ПОВИК КОН ПОКАЈАНИЕ
Ова стана веќе раширена болест во нашето време: сега луѓето заради сладострастието што се вкоренило во нив, заради наклонетоста секогаш и во се да бараат комфор и пријатност, самиот духовен живот го сфаќаат како средство за најбрзо добивање на некакво внатрешно „блаженство”, сладок мир и еуфорија.
И сега наидуваме на ваква слика: човекот ги исповедувал своите поранешни тешки гревови, одел малку во црква, на исповед уште неколку пати се присетил на нешто од минатото, се научил малку да се моли, надворешно почнал да води среќен живот, но и понатаму не гледа заради што треба да се кае:
„Живееме некако нормално, немаме некои посебни гревови.
Да, ни доаѓаат различни лоши мисли, оживуваат старите страсти во срцето, но тоа е кај сите така. Меѓутоа, колку добри дела правиме сега” итн.
Така уште на самиот почеток човекот може да развие бесчувствителност за своите гревови. И ако не се научи внимателно да гледа на слабостите на својата душа, ако во неа не израсне внатрешно покајание, без него целиот духовен живот нема да има вистински ориентир, ќе скрене на лажен пат, во погибелна прелест.
Тогаш човекот не само што нема да умее да ги воочи своите скриени страсти, туку и ќе почне да си замислува дека е особено надарен, дека има „духовни”, „благодатни” и „свети” дарови.
Сите овие појави на душевното дејствувње што на човекот му изгледаат светли, благодатни и богоугодни создаваат кај него впечаток за некаква негова особена избраност, му изгледаат како почеток на возвишен духовен живот.
И навистина, кај човекот, кој создал некакво лукаво мислење за својата праведност, за тоа дека веќе стои на некакво значајно духовно ниво, се појавува чудно и необјасниво воодушевување, плима на некакви душевни сили, необична распаленост што тој ја сфаќа како света ревност, како и пориви на бурни душевни активности.
Ни малку не е едноставно во овие движења да ја познаеш маската на самоизмама. Потребно е духовно искуство за човекот навистина да ја разликува ваквата болна распаленост од вистинската ревност.
При сето тоа, човекот што скршнал од правиот пат не престанува да се нарекува грешник и делумно се смета за таков.
Се работи за тоа што овде страстите почнуваат да делуваат многу лукаво и скриено, така што тука постои дури и признавање на гревовноста, но тоа е многу површно, повеќе е на зборови отколку во чувствата, додека признавањето на својата праведност лежи длабоко во срцето, иако со зборови, можеби, човекот не ја изразува.
Сега се гледа колку е важно, уште од самиот почеток на духовниот живот, на верникот да му се даде добар правец, да се предупреди да не му се случи слична самоизмама, да не му се допушти да се смета дека е оаза во пустината на Ветената Земја (св. Игнатиј Брјанчанинов), односно да не му се дозволи да мисли дека е спасен и избавен од опасностите кога штотуку стапил на патот на борбата.
– Извадок од книгата:
ПОКАЈАНИЕТО- ПАТ КОН ВЕЧНОСТА
Издавач: Канео ,Охрид, Дебарско- кичевска епархија