ИСПОВЕДТА НА МАЛИОТ МАРКО
Малиот Марко како растеше, така го спознаваше светот и сè што го опкружува, но, сето тоа низ болка.
За малиот Марко сето тоа не беше лесно, многу често се лутеше, не беше согласен со нештата, беше расплакан, а често и се затвораше сам во својата соба.
Ги бараше одговорите на многуте прашања, но, најтешкото прашање за него беше прашањето за животот и смртта.
И така, отткако искуси и едно и друго, своето искуство тој го сподели со познатиот Старец Тихон.
Старче, како мал гледајќи ја свадбата на моите родители неможев да разберам зошто ме нема и мене на свадбата?
– Мамо, мамо, каде сум јас? – викав со страв, гледајки ја свадбата на своите родители?
А мојата мајка, Ана, како да ми објасни?
– Сине, ти тогаш не беше роден, се роди подоцна… Прво јас и татко ти правевме свадба, а ти се роди подоцна, велеше таа.
– А, зошто? – упорно, прашував лутејќи се, не разбирајќи заради својата возраст, тагував заради тоа.
Мојата мајка сакајќи да ми објасни, зеде лист и почна да црта. На листот нацрта машко и женско како се држат за рацете, а потоа зеде уште еден празен лист и нацрта машко, женско и едно мало дете, повторно како се држат за рацете и ми рече:
– Сине, види вака, ова овде е татко ти, а ова овде, сум јас. Прво бевме двајца и кога двајца се сакаат Господ ги наградува.
Потоа го зеде вториот лист и ми рече:
– Нашата награда од Бога си ти. И покажувајќи го малото детенце нацртано на вториот лист ми кажа:
– Еве ова овде си ти, значи прво сме двајца (мама и тато), а потоа се тројца, четворица…
Колку Бог ќе благослови дечиња толку. Ти ако сакаш можеш да му се помолиш на Бога за братче или за сестриче или пак и за едното и за другото – ми велеше таа.
А јас со плачење одговарав:
– Не сакам братче, не сакам сестричка. Зошто ме нема на свадбата. Сите се таму, а мене ме нема.
Мајка ми сакаше да ми објасни, но, не успеваше во тоа, а јас, кутриот, не можејќи тоа да го сфатам, упорно плачев, зошто и јас не сум со мама и тато? Зошто ме нема на свадбата?
Ги има сите, баба и дедо и другата баба и другиот дедо и сите што ги познавам, а мене ме нема.
Старче имав многу непознати прашања под – зошто?
Растев и се развивав умствено и физички и така, за полека, полека, да влезам во светот на познанието… но, сето тоа го минав со болка и плач.
Имаше и радости…
Си спомнувам, кога мајка ми Ана раскажуваше за првиот снег. Како сум настојувал во рачињата да пречекам и фатам снегулка..
Но, додека истрчам до кај мајка ми, снегулките во моите раце се претвораа во вода, а јас, изненаден, повторно и повторно, трчав, по нови, за да фатам и за да и` ги донесам на мајка си.
Старецот со внимание го слушаше малиот Марко оставајќи го да се искаже.
– Мојот татко беше постојано на работа, велеше Марко. Беше шофер и отсуствуваше со денови. Јас израснав со мајка ми и моите баба и дедо.
Радоста беше многу голема кога мојот татко ќе се враќаше од пат.
– Тато, што ми донесе овој пат? знаев да извикам!
Камион! Леле, каков е – ќе кажев!
Ми се допаѓа премногу! Ти благодарам многу, тато.
И не само камион, ќе ми донесеше и мече?
И повторно од радост викав.
Ќе прашав:
„А, за мајка ми купи ли нешто? А, за баба ми и дедо ми?
– Не, со насмевка ќе кажеше тој,
ти си мојот миленик и купувам само за тебе.
И така, секое доаѓање добивав подароци.
