Преподобен Никита Ститат
Третата стотица на теориски (мисловни) глави, – за љубовта и совршенството на животот
72. Бидејќи сме чувствени, духовни и разумни, и ние од себеси сме должни да Му принесеме на Бога некаква десетина. Како чувствени, должни сме добро да ги восприемаме чувствените впечатоци од материјалните работи и преку нивната убавина да брзаме кон созерцанието на нивниот Создател;
како духовни – должни сме да говориме добро за божествените и за човечките работи;
како разумни – треба да имаме непогрешни разбирања за Бога, за вечниот живот, за духовното царство и за духовните тајни што се скриени во него, така што, по строго испитување, да се покажаме дека правиме и беспрекорно чувствуваме, говориме и мудруваме во Бога, а во ова се состои вистинската вера на нашето совршенство и светиот принос на Бога.
73. Нашиот вистински десеток на Бога е душевната Пасха, односно преминувањето на сѐ што е страсно во нас и нашата неразумна чувственост.
Откако ќе вкусиме од Пасхата, откако ќе се причестиме од непорочното Јагне „Кое ги зема гревовите на светот“, тогаш нема да умреме, според зборовите на Господа, ќе живееме вечно (Јован 6, 50-51).
74. Оној што се ослободил од мртвите дела, тој воскреснал заедно со Христа. Ако воскреснал во Христа во знаење дека „Христос, откако воскресна од мртвите, нема веќе да умира“ (Рим. 6,9), тогаш и со нас смртта нема веќе да владее.
Зашто, кој умрел некогаш со гревот, откако отпаднал од природното движење, тој умрел еднаш, а оној кој живее сега – живее во Бога, со слободата на Светиот Дух, кој го ослободил од грешните дела, така што, потоа тој веќе не живее за своето тело и за светот, зашто веќе умрел за членовите на своето тело и за животните дела, но Христос живее во него, зашто е веќе под благодатта на Светиот Дух и не е веќе под законот на гревот, доколку членовите на своето тело ги предал да бидат орудие на правдата – на Бога и Отецот.
75. Оној што ги ослободил своите членови од робувањата на страстите и ги предал во ропство на правдата, тој се приближил до осветувањето од Светиот Дух, издигнувајќи се над законот на телото.
И гревот веќе нема да владее над него, зашто тој живее во слобода и под законот на Духот.
Зашто, не е таков крајот од робувањето на страстите каков што е крајот од ропството на правдата.
Првото ропство се завршува со духовно погубување на душата, а второто робување е ропство на правдата кое воведува во вечниот живот – „во Исуса Христа нашиот Господ“ (Рим. 6, 12-23).
76. Законот на телото владее со човекот кога тој живее телесно; а кога умира и се умртвува за светот, тогаш се разрешува законот на телото.
Само преку умртвувањето на телото се умртвуваат неговите членови; ние стануваме мртви за телото и за светот тогаш, кога се соединуваме со Светиот Дух.
А можеме да се сметаме дека сме соединети со Светиот Дух само тогаш, ако Му принесуваме на Бога плодови на Духот, а тоа сеː љубовта спрема Бога со сета наша душа, љубовта спрема ближниот со сето наше срце, радоста на срцето со чиста совест, душевен мир со бестрасност и смиреност, мир на помислите и на умот, долготрпеливост во искушенијата и страдањата, добрина и благородство на душата, највнатрешна вера во Бога, која никогаш во ништо не се колеба, кротост во смирената мудрост и умиление, како и потполна воздржливост на чувствата.
Кога ќе почнеме да Му принесуваме вакви плодови на Бога, тогаш ќе бидеме надвор од законите на телото, кои сме ѝ ги принеле на смртта.
Зашто сме се ослободиле од нејзиниот закон – како воскреснати со Христа од мртвите дела, преку слободата на Духот.
Изворː ДОБРОТОЉУБИЕ, Том V.
Подготви Светланка Трајчева