Еве, заврши. Го нема. Го заврши својот живот, лежи неподвижен, без дишење и без глас. – Што е човекот? – Сон и сенка. Ангелите, кои ја зеле неговата душа, се издигнуваат кон небото, таму каде што се начелствата и властите – управителите на нечистите духовни сили.

Тие се нашите лоши обвинители; овде на земјава тие не’ соблазнуваат и искушуваат, запишувајќи ги нашите лоши дела, а таму се наши мачители. Тие ја среќаваат душата на овој нејзин пат, ја набљудуваат и гревовите нејзини ги набројуваат – гревовите на нејзината младост и на староста, волните и неволните, оние направени со дела, зборови и помисли.

О, каков страв и каков трепет преживува таму душата! Неискажлива е маката, која тогаш ја има душата од множествата на мрачните непријатели, кои тогаш ја окружуваат душата, ја клеветат и не и’ даваат да го продолжи патот свој кон небото, не и’ даваат да влезе во царството на животот и да се насели во светлината на живите.

91. И така, откако ангелите ја зеле душата, ја водат по патот, кој само на нив им е познат, а ние, откако ќе го исчистиме и подготвиме телото, во гробиштата го носиме и таму со нова и страшна тајна се среќаваме. Малите и големите, царевите и слугите, господарите и робовите, – сите во прав и пепел се претворуваат, во смрдеа и гниење.

Тогаш сите се еднакви: и благородниците и простите, и младите и старите, и болните и здравите и силните сите стануваат она што им е определено во почетокот – земја и пепел (сп. 1. Мој. 3,19) – Разлика никаква нема меѓу нив. – Навистина, голема и страшна тајна стои пред нас!

Гледаме дека разликите на возраста таму се губат, се изменува секоја телесна убавина, убавината на лицето исчезнува, пријатната топлина на очите изгаснува, запечатени се убавите и румени усни, навитканите и сплетени коси изгниваат. Се’ се скршило. Говориме и никој од нив не не’ слуша; плачеме, и никој од нив за тоа ништо не знае.

92. Ако ги прашаме оние што лежат во гробовите : “Каде, појдовте браќа наши? Каде сте сега и каде е вашето живеалиште? Проговорете! Сакаме со вас да поразговараме, како некогаш што разговаравме; гласот ваш сакаме да го чуеме! За нас би било поучно да го чуеме нивниот одговор. Еве, што тие би ни кажале:

“Ние заминавме, ве оставивме вас, кои уште на земјата живеете. Нашите души се на места, какви што заслужиле. А она што го гледате пред вас, тоа е правот и смрдеата, што останале од нашето некогашно тело, кое некогаш толку многу сме го сакале.

Тоа е остаток од телата на младичите и на девојките, кои некогаш толку многу сте ги сакале и во прегратките свои сте ги гушкале и бакнувале. Тие озабени дупки на черепите – вие дење и ноќе сте ги покривале со нечисти и грешни бакнежи.

Овој гној и оваа одвратна влага, тоа се нашите некогашни тела, во чија прегратка на гревот му се предававте. Затоа, внимавајте и сфатете ја потресната вистина: гушкајќи ги и бакнувајќи ги вашите сакани, знајте дека прав и пепел гушкате и бакнувате.

Знајте дека, кога делови различни на телото нивно бакнувате, смрдеа и гној бакнувате. Затоа знајте, кога со љубов кон нив се распалувате, дека предметот на вашите љубовни копнежи се: црвите, пепелта и смрдеата. Младичи и девојки, не предавајте и’ се на заблудата.

Не измамувајте се со суетната убавина на младоста; и ние, што сега пред вас лежиме, како изгниени мртовци, некогаш – тогаш кога живеевме, како и вие сега што живеете, и ние лични бевме, убаво се облекувавме, се украсувавме, со скапоцени мириси се мачкавме, сакани бевме и сакавме и на земниот живот му се радувавме, а ете, како што гледате; сето тоа стана кал, прав, пепел и смрдеа.

