
+++
Како да се однесуваме во храмот, како да учествуваме на богослужбите и како да живееме како Црква?
Како да се однесуваме во храмот,
како да учествуваме на богослужбите
и како да живееме како Црква – заедница на ученици Христови?
+++
Секогаш кога ќе тргнеме кон храмот (молитвениот дом) за да се собереме како Црква (како заедница на Христови ученици) треба духовно да се подготвиме за таа средба.
Треба да внимаваме на внатрешната состојба на нашата личност, на мирот во душата,
на чистотата на совеста и срцето, на мотивот за нашето тргнување кон храмот.
Вистинските верници Црквата – се мисли на зедницата сочинета од свештенослужители и верници, а не на храмот – ја доживуваат како училиште во кое се поучуваат за тајните на верата и животот, но и како болница во која се лечат од сите нешта кои можат да ни го загрозат животот, како духовниот, така и телесниот, а пред се да ни го загрозат нашето спасение од злото, гревот, смртта и ѓаволот.
Кога ќе пристигнеме пред вратата на храмот треба да застанеме за да ја направиме нашата последна духовна подготовка.
Треба со вера да се прекрстиме, односно, на себе да го изобразиме крстот.
На тој начин ја исповедаме верата во Троединиот Бог, Отецот и Синот и Светиот Дух и во Христовата победа над злото и сатаната извршена на крстот, но, ја исповедаме и нашата доверба во однос на тоа што Бог правел, прави и ќе прави во иднина за нас како Негови созданија и возљубени чеда.
Потоа влегуваме во храмот за да се вклучиме во молитвата на Црквата.
Оние кои во храмот влегуваат по заповед на разни бајачи, јасновидци и гатачи – за да извршуваат разни недолични нешта – треба да знаат дека со тоа прават грев пред Бога и си нанесуваат голема душевна и духовна штета – губејќи го благословот и заштитата Божја.
Потребно е истите што побргу да престанат со таа пракса и да побараат совет од парохиските свештеници и да се исповедаат за сторениот грев.
1 – Во храмот (молитвениот дом) треба да бидеме присутни пред почетокот на богослужбата/ Литургијата.
Ако сме задоцниле, тогаш нашето влегување треба да биде многу внимателно – без да го одвлекуваме вниманието на оние кои веќе се во молитвена состојба.
За почетокот на богослужбите треба да се информиреме од нашите презвитери (парохиски свештеници) или служителите во храмот.
2 – Во храмот треба да бидеме пристојно облечени, без пројава на суета и простачка нападност.
Особено жените треба да обрнат внимание на пристојноста на облеката. Не сличајно апостол Петар во своето послание го напишал следниот совет:
“Вашата убавина да биде не надворешна, односно во плетењето на косите, китењето со злато или облекување на разни облеки, туку внатрешна, во срцето на сокриениот човек, во постојаност и тих дух, што е драгоцено пред Бога” (1. Петрово. 3, 3).
3 – Кога ќе влеземе во храмот (наосот), пред целивната икона – која вообичаено се наоѓа во средината на храмот – му се поклонуваме на Бога и ги целиваме со почит ликовите на светиите или преставата на празникот која е изобразена на иконата.
Доколку имаме можност, ние како членови на Црквата да и помогнеме на својата Црква – Заедница во нејзиното материјално издржување и помош во нејзината мисија – како милосрдна, така и просветна – нашиот материјален дар треба да го оставиме на место кое е однапред определено за тоа, најчесто тоа се црковни каси.
Не е пожелно парите да ги оставаме по иконите или на други места по храмот (на пример – иконостасот), затоа што никој не смее да знае за нашиот дар.
Тој треба да се остави тајно, како што заповеда нашиот Господ:
“А ти кога даваш милостиња (дар), да не знае твојата лева рака што прави десната, за да биде твојата милостиња тајна, и тогаш, твојот небесен Отец, Кој гледа тајно, ќе те награди јавно”. (Матеј.6. 1-4)
Со тоа што не се оставаат пари, и останати нешта по иконите, ние остануваме верни на православното (ортодоксно/ правоверно) разбирање на смислата на иконата и нејзината богослужбена функција – онака како што е определено во заповедите Божји ( 2. Мојсеева. 20, 4 – 5) и одлуката на Седмиот Вселенски Собор.
Треба да се нагласи дека е многу важно да се запазуваме од гревот на идолопоклонството.
4 – Свеќата, уште од Стариот завет, е симбол на Божјата светлина и вистина ( 2. Мојсеева. 25, 31 – 39). Кога ја палиме, при принесувањето на нашата лична молитва, ние со нејзината светлина исповедаме дека нашиот Бог е вистинска светлина и вистина која не очистува од мракот на незнаењето и скверната на гревот.
Свеќата треба да ја палиме, доколку во храмот се служи богослужба (особено Литургија), пред и по богослужбата.
Зошто?
Затоа што свеќата е пропратена со лична молитва, а богослужбата е заедничка молитва на членовите на Црквата.
Во заедничките молитви сета Црква се моли и за личните и за заедничките потреби на своите членови.
5 – Сите верници кои учествуваат на богослужбата/ Литургијата не смеат да приоѓаат кон иконостасот (преграда на која се поставени икони, а која го оделува местото каде што стојат верните на молитва од олтарното место каде што се наоѓа Чесната Трпеза, односно, од местото од каде свештенослужителите ја водат богослужбата).
Иконите на иконостасот не треба да се бакнуваат, нити на нив да се оставаат разни нешта.
За таа цел се поставени: 1. целивната икона на средината на храмот и 2. црковните каси.
6 – Според старата црковна традиција за време на богослужбата мажите стојат од десната страна, а жените од левата страна (гледано кон иконостасот).
Има многу причини за одржување на оваа традиција, но сепак, на оние кои се во брак и со мали деца им се разрешува да бидат заедно за време на богослужбата од разбирливи практични причини.
7 – Во храмот, или надвор од него, за време на заедничката молитва се стои исправено.
Оваа исправеност има симболично значење.
Таа го симболизира нашиот слободен, воскреснољубовен и синовски однос кон нашиот небесен Отец, односно нашето духовно “стоење” пред Него.
Во храмот може да се седи кога се проповеда и кога тоа го дозволува богослужбениот ред.
Но заради немоќ, старост, болест и други причини за време на богослужбата дозволено е да се седи.
8 – На богослужбата треба сите молитвено да учествуваме.
Треба да ги научиме црковните песни и молитви и според дарот за пеење треба сите да пееме, да го славиме Бога.
Ако немаме дар за пеење, славењето може да го правиме во себе или тивко, без да ги дразниме другите.
Особено, за време на Литургијата (заедничко дело на црковната заедница, на свештенослужителите и верните), потребно е сите учесници заедно да го изговараат “Символот на верата” и молитвата “Оче наш.”
9 – Според начинот на кој ние како Црква живееме и учествуваме на богослужбите, а особено на Литургијата, се гледа нашата љубов кон Бога, но и плодот на здравиот спасоносен духовен живот на една црковна заедница.
Сите понапред наведени нешта, но пред се – нашата лична вера, животот по заповедите Христови и љубовта – не’ подготвуваат за нашето причестување (засведочување на нашето единство со Христос) со Телото и Крвта на нашиот воскреснат Спасител.
10 – И за крај – сите треба да разбереме – дека секој од нас, како член на Црквата, е одговорен за квалитетот на заедничкиот духовен живот во Црквата, односно, е одговорен за редот, убавината и молитвеноста на богослужбите, особено на Литургијата.
Ваш во Христа, презвитер Ивица Тодоров