ГЛАДЕН БЕВ И МИ ДАДОВТЕ ДА ЈАДАМ…

+++

Пријатели мои, со години сме тука заедно за да споделиме, да се подучиме, да се разобличиме , да прогледаме по малку и да проодиме благодарение на благодатните поуки на светиите од преданиските и денешните отци, се` во име на Христа.

Се молиме меѓусебно, се тешиме, се усмеруваме, страдаме едни за други…се` тука и гласно коментирајќи, подучувајќи се.

Но, време е веќе што почесто, најпрвин самата, а потоа сите заедно да почнеме да размислуваме запрашувајќи се :

Колку и дали ги живееме нашите напишани зборови, за верата да не ни остане мртва и без дела?

Колку и дали на човекот, ближниот наш, дури и непријателот нека е, зашто  е со образ Божји, конкретно сме му се дале кога е во неволја и страда?

Колку на број милосрдни дела овој месец извршивме со Божја помош и заради Христа?

Колку од Неговото дадено и ние раздадовме, споделивме?

Ни останаа ли срцата скаменети од веста дека еден наш брат, ближен, тука меѓу нас , очајно страда и Христос преку него БАРА да го нахраниме и облечеме и утешиме и раните да му ги превиеме?

Дали равнодушно преоѓаме преку таа вест?

Кои сме ние всушност во приказната за – Самарјанинот?

А ова е лично негов крик, на еден наш ближен, и можен наш спасител:

„Пријатели,  СЕ БОРЕВ ЗА СИТЕ…сега мене ми е потребна помош, не ме оставајте сам :(! “ ( напиша)

Само за миг треба да се ставиме себе си, или нашите најблиски на местото на овој наш брат и да го направиме – тоа што би сакале нам другите да ни го направат.

Зашто, – Што ќе си посее човекот, тоа и ќе си жнее!

Најмалку би сакала ова мој спонтан апел некако да ви прозвучи патетично, превознесено, или славољубиво, туку, како што е, зашто, пред малку лично ги чув солзите и вапајот на нашиот брат и за тоа, од срце и до крај понизно и искрено ве молам:

Како што сиве овие години заедно за Христа сме проповедале, така и овој пат , сите заедно на дело и спрема силите да ја спроведеме Евангелскато препорака
и на гладниот и жедниот и голиот да му послужиме и на дело , а во Слава на Бога да го оправдаме нашето присуство овде.

„„… Oти, гладен бев и Ми дадовте да јадам; жеден бев и Ме напоивте, странец бев и Ме примивте;

36. необлечен бев и Ме облековте;

болен бев и Ме посетивте; во затвор бев и дојдовте при Мене.«

 

37. Тогаш праведниците ќе Му одговорат и речат:

»Господи, кога Те видовме гладен и Те нахранивме, или жеден и Те напоивме?

38. Кога Те видовме странец и Те прибравме, или необлечен и Те облековме?

39. Кога Те видовме болен, или во затвор, и Те посетивме?«

 

40. А Царот ќе им одговори и рече:

»Вистина, ви велам: доколку сте го направиле тоа на еден од овие Мои најмали браќа, Мене сте Ми го направиле.«

Поинаку, (секој за себе,) треба да подразмислиме на кој Евангелски лик наликуваме ?!

Претходна статијаЗa вистинското смирение! (Св. Нектариј Егински)
Следна статијаБорба против искушувачот (Св. Јован Кронштатски)