НЕДЕЛА НА МИТАРОТ И ФАРИСЕЈОТ

 

УТРЕНА

 

 

Славаː глас 8ː Вратите на покајанието отвори ми ги Животодавче, зашто мојот дух поранува кон Твојот свет храм, носејќи го храмот телесен сиот осквернет но како штедар, очисти го со Твојата милост голема.

 

И сегаː богородиченː По патот на спасението води ме, Богородице, зашто душата ја извалкав со срамни гревови и сиот мој живот го минав во мрзливост; но, со твоите молитви избави ме од секаква нечистотија.

 

Потоа, глас 6ː Помилуј ме, Боже, поради Твојата голема милост, и поради мноштвото Твои добрини, очисти го моето беззаконие.

 

Мислејќи на мноштвото мои тешки гревови, јас бедниот треперам од страшниот ден суденː но, надевајќи се на Твојата милост, како Давид Ти викамː Помилуј ме, Боже, поради Твојата милост голема.

 

Канон, глас 6.

 

Песна 1

 

Ирмосː Кога Израил помина пеш низ дното (морско) како по суво, гледајќи го Фараонот гонител како се потопува, викашеː На Бога да му пееме песна победничка.

 

Христос, Кој со параболи ги води сите кон исправање на животот, го издигнува митарот поради неговото смирение, а го понижува фарисејот поради горделивоста негова.

 

Гледајќи ја високата чест придобиена со смирение, и тешкото паѓање на оној што се возвисува, добродетелта на митарот подражавај ја, а фарисејската злоба мрази ја.

 

Со горделивоста се уништува секое добро, а со смирението се истребува секое злоː верни, да го прегрнеме смирението и да се гнасиме јавно од лажната слава.

 

Сакајќи Неговите ученици да бидат смиреномудри, Царот на сите ги учеше да го подражаваат митаревото смирение и неговите воздишки.

 

Славаː Како митарот воздивнувам и со непрестаен плач сега приоѓам кон Твоето милосрдие; Господи, смилувај се над мене, кој својот живот го минувам сега во смирение.

 

Богородиченː Разумот, волјата, надежта, телото, душата и духот ги полагам на тебе, Владичице, избави ме од лутите непријатели и од идната закана спаси ме.

 

Катавасијаː Ќе ја отворам устата моја, и со Дух ќе се исполни, и збор ќе ѝ кажам на Мајката Царица, и ќе се покажам светло торжествувајќи и, радувајќи се, ќе ги воспеам нејзините чудеса.

 

 

Песна 3

 

Ирмосː Никој не е свет како Тебе, Господи Боже мој, Кој го издигна достоинството на Твоите верни, Благи, и Кој нѐ утврди врз каменот на Твоето исповедање.

 

Од ѓубриштето на страстите смирениот се издигнува, а од висините на добродетелите паѓа секој горделивец, од чиј лош пример да бегаме.

 

Лажната слава го оштетува богатството на правдата, а смирението го растура мноштвото на страстиː Спасителу, дај ни да го подражаваме примерот на митарот.

 

И ние, удирајќи се в гради како митарот, смирено да извикамеː Очисти нѐ, Боже, нас грешните, и како него да примиме простување.

 

Да се натпреваруваме во ревноста, верни, постапувајќи кротко, живеејќи заедно во смирение, со воздишки на срцето, во плач и молитва, та од Бога прошка да имаме.

 

Славаː Да ги отфрлиме, верни, високофалената горделивост, опасната надуеност, гнасното мислење и одвратната дрскост на фарисејот пред Бога.

 

Богородиченː Надевајќи се на тебе, единственото засолниште, да не отпаднам од добрата надеж, но да ја примам твојата помош, Чиста, избави ме од секој напад на непријателот.

 

Седален, глас 4.

 

Смирението го издигна митарот кој жалеше поради своите гревови, и Го молеше Творецот да го очисти, а горделивоста го унижи кутриот фарисеј кој се фалешеː затоа доброто да го бараме, а од злото да бегаме.

 

Славаː Смирението некогаш го издигна митарот, кој со плач повикаː Очисти ме, Боже, и помилуј ме. Него да го подражаваме сите ние, кои сме паднале во бездната на злото, и да Му повикаме на Спасителот од длабочината на срцетоː Згрешивме, очисти нѐ, единствен Човекољупче.

 

И сегаː богородиченː Брзо прими ги, Владичице, нашите молитви, и принеси ги на Твојот Син и Бог, Госпоѓо сенепорочнаː ослободи ги од неволјите оние што ти приоѓаат, разбиј ги подмолните напади и разурни ја дрскоста на оние што се вооружуваат безбожно против твоите слуги, Пречиста.

 

Песна 6

 

Ирмосː Гледајќи го морето на животот, бранувано од бурата на искушенија, кон Твоето тивко пристаниште трчам и Ти викамː изведи го од гибел мојот живот, Многумилостиве.

 

Животниот пат митарот и фарисејот го трчаа заедно; но едниот, обземен од горделивоста, пропадна срамно, а другиот се спаси со смирението.

 

Минувајќи го бедниот тек на овој живот, ревносно да го подражаваме мислењето митарево, а да бегаме од гнасната надуеност на фарисејот, и живи ќе бидеме.

