни гревови уште не’ ранува, ни нанесува болка, тогаш е потребно дождот од солзи, кој се раѓа од сознанието за нашата виновност, да го изгаснува огнот што гори во совеста.

A кога поради длабокото и срдечно смирение и скрушеноста на духот, при неуморниот покајнички труд и воздивнувањата поради направените гревови – ќе биде отапено и бодилото на совеста co силата на милосрдниот Бог и кога ќе настане мир во нашата душа, тогаш ќе ни стане јасно дека настанал крајот, дека сме очистени од гревовите, дека се очистени од нас и нечистите скверни од сите наши гревови.

До заборавањето на гревовите не доаѓа поинаку, освен преку нивното очистување и преку отстранувањето на страсните желби како последица на потполното очистување на срцето, а ова не може да го постигне никој од оние, кои од мрзеливост или негрижа не внимаваат за очистувањето и отстранувањето на своите страсти.

Само оној, кој горко плаче и co непрестајни воздивнувања и солзи ќе ја измие сета нечистотија од своите некогашни гревови и страсти, може, по сите тие покајни трудови, co сета сила на душата да вика кон Бога:

“Јас го познав гревот мој и не го сокрив беззаконието свое” (Псал. 31,5) и:

“Солзите мои беа леб за мене дење и ноќе” (Псал. 41,3), па, како последица од сето тоа, заслужено Го слушаме Господа како ни вели: “Ќе ги избришам како магла твоите беззаконија и твоите гревови – како облак” (Иса. 44,22).

224. Ти ми рече дека особено настојуваш да ги предизвикуваш спомените за твоите некогашни гревови. Ова не треба да го правиш. Дури, ако и против твојата волја ти дојде некој ваков спомен, него треба веднаш да го прогонуваш, зашто тој го оддалечува твојот ум од чистото.

Ова е особено опасно за оние што се наоѓаат во отшелничка осаменост, зашто тоа го враќа во нечистотијата на овој свет и го задушува co нечистотиите на страстите. Зашто тогаш, кога ги обновуваш спомените за она што си го направил некогаш според нашепнувањата на кнезот од овој свет, од тоа може да ти се поткраде некаква наслада од спомнувањата за твоите некогашни гревови.

И така, и самиот духовен допир co некогашната нечистотија може да го загади воздухот на твојот ум co одвратна смрдеа. Затоа, кога спомнувањето за твоите некогашни грешни и страсни дела ќе зачука на твоите чувства, тогаш треба да скокнеш и да бегаш, како што бега чистиот и невин човек од бесрамната и напасна жена, која сака да го гушне и да го соблазни co своите срамни разговори.

Ако не ја отфрли веднаш од себеси, ако не ја спречи да се допре до него и ако и’ дозволи да остане само кратко време да се задржи и да разговара co него, па и кога нема да се согласи да згреши co неа, сепак нема да одбегне да биде осудуван од сите што ќе го видат во разговор co неа, затоа што си дозволил нешто срамно и достојно за прекор.

Така и ние, ако бидеме воведени во таков вид заразни помисли и спомнувања, тогаш не смееме да си дозволиме да се задржиме подолго co нив, туку треба веднаш да отстапиме од таквите вообразби, така што ангелите, минувајќи, да не не’ видат заплеткани во такви нечисти и срамни помисли, да не бидат попречени да речат за нас:

“Благословение Господово на вас; ве благословуваме во името на Господа!” (Псал. 128,8).

Ho ce случува и тоа: некој од неопитните, co чувство на скрушеност да си спомнува за своите гревовни паѓања – своите или на другите луѓе, без да забележи дека бива устрелуван co најтенката стрела на телесната похот и се согласува co неа.

На тој начин, она што било започнато co побожна цел – завршува co срамен и смртоносен крај. Еве, што вели за ова премудриот Соломон:

“Има патишта кои на човекот му изгледаат прави, но крајот им е пат кон смртта” (Изрек. 16,25).

Пренесено од книгата “Добротољубие” Том 2, (Свети Јован Касијан Римјанин)

Подготви: Мина Даниловска

Претходна статијаХРИСТИЈАНСКАТА ЉУБОВ Е РАДИКАЛНО РАЗЛИЧНА ОД `ПРИРОДНАТА ЉУБОВ`…(Александар Шмеман за дарот на љубовта)
Следна статијаЖИВЕАМ ВО ГРЕВОВИ, А ЗА СВЕТ САКАМ ДА МЕ СМЕТААТ! “Добротољубие” (Свети Ефрем Сирски)