ЗАЧНУВАЊЕ НА СВЕТА АНА
КОГА ЈА ЗАЧНА ПРЕСВЕТА БОГОРОДИЦА

УТРЕНА

Тропар, глас 4:

Денес се скршени оковите на бездетноста, зашто Бог ја услиши молитвата на Јоаким и Ана: Он им ветува јасно, иако не се надевале, дека ќе ја родат Богоотроковица, од која се роди Неописливиот Кој стана човек, и Кој им заповеда на ангелите да ѝ пеат: Радувај се благодатна, Господ е со тебе.

Седален, глас 4.

Свети Јоаким и Ана принесоа дар пред древните свештеници, и тие не им го примија, бидејќи беа бездетни. Тие Му принесоа молитва и на Создателот на сите, и Он ја услиши нивната молитва и им ја подари Вратата на Животот. Да го прославиме нејзиното свето зачнување.

Кондак, глас 4:

Вселената денес го празнува зчнувањето на Ана, бидејќи таа ја роди Онаа којашто надумно Го роди Словото.

Икосː Чудниот Јоаким и богомудрата Ана, обајцата живеејќи во секое благочестие според законот Мојсеев, беа безродни и од сета душа му се молеа на Господа, говорејќиː Преблаги, Господи Саваот, надеж на сите, Ти ја знаеш болката, и презирот и тагата на бездетните, затоа дај ни плод од утробата и ќе Ти го принесеме во твојот храм како свет дар, која надумно ќе Го роди Бога Словото.

Светилен.

Денес неплодната утроба на Ана почнува да го израснува цветот, којшто ја роди Светлината која сета твар ја озарува. Затоа да се собереме сите, оти дојде избавувањето на осудата Евина.

Хвалитни стихири на 4, глас 1.

Човековата природа, која порано беше неплодна, со надеж во Бога ја раѓа Дева, почетокот на благочестието, преку која се проповеда благоплодноста на добрите, во нејзиното зачнување на земјата, како подготовка за Христовото доаѓање.

Непроодната врата на Царот Христа, која по Божји совет прима зачнување во неплодна утроба, кога таа се предлага на земјата, ќе се крене небесната врата, и ќе се дозволи влезот на земните.

Се јави почеток на верата – зачнувањето на Чистата Богоотроковица, неискажливите божествени и страшни тајни, кои на луѓето им беа навестувани пред векови, заради ставање крај на делата на темнината и на страстите.

Слава, и сега, глас 8ː

Дојдете денес, секој чин и возраст човечка, со ангелските хорови светло да го празнуваме зачнувањето на Богородицаː патријарси – Мајката на Царот на вселената; пророци – онаа што од вас беше навестувана; праотци – Божјата Мајка која од вас потекнува; старци – боотците; боотци – Богоотроковица; девојки – Приснодева; верни – коренот на верата; свештеници – сесветиот храм Божји; хорови на сите свети – причина за вашето собрание; а војски ангелски – онаа што Го роди Господар на сите твари и Спасителот на душите наши.

 

Изворː ИЗБОР на месечни и празнични богослужби. Прв том, Септември – јануари (препев и превод од црковнословенски јазик протојереј – ставрофор Јован Таковски).

– Битолаː Преспанско-пелагониска епархија, 2008.

Подготви: Светланка Трајчева