…Драги мои, токму кон тоа тежнееше непријателот, воведувајќи го бројот 666 во бар кодот, а не кон нешто друго.
А колку лесно и безболно е отстранет овој судбински број, кој си го направи своето!
Бројот е отстранет, а метежот и расколот во Црквата продолжуваат да се продлабочуваат.
И разговорите за жигот на антихристот, за обезблагодатеноста на нашата Црква, за скориот крај на светот, ги вознемируваат умовите на верните.
Секташките и противцрковни расположенија и зборови одекнуваат, за жал и од црковните амвони.
Во историјата на Црквата такви расположенија се доживеани не еднаш, особено во периоди на политички потреси, катастрофи, војни и своевидни “перестројки“.
Дури и големите столбови на Црквата во тој поглед се излажале.
Еве како ги опишува сличните настани, жител на нашата света Псково – Печерска заедница, великиот подвижник на побожноста, митрополитот Венијамин( Федченков):
причината за слични појави е во душата човечка… за човекот секогаш е соблазнително се’ што е таинствено, необично, натприродно, чудесно, а особено се’ што е страшно.
И при тоа се јавува лажна “ревност“ за Бога…
Сето тоа е одамна познато во духовниот живот.
Но слични движења, периодично, како вулкански ерупции, излегуваат на виделина во текот на историјата.
Тоа обично било поврзано со некакви политички потреси, катастрофи, војни и угнетувања.
Неопходно е човек да се бори со таа духовна болест. Самиот ап. Павле ја започнал таа борба пишувајќи го целото 2. Послание до Солунјаните (како и дел од 1.), каде тој заповеда да не се верува “ни на дух, ни на слово, ни на послание“ (2.Сол. 2-4).
Без разлика на ова, во историјата секогаш одново изникнувале слични движења.
Дури и некои големи столбови на Црквата, згрешиле во одредувањето на “рокот“ за крајот на светот.
На пример св.Јован Златоуст отворено пишувал дека крајот на светот треба да се очекува некаде околу четиристотата година.
Нема да погрешам(!), говорел тој укажувајќи на приближен датум околу 400 година…
И погрешил: поминаа повеќе од 1500 години од тој ден, а крајот на светот не се случи.
Ова е напишано во 8-от том од неговите дела , во толкувањето на Христовиот разговор со Самарјанката (Јован, глава 4).
Слично на ова, за време на прогонот на иконите и на иконопочитувачите – од 6-9 век –
и св.Теодор Студит сметал на “скоро“ доаѓање на крајот на светот.
И воопшто, многумина и многупати се занимавале со оваа идеја.
Во Русија за тоа говорел о.Амвросиј Оптински (митр. Венијамин Федченков, “Заради Православието ќе ме помилува Господ“…1968год).
Но, еве крајот на светот не се случи, животот продолжува. И Христос, Кој дојде во светот да ги спаси грешните, го продолжува Својот подвиг на љубовта кон човечкиот род.
Он ни го дари патот на спасението, само Он е патот на спасение за сите христијани, и од првите и од последните времиња – и ова е вера во промислата Божја и живот според верата.
Самиот наш Господ Исус Христос во Својата првосвештеничка молитва, се моли на Бога – Отецот за сите кои во Него веруваат:
“Не се молам да ги земеш од светот, туку да ги запазиш од лукавиот“.
Драги мои, тоа го моли Христос за нас!
На тој начин, по заповед Божја, ние децата Божји сме повикани да живееме во светот.
Меѓутоа светот може да биде различен – христијански, пагански, богоборечки, а ние сме повикани во било каков свет да ја посведочиме светлината на Христовото учење и Вистина, а тоа е по зборовите на Писмото – љубов, радост, мир, долготрпение, добрина, милосрдие, вера, кротост, воздржание. За таквите нема закон.
… Да се верува во Бога – ете во тоа е нашата сила, нашето спротивставување на забуната и расколот во Црквата.
…“Христос е нашиот живот, светлина и мир. Со Него е секогаш и отсекогаш добро.
….
А стравот, таму “каде немаше страв“, сега ја парализирал верата и ја одземал надежта на многумина и непријателската сенка се обидува да го сокрие Сонцето на Правдата – Христос. Не дај Боже, така да биде!
Драги мои, како тоа сме се препуштиле на паника сметајќи дека ќе го поништиме своето христијанско име, заменувајќи го со број?
Зарем тоа воопшто може да се случи во очите Божји?
И зарем не ги паметиме сите оние свештенослужители, мирјани-христијани, кои во текот на долг период во животот, морале да ги заборават своите имиња, презимиња, кои биле заменети со број.
Многумина така заминале и во вечноста, само со број, а Бог ги примил во Својата Очева прегратка како Свештеномаченици и Маченици, и белата победничка риза ја покрила под себе, нивната затвореничка облека.
Немале имиња, но Бог бил близу и секој заробен верник бил од Него воден низ смртната сенка, секој ден.
Кај Господа нема сваќање за човекот како број: бројот и е неопходен само на современата компјутерска техника; за Господа нема ништо поскапо од душата човечка, заради која Он, Го испрати Својот Единороден Син Христа – Спасителот.
И Спасителот дошол на свет со пописот на населението.
….
… Ние сега, се плашиме од жигот на антихристот (повеќе отколку од Бога), кој ќе дојде во “она време“ за кое не знаеме дали ќе го доживееме.
А еве, за жигот на нашиот личен грев, ретко кој размислува.
А токму тој, таквиот жиг, го предава човекот под власта на антихристовата стихија и постанува вистински предобраз на тој жиг.
Од него всушност треба да се плашиме!
И ништо што е од Бога, нема да помине низ тој страшен гревовен жиг, со кој ние секојдневно го жигосуваме својот ум и срце.
