Проф. д-р Дмитриј А. Авдеев е православен лекар-психијатар, психотерапевт, медицински психолог, доктор на медицински науки. Завршил последипломски студии на Богословскиот факултет на Универзитетот „Лукијан Благо“ (Романија).
Од 1991 година активно работи во правец на формирање христијански однос кон психичките заболувања, т.е. на моделот на православната психотерапија. Ја разработува православно ориентираната програма за рехабилитација на лица што страдаат од наркоманија и алкохолизам. Член е на руски и на меѓународни професионални здруженија и асоцијации.
Автор е на повеќе од 300 духовно-просветни, научни публикации и мултимедијални проекти, во кои спаѓаат над 60 книги, издадени освен на руски и на повеќе светски јазици. Основач е и директор на Институтот за проблемите на формирањето христијански однос кон психичките заболувања, каде што е и редовен професор. Во текот на своите дваесет години работа им укажал помош на илјадници луѓе.
ГОРДОСТА КАКО ПРИЧИНА ЗА МНОГУ ДУШЕВНИ БОЛЕСТИ
Телото, бидејќи составено од многу нееднакви делови, кои и самите се составени од четирите стихии, кога ќе снеможе има потреба од разни лекарства, составени од разни треви. А душата, напротив, бидејќи е нематеријална, лесна и едноставна, кога ќе снеможе, само едно лекарство ја лекува – Светиот Дух, благодатта на Господ Исус Христос.
– Свети Симеон Нов Богослов.
Душата на смирениот е како море; фрли во морето камен, тој за миг ќе ја разбранува неговата површина, но потоа ќе потоне во неговата длабочина. Така, тагата се потопува во срцето на смирениот, зашто со него е силата Господова. – Преподобен Силуан Атонски
Според статистичките податоци, во светот, денес, има повеќе од 500 милиони психички болни. Во цел свет се случува пораст на бројот на болни од душевни болести. И тој пораст, главно, се должи на огромната распространетост на непсихотичните форми на психичка патологија во општеството (неврози, поврзани со стресот, соматоформни растројства, депресија, растројства на личноста), а нивната појава најчесто е поврзана со одредени социјални фактори, со начинот на кој живеат луѓето и, што е многу важно, со духовните фактори.
Православната Црква смета дека една од главните причини за појавувањето на психички заболувања е поробеноста на човечката душа од гревовни страсти („Основи на социјалната концепција на Руската Православна Црква“). И овој факт е целосно потврден во клиничката практика.
Што гледаме околу нас? Денес, сосема уверено можеме да тврдиме дека има „епидемија“ од депресии и неврози. Насекаде се истакнуваат проблемите во врска со зависностите (наркотична, коцкарска, компјутерска зависност итн.), кои станаа вистинска социјална неволја и беда. Општеството „се дави“ од бездуховност.
Децата сега често не се воспитувани од мајката и таткото, туку од Интернетот и телевизијата. Својата лепта во ова „лудило“ ја приложуваат и средствата за масовна комуникација. Понекогаш, некое издание на вестите може да го издржи само психички многу стабилен човек.
Свештеникот Александар Ељчанинов пишува:
„Нервозата и слично, ми се чини, се само видови грев, и тоа на гордоста. Најголемиот неврастеник е ѓаволот. Можете ли да си го претставите како неврастеник човекот што е смирен, добар, трпелив?“
„Раздразливоста на карактерот потекнува од непознавањето на самиот себе, од гордост, и од тоа дека не размислуваме за големата повреденост на нашата природа и малку Го знаеме кроткиот и смирен Христос“ (светиот праведен Јован Кронштатски).
На избувливоста и раздразливоста секогаш им претходат гордост, високо мислење за самите себе, самопревознесување. Караниците, конфликтите, кризите, разводите, несогласиците се, исто така, „родум“ од гордоста.
Познатиот руски психијатар, професорот Дмитриј Е. Мелехов, сметаше дека во основата на многу психички растројства лежи несмирението, и тоа токму – гордоста. „Верата е смирение“ – вели свети Варсануфиј Велики. Многугодишниот опит и набљудувањата сведочат дека гревовните страсти, а пред сѐ, гордоста, стануваат причини за многу психички растројства.