Не измамувајте се веќе; од нас кои живеевме пред вас, а сега телата наши во гробовите ги гледате, и научете се, пазете ја вашата душевна и телесна чистота; поверувајте дека има праведен суд и маки без крај, дека има непрониклива темнина и маки пеколни, дека црвот пеколен никогаш не спие, дека плачот и чкртањето со заби никогаш не престануваат и дека страдањата немаат крај.”

93. Ете, на ова не’ учат браќата наши, кои пред нас во другиот свет преминале; не’ учат не со зборови, туку со дела. Да се разбудиме од длабокиот сон. Да престанеме да се мамиме со празни надежи. Да не му дозволуваме на лукавиот непријател да се подбива со нас. Да не му веруваме кога не’ мами дека животот наш е долг.

Многумина така мислеле и не доживувале до утрешниот ден; ненадејно смртта ги грабнувала, како јастребот што ја грабнува птичката и волкот јагнето. Едни заспивале здрави навечер, никогаш не се разбудиле, а други – седејќи на трпеза, душата своја ја испуштиле; други одеднаш за време на гозби и прошетки умреле; некои во бања умреле и во неа го нашле своето погребно измивање; некои умреле на денот на својата свадба, од брачната постела биле грабнати и брачната облека им станала и погребна, а оние што на свадбата свиреле го зазеле местото на тажачите и на тажачките.

Сето ова го знаеме и сепак тоа не престанува да не’ измамува. Затоа и милост кај Бог нема да најдеме, зашто не по незнаење, туку знаеме – и во измама паѓаме. Затоа ве молам, не бивајте само слушатели на учењето што го слушате, туку бидете и негови извршители.

94. Каков страв и каква мака преживуваме кога излегуваме од овој живот, кога душата се одделува од телото? Тогаш голема и страшна тајна станува! Кај душата се присутни големо мноштво ангели; таму се и непријателските сили и кнезот на темнината.

И едните и другите се борат за душата. При тоа, ако душата направила добри дела, ако живеела чесно и ако била добродетелна, тогаш нејзините добродетели ја окружуваат, како ангели, и не им дозволуваат на лошите сили да се допрат до неа; па така таа, со радост и веселба, заедно со светите ангели – се издигнува право кон Господа и Царот на Славата, Кому Му се поклонуваат заедно со сите небесни сили.

И, најпосле, душата бива водена на местото на спокојот, во радост неискажлива, во вечна светлина, каде нема ни жалост, ни солзи, ни грижи, туку каде што е животот бесмртен и вечната радост во царството небесно, каде што се настанети сите оние што Му угодиле на Бога. – А, ако душата во овој свет живеела срамно, ако им се предавала на срамните страсти, ако се занесувала по телесните задоволства, таа и таква душа бива грабнувана од демоните. Тие ја окружуваат и не им дозволуваат на ангелите да се допрат до неа; таа бива грабнувана од кнезовите на темнината.

И додека плаче и пролива солзи, опфатена од страв и трепет, ја водат во темни, мрачни и страшни места, каде се чуваат сите грешници до денот на Страшниот суд. По Општиот суд, таму ќе бидат испратени сите грешници, заедно со сатаната и сите негови ангели. Тоа ќе биде местото на сите маки и вечни страдања.

95. Затоа браќа, да се покаеме додека уште има време. Да се очистиме од страстите; да се бориме со себеси и да се трудиме место пороците и страстите, да ги придобиеме добродетелите во нашето срце, кои, по нашето излегување од телото, ќе бидат наши закрилници и заедно со Божјите ангели ќе застанат пред нашиот Бог и Господ и ќе испросат милост и благослов за нас.

Пренесено од книгата “Добротољубие” том 2 (Списи – подвижнички поуки од Свети Ефрем Сирски)