Бесрамност и немање на почитување
ДРСКОСТА ЈА БРКА ПОБОЖНОСТА
Старче, од каде доаѓа дрскоста?
Дрскоста претставува немање срам; таа далеку го изгонува стравот Божји, како чадот со кој ги бркаш пчелите од кошницата.
Старче, како да се ослободам од дрскоста?
Сметај се себеси за помал од сите. Потребно е многу смирение. Како млада, каква што си, кон сите сестри негувај почитување и усрдност. Својата помисла кажи ја смирено, а не како да знаеш се’. Тогаш Бог ќе те посети со Својата благодат и ќе напредуваш.
За послушникот дрскоста е најголем непријател затоа што ја брка побожноста. Обично, поспе дрскоста, настапува отпор, а потоа бесчувствителност и незаинтересираност за малите гревови на кои човекот малку по малку се навикнува, за подоцна на нив да почне да гледа како на нешто сосема нормално.
Сепак, во длабочината на душата нема мир, туку само напнатост. И човекот не сфаќа што носи во себе затоа што срцето му е валкано, така што не чувствува дека се движи во погрешен правец.
Старче, во каков однос се простодушноста и дрскоста?
Една работа е простодушноста, а друга дрскоста. Простодушноста во себе содржи и побожност и нешто детско, а дрскоста содржи безобѕирност.
И во непосредноста многупати има бесрамност. Во непосредноста и во простодушноста често се крие бесрамност, доколку човекот не внимава. Говори: „Јас по карактер сум непосреден” или: Јас сум простодушен”, а тогаш, не сфаќајќи што прави, зборува бесрамно. Но едно е простодушноста, а друго – бесрамноста.
Старче, што е тоа „духовна затегнатост”?
Духовна затегнатост е страв Божји во добра смисла.
Тој страв, таа згрченост донесува радост, точи мед во срцето, духовен мед! Гледаш, едно детенце кое е срамежливо, го почитува својот татко, се крие и од многу срамежливост не го ни гледа.
Треба ли нешто да го праша, поцрвенува! Таквото дете треба да го ставиш на иконостас. Друго дете мисли: “Татко ми е”, и се мачи пред него, безобѕирно и дрско. И кога нешто ќе посака, бара да му се даде, тропа со нозете по подот, се заканува.
Во едно добро семејство децата се однесуваат слободно.
Постои почитување, но децата не се стегнати; нема војничка дисциплина. Им се радуваат на својот татко, на својата мајка, и тие им се радуваат ними. Љубовта не познава срам, вели ава Исак.
Во неа има смелост, но во добра смисла на зборот. Оваа љубов во себе содржи побожност и почитување, оваа љубов го победува стравот. Некој е стегнат, се срами, но и се плаши затоа што не е стегнат на вистински начин. Некој е стегнат, но не се плаши затоа што е вистински, духовно затегнат. Кога затегнатоста е духовна, се чувствува радост.
Детето, заради пример, во љубовта кон таткото и мајката чувствува смелост, не се плаши дека ќе го истепаат. Ја зема капата од својот татко, кој, можеби, е офицер. Ја фрла и се радува. Тоа е едноставно, но не е бесрамно. Ако недостасува почитување, затегнатост, доаѓаме до дрскост, до бесрамност.
А после можеш да слушнеш како девојка, лежејќи на кревет, говори: „Мамо, дај ми чаша вода. Нека биде ладна!… А, не е ладна. Ти реков да ми донесеш ладна”.
Така почнуваат, а после доаѓаат до тоа да говорат: „И зошто жената да се плаши од мажот /Еф. 5, 33/?” Во стравот е почитувањето, а во почитувањето – љубовта. Оној што го почитуваш, него и го сакаш, и оној што го сакаш, него и го почитуваш.
Жената треба да го почитува својот маж, а мажот да ја сака жената. Но, сега се’ е обезвреднето, семејствата се распаѓаат затоа што погрешно се сфаќа Евангелието.
Мажот вели: „Жената треба да слуша”. Но, ако немаш љубов, не ќе можеш ниту една мачка да потчиниш. Ако немаш љубов, твојот ближен ќе го чувствува тоа, и ни една чаша вода не ќе можеш да побараш да ти донесе.
Кога некој го почитува својот ближен, самиот себеси се почитува и повеќе не мисли на себе. Почитувањето кон ближните во себе носи усрдност. Кога човек мисли на себе, тука нема усрдност.
Пренесено од книгата “Со болка и љубов кон современиот човек” од старец Пајсиј Светогорец