Што се гревовните страсти и како тие дејствуваат врз душата на човекот?
Страстите се гревовни навики на душата, кои, поради долготрајното и често повторување на гревот, како да се претвориле во природни квалитети на човекот. Така, на пример, оној што постојано се лути, гори од гнев, и при секоја, дури и безначајна постапка или збор од некого се навредува, се исполнува со чувство на одмазда и слично – тој е опседнат од страста гнев.
Оној што себеси постојано се превознесува во зборовите и мислите, а другите ги унижува, оној што другите ги клевети и ги осудува – обземен е од страста гордост, најсмртоносната страст. Значи, секој грев се раѓа од некаква страст.
Како што укажуваат Светите Отци, семе на духовното зло во човекот е самољубието, кое „пораснува“ до самовознесување (славољубие), љубов кон насладите (сластољубие) и корист за себе (среброљубие). Кај Светите Отци среќаваме, издвоени, осум главни страсти: стомакоугодие, блуд, среброљубие, гнев, тага, униние, суета и гордост. Длабоко во основата на многу психолошки проблеми и психички заболувања лежи осиромашувањето на љубовта во срцето, а таму каде што нема љубов, зреат рамнодушноста, непријатноста, нетрпеливоста, раздразливоста, гневливоста, зависта, стравот.
„Ѓаволот падна од гордост. Гордоста е почеток на гревот; во неа се содржат сите видови на злото: суета, славољубие, властољубие, бесчувствителност, жестокост, рамнодушност кон страданијата на другиот; мечтателен ум, засилена вообразба, демонски израз на очите, демонски изглед на целата појава; помраченост, тага, очајание, омраза; завист, навредливост, кај многумина пад во телесна похот; измачувачко внатрешно неспокојство, непослушание, страв од смртта, или напротив – желба да се одземе својот живот и, на крајот, што не е реткост – потполно лудило.
Ова се знаци на демонската духовност. Но, тие за многумина остануваат незабележливи, сѐ до моментот кога ќе се пројават со цела своја сила.“[ Од книгата „Старец Силуан Атонски“, архимандрит Софрониј (Сахаров).]
Во делата на преподобен Ефрем Сирин има поглавје под назив „Соборување на гордоста“.
Таму е одлично опишана природата на гордоста и на добродетелта што стои наспроти неа – смирението. „Без смиреномудрие, залуден е секој подвиг, секое воздржување, секое потчинување, секое нестекнување богатство, секоја многуученост. Зашто како почеток и крај на доброто е смиреномудрието, а почеток и крај на лошото е високоумието. А тој нечист дух е снаодлив и многуобразен; зашто употребува секакви усилби да завладее со сите; и секому, по каков пат и да оди, му поставува мрежи.
Мудриот го лови со мудрост, цврстиот со цврстина, богатиот со богатство, убавиот на лик со убавина, красноречивиот со красноречивост, оној што има добар глас со пријатност на гласот, уметникот со уметност, снаодливиот со снаодливост.
На сличен начин не престанува да ги искушува и оние што водат духовен живот, па на оној што се одрекол од светот му поставува мрежа во одрекувањето, на оној што се воздржува, во воздржувањето, на оној што е безмолвник, во безмолвието, на оној што не стекнува богатство, во нестекнувањето, на многуучениот, во многуученоста, на исполнетиот со стравопочит, во стравопочитта, на добро образованиот, во знаењето (впрочем, вистинското знаење оди со смиреномудрие).
Така, високоумието се обидува во сѐ да го посее својот плевел. Затоа, знаејќи ја жестокоста на таа страст (зашто, штом ќе се вкорени некаде, таа прави човекот и неговото дело да не се погодни за ништо), Господ за победа над неа ни дал средство – смиреномудрието, велејќи: Па така и вие, кога исполните сѐ што ви е заповедано, речете: ’Ние сме слуги негодни‘ (Лука 17, 10).“
Свети Тихон Задонски за гордоста вели:
„Гордоста е многу одвратен грев, но малкумина можат да познаат колку е тој длабоко скриен во срцето. Почеток на гордоста е непознавањето на самиот себе. Ова незнаење го ослепува човекот, па така човекот се гордее. О, кога човекот би се познавал самиот себе, би ја познавал својата бедност, сиромаштво и грешност, никогаш не би се гордеел! Но, дотолку повеќе грешен човек е оној што не ги гледа и не ги познава бедата и својата грешност. Гордоста на постапките се познава како дрвото според плодовите“.
