Света Ана, мајката на Пророкот Самуил
Св. Ана Му испеа на Бога благодарствена песна, чудесна според мудроста и убавината, па нејзе и ден денес ја пеат во богослужбите на Црквата (1 Сам. 2, 1).
И се молеше Ана и велеше:
„Ми се зарадува срцето мое во Господа; се воздигна рогот мој преку мојот Бог; широко се отвори устата моја против моите непријатели, зашто се радувам поради спасението од Тебе.
Никој не е така свет како Господ; зашто нема друг, освен Тебе; и нема тврдина како нашиот Бог.
Не продолжувајте да говорите гордо; зборови охоли да не излегуваат од устата ваша; зашто Господ е Бог на знењето, и делата Негови се обмислени.
Лакот на силните се прекршува, а слабите со сила се здобиваат; ситите работат за леб, а гладните почиваат; дури неплодната раѓа седумпати, а многудетната изнемоштува.
Господ умртвува и оживува, кутнува наземи и крева; Господ го прави човекот сиромав и богат, го понижува и го воздига.
Од прав го подига бедниот, од кал го крева сиромавиот, ставајќи го да седне со големците, и им го дава во наследство престолот на славата; зашто во Господа се основите на земјава, и Он врз нив ја утврди вселената.
Ги услишува молитвите на молителот и ги благословува деновите на праведникот, зашто не преку сила човекот е јак. Господ ќе ги сотре оние што се препираат со Него; од небесата ќе згрми на нив. Господ е свет.
Да не се фали мудриот со мудроста своја, да не се фали силниот со силата своја, да не се фали богатиот со богатството свое, туку секој, кој сака да се фали, нека се фали дека Го разбира и Го знае Господа.
Господ ќе ги суди краиштата на земјата, ќе му даде сила на Својот цар и ќе го воздигне рогот на помазаникот Свој.”