Беше тоа голема радост, кога татко ми Петар беше во куќата, но, тоа траеше кратко, знаејќи дека мојот татко повторно ќе замине, радоста ми се претвораше во тага.
И што можев да направам Старче, што можев јас да променам?
Повеќе не ги сакав играчките, јас го сакав мојот татко. Мртвите предмети, колку и да беа убаво дизајнирани, колку и да фасцинираа со својата големина, колку и да беа во тренд… тие не можеа да ја заменат татковата љубов.
– Татко, знаев да кажам. Јас ова не го сакам и не сакам да одиш повторно. Остани дома.
Потоа со плачење ќе се свртев и ќе и` се обратев на мајка ми.
– Мамо, зошто татко ми мора да оди на работа? Не сакам, сакам да е тука со нас!
А таа знаеше да каже:
– Ајде, не се разгалувај, татко ти работи за да купиме леб, за да платиме струја, за ти да имаш играчки….
А јас велев :
– Не сакам повеќе играчки, не сакам ништо! Јас го сакам татко ми покрај мене…
И така мој Старче покрај моите прашања за едно и за друго… тагував и за моите најблиски.
Но, се случи нешто неочекувано, мојот дедо почина, а за неполни шест месеци почина и мојата баба. Сето тоа многу болно го поднесов.
Овој пат се судрив со смртта, со разделбата со најмилите и најсаканите.
Не можев повеќе да одам на прошетка по кејот заедно со мојот дедо, не можев да одам по леб до продавница, а и на пазар со мојата баба.
Тие заминаа и повеќе не се вратија. Ги немаше повеќе.
Често гледав во прозорот со поглед свртен кон небото, со насолзени очи, барајќи да не ќе здогледам некоја ѕвезда, зашто мојата мајка ми велеше:
– Сине, тие се на небесата кај Господ, не тагувај. Еве онаа ѕвезда е твојата баба, а она таму што уште посилно свети, е твојот дедо.
Не ја сакав смртта и кога ќе помислев на смртта се ужаснував.
Си велев, подобро ќе беше никогаш да не се родев. Го проколнував животот заради смртта. Не можев да прифатам дека еден ден и мојот живот ќе згасне и дека нема веќе да постојам.
Смртта ја сфаќав како смрт на личноста, а не како премин од овој свет во другиот, Небесниот..
Ја сфаќав како вечно непостоење и крај на животот засекогаш.
Се бунтував против Бога кога мојата мајка зборуваше дека Господ е еднакво со Живот, со ВЕЧЕН ЖИВОТ.
Живот кој не е врзан со времето и просторот.
– Тој е надвременски и надпросторен и јас верувам во Него, како што верувам во Самиот Бог, велеше таа.
Затоа треба да бидеме добри да му угодиме на Бога за давечно бидеме со Него, ме советуваше.
И така, сфатив дека Господ дава и Господ зема живот, дека сите ние сме овде, времено, дека нашето вечно пребивалиште е горе на небесата, во Царството Небесно, кај Нашиот Господ Исус Христос, овде сме гости си велев, утешувајќи се..
Морав да научам да живеам без нив. Иако многу нешта ме подсетуваа на баба ми и дедо ми. Прашањата како настанува животот и како доаѓа смртта ме следеа во мојот раст.
Преку тоа страдање, преку таа болка и плач, јас Го познав Бога!
А мојата мајка Ана, гледајќи како една сосетка редовно оди на Богослужба во недела и во разговор учејќи oд неа за животот во Црквата, реши и мене да ме однесе во блиската Црква на Божествена литургија во нашата населба.
Мајка ми беше богобојазлива жена и во тоа време Црквата ја посетуваше само за големите празници, а не секоја недела како сосетката. Црквата во нашата населба беше посветена на `Воведение на Пресвета Богородица`, а таму парохиски свештеник беше отец Сергеј.
Отец Сергеј, тоа неделно утро, според вообичаениот ред, ја предводеше Божествената литургија.