Свети Тихон Задонски укажува на „знаците на гордоста“, што се покажуваат кај човекот:
1. На секој можен начин посакува слава, чест и пофалби;
2. Започнува работа што е над неговите сопствени сили;
3. Самоволно се меша во разни дела;
4. Се воздигнува самиот себе без срам;
5. Покажува презир кон другите;
(Од книгата „Старец Силуан Атонски“, архимандрит Софрониј (Сахаров).
6. Кога е лишен од чест, негодува, ропта и се жали;
7. Покажува непослушност кон надлежните;
8. Доброто си го припишува себеси, а не на Бога;
9. Се труди во сѐ да се истакнува;
10. Ги озборува туѓите постапки;
11. Грешките ги воздигнува, пофалбата ја намалува;
12. Покажува гордост во зборот и постапките;
13. Не сака да се поправа и не прима советување;
14. Не поднесува да му биде унижено достоинството и заслугите, и сл.
Светиот праведен Јован Кронштатски во својот дневник „Мојот живот во Христос“ пишува: „Оној што е заразен од гордост, склон е кон сѐ да покажува презир, дури и кон предметите што се свети и божествени: гордоста мислено ги уништува или ги осквернува секоја добра мисла, збор, дело, секоја Божја творба. Тоа е мртовечкиот здив на сатаната“.
„Будно набљудувај ги пројавите на гордоста: таа се пројавува незабележливо, особено при огорченост и лутина кон другите за сосема неважни работи.“
„Гордоста во верата се пројавува кога гордиот се дрзнува да се поставува себеси за судија на верата и Црквата, и вели: јас не верувам во тоа и не го признавам; сметам дека тоа е одвишно, ова е непотребно, а тоа чудно или смешно.“
Наведуваме некои психолошки карактеристики на гордиот човек: високоумие; не трпи критика; се навредува; тврдоглавост; завист; не ги гледа своите грешки; егоизам и самољубие; самоувереност; голема суета; не сака совети; ништо не може да го изненади; неумеење да општи со луѓето; не може да се отвори; не може да зборува за своите слабости; не може да се шегува на своја сметка; не прима помош; отсуство на благодарност, не се сеќава на своите доброчинители; не може да прости; не може да се извини или да се покае; озлобеност кон својата „жртва“; им помага на тие што имаат потреба за самиот да се воздигне.
Како карактеристичен пример, во дадениот случај, може да биде неврозата. Гревот, како корен на секое зло, предизвикува и невротични нарушувања. Бидејќи се случува во длабочината на човековиот дух, тој ги буди страстите, ја раслабува волјата, доведува до тоа свеста да ја изгуби контролата над чувствата и вообразбата.
Според зборовите на свети Теофан Затворник, „внатрешниот свет на човекот-грешник е исполнет со самоволност, беспоредок и деструктивност“. Длабоката невроза е показател на духовна оболеност, духовно-душевна разединетост. Набројувањето на симптомите на неврозата понекогаш самото по себе претставува список на гревовите (раздразливост, гневливост, нетрпеливост и сл.), па така, на медицинската дијагноза може да ѝ соодветствува духовна дијагноза. Во последното десетлетие, сѐ почесто се зборува за таканаречениот синдром на хроничен умор.
Во клиничката слика на тегобите, во прв план се јавуваат симптомите на астенија: постојана слабост, брзо уморување. Таквите луѓе како да се „влечкаат“ низ животот. Тие се апатични, не се способни за работа. „Уморен сум“, тоа е нивниот најсакан збор.