 

Да го подражаваме животот на Исуса Спасителот, и Неговото смирение, за да примиме дел од непрестајната радост, кога ќе се вселиме во земјата на живите.

 

Господи, на Твоите ученици си им покажал врвно смирение, кога, препашан со крпа, им ги изми нозете и им заповеда да го следат овој пример.

 

Славаː Го минаа животот – фарисејот со добродетели, а митарот со прегрешенијаː но едниот беше понижен поради злобната горделивост, а другиот се издигна кога смиреномудар се покажа.

 

И сегаː богородиченː Творецот ме создаде едноставно гол, за еден неизвештачен живот, но ѓаволот ме облече со лукаство на гревот и со дебелината на телото; а сега, Дево, со твоето посредништво, се спасувам.

 

 

Кондак, глас 4.

 

Да бегаме од фалењето на фарисејот и да се научиме на смирението митарево, со покајание викајќиː Спасителу на светот, очисти ги слугите Твои.

 

Втор кондак, глас 3.

 

Да Му принесеме на Господа воздишки како митарот и, ние грешните, да Му пристапиме како на Господар, бидејќи Он го сака спасението на сите луѓе, им дава прошка на сите што се каат, оти заради нас се воплоти Словото Божјо, Кое е собеспочетно на Отецот.

 

Икосː Сите ние, браќа, да се смириме самите себе со воздишки, со плач да ја биеме совеста, та на вечниот суд да се покажеме верни, невини и да добиеме простување, зашто таму е вистинското олеснување, за кое ние сега се молиме да го видиме, таму каде што нема ни болка, ни тага, ни длабоки воздишки, тој прекрасен рај – Едем, што ни го обезбеди Создателот Христос, Кој е Бог, беспочетен со Отецот.

 

 

Свето евангелие според светиот апостол Лука

18:10-14

 

10. Два човека влегоа во храм да се помолат; едниот фарисеј, а другиот митник.

11. Кога застана, фарисејот вака се молеше во себе: »Боже, Ти благодарам што не сум како другите луѓе: разбојници, несправедливи, прељубодејци, или како овој митник.

12. Постам двапати во седмицата, давам десеток од сe што придобивам.«

13. А митникот стоеше оддалеку; не смееше дури (н)и очите да ги подигне кон небото, туку се удираше в гради и велеше: »Боже, биди милостив спрема мене грешниот!«

14. Ви велам: дека тој си отиде дома повеќе оправдан, отколку оној; зашто секој што се воздига, ќе биде понизен, а кој се понизува ќе биде воздигнат.”

 

СИНАКСАР

 

Стихови од Триодː

 

Создателу на горните и долните,

Кој ја примаш Трисветата песна од ангелите,

Прими го и трипеснецот од луѓето.

 

На митарот и фарисејотː

 

Кој живее фарисејски, тој останува далеку од Црквата.

А Христос е внатре и смирениот Го прима.

 

 

Приказната (параболата) за митарот и фарисејот.

 

Слично на оние што одат во физичка (телесна) војна, кои од своите војсководачи се подготвувани преку различни вежби, чистење на оружјето и со сѐ што е потребно за борбатаː да отфрлат секаков страв, мрзливост, очајание и сѐ друго и да бидат храбри – така и божествените отци нѐ подготвуваат за духовниот подвиг против демоните, чистејќи нѐ од секакви страсти, преку пост, покајание и други добродетели. Ако до сега не сме ги стекнале, тогаш да се потрудиме да ги добиеме и така со нив вооружени, да го пожнееме подвигот на постот.

 

Но, бидејќи првото оружје кон добродетелта се покајанието и смирението, а пречка кон врвното смирение се горделивоста и надуеноста, од божественото Евангелие ни е предложена денешнава парабола, која нѐ поучува да ја отфрлиме страста на фарисеевата горделивост и надуеност, а да го подражаваме митаревото покајание и смирение, кое е спротивно на онаа страст.

Бидејќи првата и најлоша страст е горделивоста и надуеноста, зашто преку нив отпадна од небото ѓаволот, кој порано беше наречен Деница (Луцифер – светлоносец), поради нив тој стана темнина.

Но, поради нив беше изгонет и Адам од рајот. Со ова светите отци нѐ учат никогаш да не се возгордеваме и да не се креваме против ближниот, но секогаш да бидеме смирени, оти Господ им се противи на горделивите, а на смирените им дава благодат, бидејќи е подобро оној што греши да се покае, отколку оној што се поправа да се возгордева. Зашто ви велам, рече Господ, митарот си отиде повеќе оправдан, отколку фарисејот.

Оваа парабола ни открива дека никој не треба да се гордее, дури и ако прави добри дела, но секогаш да се смирува, и да Му се моли на Бога од сета душа, дури ако падне и во последно зло, оти спасението не е далеку.

Митарот е оној што ги собира даноците од народот. Фарисејот е оној што мисли дека е подобар и попаметен од сите.

Садукеј е оној што мисли дека е поправеден од ситеː седек значи правда. Кај Евреите, пак, имаше три секти (ереси)ː есеи, фарисеи и садукеи, кои не ги прифаќаа ниту воскресението, ниту ангелите, ниту духот.

 

По молитвите на сите овие Твои песнотворци, Христе Боже наш, помилувај нѐ. Амин.

 

Изворː ПОСЕН ТРИОД