Освен мене имаше и други деца на службата. Сите стоеја мирно покрај своите родители и внимателно ја следеа Божествената литургија.
Дојде време за земање на телото и крвта Христови, на причестувањето т.е. соединувањето со Него, со Христа – Самиот Бог.
Тогаш јас и мајка ми се наредивме во редот за оние кои се за причестување, со намера да ме причести и мене, затоа што знаеше од сосетката дека до седум години децата можат и треба редовно да се причестуваат без притоа да постат и да се исповедаат.
Кога дојде ред на мене да се причестам свештеникот ја праша мајка ми. Колку години наполни малото ангелче, а таа одговори,:
– Оче, Марко наполни седум полни во осмата, еве, уште малку на 16 ти август ќе прави осум.
– Аха, убаво рече Отецот Сергеј, причестувајќи ме и додаде:
– Веќе не е мал, значи, ќе треба почесто да се гледаме!
Марко расте, ќе морам духовно да му помагам во неговиот раст.
– Да, да отец, му треба вашата помош, одговори мајка ми. Веќе има потреба.
И така во молк продолжи причестувањето и на другите, верниците кои се беа поредиле за причест т.е. тие на кои им беше благословено да се причестат.
А јас слушав се внимателно и на крај кога заврши службата ја прашав мајка си.
– Мамо, мамо зошто сака отец Сергеј да ми помогне? Јас не сум болен, не кашлам и немам температура. Добар сум.
– Сине, лекарите се грижат за телесното здравје, за твоето главче, за твоето грленце, а свештениците се грижат за духовното здравје, за твојата душа, за твојот разум и срце и за сите прашања за кои немаме одговори, за сите тешкотии кои ни причинуваат болка, еве овде, чепкајќи ме на градите, – ми рече, се грижат за нашата душа.
Отец Сергеј за тоа може да ни помогне и на тебе и мене, на сите кои сакаат.
Да сине, мораме да одиме и кај едниот и кај другиот лекар. Двајцата ни се многу потребни. Едниот за телото, другиот за душата.
– Аха, значи и мојата душа некојпат може да гори и да има температура… да чувствувам болка?
Мајка ми се насмевна и рече:
– Да мило мое дете, веќе си голем ќе наполниш осум години, ти самиот можеш исто како со мамичка да разговараш и со отец Сергеј за сите твои недоразбирања и нејаснотии и да ги добиеш одговорите исто како од Самиот Господ.
Веќе полниш осум години и Црквата бара да чекориш по духовниот пат, а мама ќе е секогаш со тебе.
Тогаш цврсто ја стиснав мајка си за рака и запрашав:
– Значи, ќе можам да зборам и со тебе и со отец Сергеј.
– Да, дете мое, одговори таа, со двајцата.
Наредната недела ќе дојдеме повторно на литургија и после литургијата ако сакаш можеш да го прашаш отец Сергеј за нешто што ти создава болка, тешкотија и слично….Нешто што ти се допаѓа, а и за тоа што не ти се допаѓа.
Во ред?
– Во ред мамичка, одговорив со радост и детско рипкање.
Полн со енергија побарав да си играм со другите деца, а мајка ми, се разбира, ми дозволи.
И така Страче, мојата мајка одигра голема улога во моето духовно зачекорување во духовниот свет.
Потоа следеше една убава вест. Мајка ми ни соопшти дека е бремена, дека ќе имаат принова (нов член во семејството). Со радост ми кажа:
– Марко,мило мое дете, Господ благослови да имаш братче или сестриче. Ќе видиме дали ќе е женско или машко, ми рече таа.
Но и не е важно, само да е живо и здраво. Фала Ти Господи, велеше.
А јас се збунив, се возмутив и ја прегрнав мајка ми. Потоа ја ставив раката на нејзиниот стомак и почнав да ја галам по стомакот.
– Мамо, значи моето братче или сестриче сега е тука.
– Да, рече таа тоа ќе расте во моето стомаче, се` додека не порасне доволно големо за да живее на овој свет.
