Еве, заврши. Го нема. Го заврши својот живот, лежи неподвижен, без дишење и без глас.
– Што е човекот? – Сон и сенка. Ангелите, кои ја зеле неговата душа, се издигнуваат кон небото, таму каде што се начелствата и властите – управителите на нечистите духовни сили.
Тие се нашите лоши обвинители; овде на земјава тие не’ соблазнуваат и искушуваат, запишувајќи ги нашите лоши дела, а таму се наши мачители.
Тие ја среќаваат душата на овој нејзин пат, ја набљудуваат и гревовите нејзини ги набројуваат – гревовите на нејзината младост и на староста, волните и неволните, оние направени со дела, зборови и помисли.
О, каков страв и каков трепет преживува таму душата!
Неискажлива е маката, која тогаш ја има душата од множествата на мрачните непријатели, кои тогаш ја окружуваат душата, ја клеветат и не и’ даваат да го продолжи патот свој кон небото, не и’ даваат да влезе во царството на животот и да се насели во светлината на живите.
91. И така, откако ангелите ја зеле душата, ја водат по патот, кој само на нив им е познат, а ние, откако ќе го исчистиме и подготвиме телото, во гробиштата го носиме и таму со нова и страшна тајна се среќаваме.
Малите и големите, царевите и слугите, господарите и робовите, – сите во прав и пепел се претворуваат, во смрдеа и гниење.
Тогаш сите се еднакви: и благородниците и простите, и младите и старите, и болните и здравите и силните сите стануваат она што им е определено во почетокот – земја и пепел (сп. 1. Мој. 3,19) – Разлика никаква нема меѓу нив. – Навистина, голема и страшна тајна стои пред нас!
Гледаме дека разликите на возраста таму се губат, се изменува секоја телесна убавина, убавината на лицето исчезнува, пријатната топлина на очите изгаснува, запечатени се убавите и румени усни, навитканите и сплетени коси изгниваат. Се’ се скршило. Говориме и никој од нив не не’ слуша; плачеме, и никој од нив за тоа ништо не знае.
92. Ако ги прашаме оние што лежат во гробовите : “Каде, појдовте браќа наши? Каде сте сега и каде е вашето живеалиште? Проговорете! Сакаме со вас да поразговараме, како некогаш што разговаравме; гласот ваш сакаме да го чуеме! За нас би било поучно да го чуеме нивниот одговор. Еве, што тие би ни кажале:
“Ние заминавме, ве оставивме вас, кои уште на земјата живеете. Нашите души се на места, какви што заслужиле. А она што го гледате пред вас, тоа е правот и смрдеата, што останале од нашето некогашно тело, кое некогаш толку многу сме го сакале.
Тоа е остаток од телата на младичите и на девојките, кои некогаш толку многу сте ги сакале и во прегратките свои сте ги гушкале и бакнувале.
Тие озабени дупки на черепите – вие дење и ноќе сте ги покривале со нечисти и грешни бакнежи.
Овој гној и оваа одвратна влага, тоа се нашите некогашни тела, во чија прегратка на гревот му се предававте.
Затоа, внимавајте и сфатете ја потресната вистина: гушкајќи ги и бакнувајќи ги вашите сакани, знајте дека прав и пепел гушкате и бакнувате.
Знајте дека, кога делови различни на телото нивно бакнувате, смрдеа и гној бакнувате.
Затоа знајте, кога со љубов кон нив се распалувате, дека предметот на вашите љубовни копнежи се: црвите, пепелта и смрдеата.
Младичи и девојки, не предавајте и’ се на заблудата.
Не измамувајте се со суетната убавина на младоста; и ние, што сега пред вас лежиме, како изгниени мртовци, некогаш – тогаш кога живеевме, како и вие сега што живеете, и ние лични бевме, убаво се облекувавме, се украсувавме, со скапоцени мириси се мачкавме, сакани бевме и сакавме и на земниот живот му се радувавме, а ете, како што гледате; сето тоа стана кал, прав, пепел и смрдеа.
Не измамувајте се веќе; од нас кои живеевме пред вас, а сега телата наши во гробовите ги гледате, и научете се, пазете ја вашата душевна и телесна чистота; поверувајте дека има праведен суд и маки без крај, дека има непрониклива темнина и маки пеколни, дека црвот пеколен никогаш не спие, дека плачот и чкртањето со заби никогаш не престануваат и дека страдањата немаат крај.”