БИДИ УЧЕНИК НА ПАТОТ
Плодороден ученик Христов е само оној кој својот дух, ум, срце, душа и тело ги подготвил да бидат плодна земја за засадување на заповедите и вистините на својот Учител.
Овој и ваков ученик плодовите од своето учеништво ќе ги вкуси само тогаш кога Отецот Небесен во силата на Духот Свет ќе благослови тој да разбере дека за него друга реалност, освен Царството Божјо не постои.
Зошто?
Затоа што плодовите од заповедите и вистините Христови своето природно и благословено опкружување го имаат само во Царството Божјо!
Истите тие плодови ученикот може да ги препознава и споделува само со оние кои Царство Божјо го градат во себе во овој и ваков отпаднат и болен свет!
Отпаднатиот и болен свет ги мрази плодовите на плодородните ученици Христови!
Злата и уништувачка сатанска сила на спротиставувањето себе си се прогласува и за „цар“ и „царство“ и за „ученик“ и „учител“ во нашиот егоизам, во итрото себељубие и во лажното себевреднување!
На тој начин злата сила на спротиставувањето нашата внатрешност ја претвара, ако допуштиме, во најсурова пустина, а во таква пустина не можат да се засадат заповедите и вистината на Оној кој не повикува кон ЖИВОТ, и тоа вечен!
Злиот човек не може, а и не сака да биде ученик, затоа што е роб!
Добриот човек сака, а и потребно е да биде ученик, затоа што слободата се стекнува со знаење, но се одржува со мудрост!
Животот е слобода затоа што човекот е создаден за бескрај, за вечно учеништво!
Исус ни откри дека Тој е вечниот ПАТ, вечната ВИСТИНА и вечниот ЖИВОТ
Презвитер Ивица Тодоров
Од книгата: (по Патот)