Господ пак, знаејќи ја нашата немоќ, ни го дал покајанието – разрешување на гревовите.
Но, очистувањето на душата, умот и срцето се врши само во Црквата, само во Светите Тајни.
Но, токму против Црквата сега “се исправи“ непријателот!
Да, сето Божјо Писмо без сомнеж ќе се исполни.
Да, пред крајот на светот, три и пол години ќе се случат такви неволји, какви што немало од создавањето на светот,
и со тоа ќе биде обележана власта на антихристот.
Да, ќе се случи и Славното и Страшно доаѓање на Спасителот, Кој ќе го убие непријателот со здивот од устата Своја.
Се тоа ќе се случи, но – кога?
Времињата и роковите ги одредил во Својата власт Господ Бог – Отец, а да се запре Промислата Божја или да се измени, тоа не го може ни најмоќната рака.
И нас ни е невозможно да го забрзаме доаѓањето на тој час, ниту пак да го спречиме.
А да се живее во Бога, треба сега и веднаш.
А уште сега некои ги повикуваат верниците да се повлечат во шума, во пустина, во тајни одаи:
немој да го земате идентификацискиот број, немој да се запишувате во новиот систем на државната евиденција, излезете од светот, излезете од Црквата…
Но, како човек да се спаси? Како да се живее, како да се воспитаат децата во Бога – а во светот, за тоа сите молчат.
Уште сега потоци од горки и со солзи натопени писма, недоумици, ги заплиснаа духовниците: велат, нашата Црква веќе доби свој даночен број и во неа, тогаш, веќе не треба да се оди.
Старица, која целиот живот и во најтешките времиња ја сочувала својата верност кон Бога и Црквата, сега кога е при крај на својот живот, отпаѓа од спасоносната лаѓа – Црквата…
И кој ќе даде одговор пред Бога, за соблазнувањето на сите овие “мали“, кои простодушно се препнале на она што со духовниот живот нема никаква врска – на идентификациски даночен број…
Погледнете, каква проверка на нашата вера и нејзината трезвеност, нејзината духовност, се случува во нашиве денови.
.. Печатот Христов се појави во светот преку Неговото спасоносно дело.
Крстот, кој беше средство за срамна казна, осветен со Крвта и благодатта на нашиот Господ Исус Христос, постана Христов печат на неограничена сила за победување на ѓаволот.
Сега пак, многумина зборуваат само за бројот 666 како жиг на антихристот.
Но, зарем антихристот веќе ја освои власта во светот?
Зар веќе се избришани државните граници?
И зарем антихристот веќе се зацари, и зар веќе сите го признаа како владетел на целиот свет, со што стекнал право на свој печат?
Но, уште апостолот и евангелист Јован Богослов зборува дека во неговото време се појавиле многу антихристи.
Многумина ги имаше – од различни не-вери, возматувачи, соблазнители, расколници и расипници, но тоа сеуште не беше оној единствен антихрист, кој по допуштение Божјо ќе добие власт над светот и над оние кои живеат во него, три и пол години.
Сите треба да запаметиме, дека сега сеуште живееме во спасоносно време, во благодатно време, кога Спасителот на светот Христос е спремен да го прими и спаси секој грешник кој ќе воздивне пред Бога за свое спасение.
Се спасуваме и ќе се спасуваме во Црквата, оградувајќи се со страв Божји од секој грев, лукавство, лага, лицемерие и самоволие.
Добро е сега, кога кај народот се буди христијанското самоспознание, сите да разбереме кому и зошто, токму сега му се потребни такви нехристијански методи на борба за “слобода“.
Прашањето е, од што треба да бидеме ослободени?
Дали од христијанската црковна дисциплина, зашто таквите со своите приватни мислења го оспоруваат соборниот глас на Црквата?
Дали од едината Соборна Црква, па да одговориме на повикот на она расколничко малцинство кое ги повикува верниците во катакомби, за да потоа сето тоа се претвори во секта?
Дали од плаќањето данок…?
На претпазливост, децата на Црквата, ги наведува тоа што ваквите, во желбата да ја достигнат својата цел, не се срамат да се користат со методите
на “таткото на лагата“, ѓаволот, односно со клевета!
…
Сега, во врска со тоа што моето име го мешаат во клевета оние, кои се борат против Црквата, сум обврзан да им кажам на сите кои се вовлечени во оваа психоза:
Плашете се од поделба и раскол во Црквата!
Плашете се да не отпаднете од мајката Црква, бидејќи единствено таа, ја задржува лавата на антихристијанската разузданост во светот сега!
Плашете се да им судите на црковните свештени старешини, зашто тоа е погибие и без антихристовиот печат!
ПЛАШЕТЕ СЕ ОД ГРЕВОТ!
Бидејќи, напуштајќи ја Црквата, ние ќе го наследиме токму тоа, од кое сега се плашиме.
Да запечатиме на таблиците на нашето срце и ум, духовна основа на нашето единство со Бога:
Сине, дај ми го твоето срце. Душата и срцето, верни на Бога, Господ нема да ги предаде на непријателите на уништување!
Со современите технички можности, возможно е да се запечатат сите народи со броеви, чипови и печати.
Но, тие не можат да ја повредат душата човечка, ако таа свесно не се одрече од Христа и свесно му се поклони на непријателот Божји.
Животните зборови на нашиот Спасител, нека ни бидат раководство и патеводител по бурното море на животот:
“Ви оставам мир, ви го давам Мојот мир. Не ви го давам како што го дава светот.
Нека не се вознемирува вашето срце и нека не се бои“ (Јн. 14,27-28),
“Верувајте во Бога, и во мене верувајте“(Јн.14,1).