Според моето мислење, освен другото, синдромот на хронична слабост е често резултат на живот без Христос, без Божјата благодат. Тешко е човек да си претстави такви болести кај Светите Отци. „Радост моја, Христос Воскресна!“ – со тој пасхален поздрав преподобен Серафим Саровски го пресретнувал секого што одел кај него. Ни болките што ги нанесуваат ѓаволот или злите луѓе, ни болестите, ни староста не влијаат врз смирениот дух на праведниците, работниците Господови.
Животот на многу современи луѓе е далеку од христијанската благочестивост, од Христос Спасителот и Неговата Света Црква. Таа оддалеченост и доведува до душевна пустота. Колку често ми се случува да слушнам од некој што доаѓа на преглед: „Внатре ми е пусто и немам сили да живеам“.
Некој, можеби, ќе праша дали има случаи на нервен слом кај православните христијани? Да, има. Бидејќи, во светот нема човек слободен од гревот. Но, православните Му се молат на Бога за помилување, прибегнуваат кон Тајните на Црквата, коишто лекуваат. И милосрдниот Господ ги прима тие што се каат, ги лекува нивните срца и им дарува душевен мир.
Среќавајќи се со разновидни пројави на конфликт, секогаш се уверувам дека решението со помош на агресија, жестокост, одмазда и слично е погрешно. Тој пат е бесполезен и непродуктивен, а што е најважно – длабоко гревовен.
Еве еден прост пример. Сметате, на пример, дека праведно се гневите на некој човек и ви се чини дека тоа има основа. Тој, според Вашето мислење, постапил лошо и заслужува само осуда. Но, погледнете се себеси во моментот на таквите размислувања. Што гледате?
Лицето ви е напрегнато, срцето „ќе ви излезе“ од градите, главата како да ви е стегната во челичен обрач… На прв поглед – чудно. Виновен е некој друг, трет, петти… а непријатните чувства ги трпиме ние. Господ вели: Царството Божјо е внатре во вас (Лука 17, 21). Но, состојбата во којашто се наоѓаме во моментот е сосема поинаква од Царството Божјо. Тоа воопшто не е рај, туку повеќе личи на пекол.
Познатиот грчки ерарх, Митрополитот Јеротеј (Влахос), автор на книгата „Православна психотерапија“, пишува: „Денес многу се зборува за психичките проблеми. Убеден сум дека таканаречените психички проблеми се проблеми на помислите, на помрачување на умот и на нечистото срце.
Токму нечистото срце, како што го опишуваат Светите Отци, помрачениот и скотоподобен ум и нечистите помисли ги создаваат овие таканаречени проблеми. Ако човек внатрешно се исцели, ако го отвори своето срце, ако го очисти умствениот дел на својата душа и го ослободи нејзиниот разумен дел, тој нема да има психолошки проблеми. Ќе го доживее блажениот и ненарушлив мир Христов (се разбира, зборувам за ова без да се земат предвид телесните болести, кои се случуваат од замор, истоштеност, старечка немоќ и истрошеност на организмот)“.
Преподобен Ефрем Сирин нѐ поучува: „Како лекарство против гордоста најчесто се читаат следните и други слични места во Светото Писмо, насочени против неа:
Па така и вие, кога исполните сѐ што ви е заповедано, речете: ’Ние сме слуги негодни‘ (Лука, 17, 10).
Зашто она што е за луѓето високо, пред Бога е мерзост (Лука, 16, 15). Поучете се од Мене, бидејќи сум кроток и смирен по срце, и ќе најдете мир за душите ваши, вели Господ (Мат. 11, 29).
Кој се сеќава на нас во нашата смиреност: и нѐ избавува од непријателите наши (Пс. 135, 23–24).
Бев во мака и Он ми помогна (Пс. 114, 6).
Секој горделив по срце е одвратен пред Господа (Изрек. 16, 5)“.
Длабоко сум убеден во тоа дека многу форми на психички нарушувања, особено оние што ја составуваат таканаречената „мала“ психијатрија [според својот замав, таа значајно ги надминува „големите“ психози (шизофренија и др.)], се лекуваат преку воцрковување, преку уредување на својот живот согласно евангелските вистини, преку борба со гревовните страсти.
Свесен сум дека овој „рецепт“ многумина нема да го искористат, но го кажувам ова за оние што можат и што сакаат ова да го слушнат.