Историјата на создавањето на канонот на Светото Писмо 2

Што претставуваат посланијата?

Новиот Завет од Светото Писмо е пишуван на старогрчки коине јазик, така што послание на грчки јазик се нарекува ἐπιστολή (epistolē). Зборот ἐπιστολή означува „писмо“[1].

Сите посланија што се наоѓаат во канонот на Новиот Завет, всушност се писма кои апостолите ги пишувале до одреден верен народ од одредена географска територија, со цел нивна поука, разобличување, насочување.

Логично на тоа, тие писанија на светите апостоли до верниот народ не биле наменети за да се запише целокупната теологија и учење на Христијанството, туку, пред сé, тие се одговор на определени недоумици кои се јавиле во различни Цркви, односно одговор и одбрана од еретички учења кои почнале да навлегуваат во Црквата, а воедно се и со поучителна содржина за тоа како треба христијански да се живее.

 

Упростено, во посланијата не се запишани буквално сите верувања на апостолите и нивните ученици. Така, на пример, догматот за Света Троица – Бог Отец, Син и Свети Дух, официјално забележан како апсолутна вистина, може да се види дури во IV век, при формулирањето на исповедувањето на верата во Никеја, како реакција и одбрана на Христовата Црква од Аријанската ерес[2].

Но, тоа не значи дека до тогаш Христијаните не верувале во Света Троица, бидејќи има локални ранохристијански списи, како што се делата на св.

Игнатиј Богоносец, кои го потврдуваат тоа верување за изворно. Исто така, во самите посланија не е запишано вероучение (катехизис или систематско богословие), на пример, за крштевањето, венчавањето, богослужбата и сл., кое претставува битен сегмент од христијанскиот живот, затоа што сето тоа на раните христијани им било општо познато и немале никакви недоумици во однос на истото.

Како што можеме да видиме преку редовното читање на Светото Писмо, дел од посланијата се наменети за целата Црква или за некоја помесна црква (до Коринтјаните, Солунјаните, Евреите) наречени соборни (окружни) или помесни, или до конкретни лица или до претстојателите на некои помесни цркви (до Тит, Тимотеј, Филимон) наречени пастирски или приватни.

Од тие причини, во самите тие писма можат да се сретнат делови кои можеби и немаат некакво значење за нашиот христијански начин на живот, како што е стихот 2 Тимотеј 4:13[3], каде апостол Павле бара да му се донесат наметката и пергаментите.

А зошто апостолот би имал потреба да се ориентира на излишни нешта за нашето утврдување во верата, ако тој совршено знаел дека во своите посланија требал да го запише неговото апсолутно христијанско верување за тоа да се пренесе на идните генерации, без посредство на Светото Предание?*

 

Временски период на пишување на посланијата

 

Посланија на апостол Павле се верува дека се напишани пред 65 година од Христа, односно, пред неговата смрт во Рим.

Дел од посланијата кои го носат неговото име, историчарите утврдиле дека се лично негово дело, дел се смета дека се псевдографски, а Посланието до Евреите се смета дека воопшто не е негово дело, туку дело на некој од апостолските ученици[4].

Посланието на апостол Јуда е пишувано 65-70 год., а некои истражувачи сметаат дека тој период може да се продолжи и до 100 год. после Христа.

 

Авторството на посланието на апостол Јаков научно не е утврдено, но според Светото Предание се знае дека е напишано од апостол Јаков брат Господов (т.е. синот на праведен Јосиф, вереникот на Богородица) и се верува дека датира пред 62 год., односно пред неговата смрт.

Посланијата на апостол Петар се напишани пред 64-65 год., т.е. пред неговата маченичка смрт, а посланијата на апостол Јован се напишани најдоцна и се верува дека тие се завршени некаде меѓу 100-110 год. после Христа. Значи, тие биле комплетирани некаде околу 110 година – временска разлика од околу 80 год. од Христовото Воскресение.

Вреди да се нагласи и дека не сите посланија влегле во составот на Новиот Завет, а како потврда на тоа го земаме стихот во Колосјаните 4:16[5] каде апостол Павле спомнува за уште едно негово писмо до Лаодикијската Црква[6]. Уште еднаш се отвора прашањето:

Ако овие писма биле писмено комплетирани веќе во вториот век од Христа, а собрани и канонизирани во четвртиот век, т.е.до тогаш со сигурност не постоело Светото Писмо какво што ние денеска го знаеме, како тогаш Христијаните ја исповедувале својата вера и од каде се учеле на истата?

Исто така, од каде знаеме дека посланијата кои го носат името на апостол Павле, се навистина негови, кога научниците го тврдат спротивното? Зарем ова второво не го доведува целото христијанство во прашање?*

Книгата Дела Апостолски и Откровението и периодот на нивното пишување

Книгата Дела Апостолски со сигурност се знае дека е напишана од апостол Лука, и нејзиното датирање се поставува во периодот меѓу 60-90 година од Христа, после Евангелието по Лука.

Во неа се опишува животот на Црквата после Христовото Вознесение и проповедничките патувања на апостол Павле. Откровението е последната книга од Новиот Завет.

За разлика од другите книги, Откровението содржи пророштва за крајните времиња и второто Христово доаѓање.

Целото писание изобилува со символика и алегорија, поради што е тешко за толкување и најчесто на него знаат да запнат Протестантите. Авторот е св. Апостол Јован и се верува дека е напишана пред 96 год. од Христа.

Доколку се земе да се читаа оваа книга, навидум би се имало впечаток дека има многу бесмислености и ќе изгледа како нереална бајка, но секој дел од Откровението има посебно толкување кое ја дава целосната слика.

Доколку Господ Исус Христос му открил на апостол Јован Богослов за случувањата од последните векови, тогаш, нели, разумно е да заклучиме дека Тој не би ја оставил таа книга само како запишани зборови без значење, туку би посочил и што е нивната смисла.

Повторно, од каде знаеме кое е толкувањето?*

Продолжува…

[1] Online Etymology Dictionary – Douglas Harper

[2] The dogma of the Trinity

[3] 2 Тимотеј 4:13 Кога ќе дојдеш, донеси ја наметката што ја оставив во Троада, кај Карп и книгите, а особено пергаментите.

[4] Epistle to the Hebrews

[5] Колосјаните 4:16 Откако ова послание ќе биде прочитано кај вас, потрудете се да биде прочитано и во лаодикиската црква, а она од Лаодикија да го прочитате и вие.

[6] The Epistle of Paul the Apostle to the Laodiceans

Подготви: М. Даниловска