ЗА МЕРАТА НА ПОСЛУШАНИЕТО

Дали во Вашиот живот имало случаи кога Господ од Вас барал да се подвизувате чекорејќи по вода?

– Мислам дека целиот живот во нашиот свет е чекорење по вода.

Општењето со многу луѓе од светот личи на состојба кога човекот вика: „Господе, помогни ми, тонам!

Како се пројавува живата вера кај духовникот?

– Подвигот послушание може да се нарече тајна на општење на душите.

Со постојаното духовно општење нема сомнеж во тоа дека духовникот ја познава твојата душа, твоите болести, твојата болка и дека може да ја преземе на себе.

Од ваквата доверба во духовникот се раѓа и живото послушание спрема него.

Овде треба нешто да се каже околу изборот на духовник.

Се работи за тоа дека постојат различни, условно речено, психолошки типови.

Духовникот може да биде потполно православен, може дури да води возвишен живот, може да биде и аскета, а нашето срце истовремено да не се открива пред него.

А се случува и при првата прилика за разговор со духовникот да чувствуваме дека тој ја сфаќа длабочината на нашата душа.

Како срце на срце да праќа вест и слуша одговор.

Од тој момент во човекот се раѓа жива вера во духовникот.

Ако такво чувство нема, послушанието станува формално.
Може да биде исполнето грижливо и точно, но ќе биде само надворешно, а срцето ќе остане скриено и заклучено од духовникот.

Рековте дека духовникот ја знае немоќта на своето духовно чедо и дека е спремен да ја преземе.

Што значи тоа „преземање на себе“?

– Преземање на себе значи да се почувствува оваа состојба и на извесен начин да се застапи во молитва пред Бога за ова духовно чедо, така како гревот да го сторил самиот духовник.

Дали е можеби подобро човекот да се труди да служи на Бога дури и во случај кога тоа ја надминува неговата снага?

– Светите отци рекле дека секоја крајност е од демоните.
.
Во која мера барате послушание од своите духовни чеда?

– Не барам од нив послушание со затворени очи, иако е можеби беспоговорното послушание и повеќе од тоа.

Но, знаејќи ја својата немоќ и својата ограниченост, се плашам да не погрешам или се плашам дека тие што ги раководам нема да имаат доволно самоодрекување.

Затоа се трудам да им објаснам поради што е потребно

послушанието и да ги покажам последиците како од послушанието, така и од непослушанието.

А кога и покрај тоа не ме слушаат, се потсетувам дека ниту јас самиот често не сум ги слушал своите духовни отци и тоа ме смирува.

Дали спрема своите духовни деца се однесувате подеднакво или некого издвојувате? Во житијата се среќава поимот како што е „возљубен ученик“?

– Не достигнав такво ниво, внатрешно да се однесувам спрема сите подеднакво. Меѓутоа, тоа го сметам за свој недостаток, духовна непросветеност.

Сепак знам дека некои од старците со кои сум се среќавал не се однесувале подеднакво спрема своите ученици. Поточно, биле построги со оние кои повеќе напредувале и повеќе ги казнувале оние кои повеќе ги слушале за да стекнат нови венци.

А спрема послабите се однесувале снисходливо, за да не ги скршат.

Човек паднал во прелест, не го слуша духовниот отец и постарите, ништо не прашува, одлучува сам за нешто што нема право, сака да стане личност која нема да биде заборавена во историјата на човештвото.

Како да се излезе од оваа состојба?

– Треба да го смирувате тој човек, да му дадете најниски послушанија.
Ако во манастирот игуманијата која е поставена од свештеноначалството и од која сестринството многу зависи, падне во таква состојба, може ли нешто да се стори?

Ако таа изјавува:
„Овде јас сум митрополит,“ дали духовникот има право да ја смири?

– Светите отци велат дека блудниците можат да ги исправат луѓе, суетата – Анѓелите, а гордите – само Бог.

Каде е границата измеѓу трезвената претстава за човекот со кој контактираме и осудата?
Како да се исполни заповедта „не суди“ ако човек ненамерно го оценува каков е човекот пред него. Посебно тогаш кога доаѓа до деловни односи.

– Треба трезвено да се однесуваме спрема човечките дела, спрема неговите особини и карактер.
Судењето на човекот не значи осудување на неговите дела и постапки, туку осудување на самата личност, отфрлање на извесен начин, преземање на себе улога на судија над оној кој не е под наша власт.

Ако почетник влезе во манастир во кој сите браќа се избувливи, дали треба да остане таму? Или ќе има само штета?

– Полошо е таму каде што неправилно се управува, каде што човек е принуден неправилно да постапува.

А вообичаените човечки слабости, може да се каже, се секојдневна појава. Манастирот е болница, а во болница ќе видете и рани и чиреви и гној и завои.

Ако некои планови, некои проекти човек не може да ги заврши, ако сè се распаѓа, ако ништо не му тргнува од рака, како да распознае што е тоа, дали Господ тоа дело не го благословил или во прашање се демонски сплетки?

– Понекогаш Господ не ни дава успех во нашите работи за да не се возгордееме. Понекогаш надворешниот неуспех, всушност е добродетел за нашата душа.
Ако неуспехот го прифатиме со благодарност кон Бога, ние сме победиле.

Архимандрит Рафаил (Карелин)
Извадок од беседа во сестринството во име на светителот Игњатиј Ставрополски, 8-ми август 2004 година

Преземено од фб на Ј. Ш.-Колариќ)

Претходна статијаСе тоа ќе се случи, но – кога?
Следна статијаЖивотот е Христос…(старец Порфириј Кавсокаливит)