– И Господ ни даде?
– Да, одговори Ана. Се` е од Бога и без Бога ништо, дете мое.
Господ не’ благослови да имаме уште едно дете, а ти да имаш братче или сестричка.
Растев радувајќи се кога ќе се роди некој, а тагував кога ќе слушнев дека некој починал.
Но раѓањето на мојата сестра веќе беше нешто друго, нешто вистинско и нешто живо. Беше неспоредливо со било која играчка.
Новиот живот, мојата сестра, за мене беше нешто Божествено.
Како мала ги чепкав нејзините рачиња, а толку мали, нејзините ножиња повторно, толку мали, а таа беше неизмерно слатка.
Ја посматрав како расте, како од толку малечка кога се роди за една година стана човече, а за година ипол почна да зборува и оди на радост на целата фамилија.
Татко ми сето тоа го испушти. Постојано беше на работа, жртвувајќи се за нас.
А мајка ми беше дома чувајќи не`, но дома подработуваше по нешто.
Беше шнајдерка, а многу добро знаеше да плете и везе и покрај нас, знаеше да направи нешто и за другите деца.
Ке сошиеше лигавчиња, ќе сплетеше детска блуза или панталонки, потоа за ножињата чорапчиња… и така, своите производи ги носеше на пазар за да ги продаде.
Тоа го правеше во слободното време откако ќе зготвеше топол оброк и откако ќе ги исполнеше домашните обврски.
Бевме среќни дома со неа. Што ќе беше ако и мајка ми беше по цел ден на работа?
Навистина тоа ќе беше престрашно за сите нас.
Знаеше да ја отвори и Библијата и да ни чита од Евангелијата. Најмногу го сакав Евангелието на Светиот Апостол Марко затошто го носам неговото свето име.
Делот од Евангелието
“ Времето се исполни и царството Божјо наближи, покајте се и верувајте во Евангелието“….. посебно ја допира мојата душа.
Сега кога пораснав, работите ги видов и од еден друг агол. Значи Старче требало да сме трпеливи.
Требало да оставиме на времето.
Како смоквата да си го дозволиме времето на зреење и тоа до крајот на бербата. Кога всушност ке вкусиме и видиме колку е благ Господ.
– Да, Старче со воздишка кажа малиот Марко, говорејки како зрело детенце кое одговорно ќе влезе во пубертетските години.
– Чедо мое, многу се радувам за тебе. А знаеш ли зошто?
Не знам Старче, не знам што добро направив за да се радувате заради мене?
– Се радувам, затоа што преку таа болка и страдање, ти самиот виде и искуси.
Со тебе е лесно. Со тебе не треба многу да зборувам и да се убедувам. Ти си од Бога научен.
Бог е твојот учител заедно со болката и страдањето кои ти со благодарност си ги прифатил.
Продолжи и понатака така да чекориш по патот. Биди само во разговорот со Бога, во дијалогот со Бога, во молитва со Бога и Господ ќе те сочува од секое зло.
– Да, во право сте Старче, всушност тоа е тоа што многу ми недостасува.
Отсега постојано ќе бидам во контакт со Бога!
– Да мило мое чедо, сиот твој живот претвори го во молитва, целото секојдневие и така ќе бидеш во постојан контакт со Севишниот.
Моли му се во секоја прилика и кога ќе станеш и кога ќе тргнеш за на училиште Бог нека биде твојот патеводител.
Потребно е да кажеш:
– Господи Ти благодарам за мирниот и длабок сон што ми го даде, та го одморив и телото и душата.
Ти благодарам и што се разбудив и што станав здрав и жив и еве се спремам за на училиште.
Чувај ме по патот и од искушенијата кои ме демнат додека сум на училиште, а отвори ми го умот за да внимателно ја следам училишната настава….
– Кога ќе сакаш да јадеш не заборавај да кажеш:
Господи благослови го моето јадење…..и така чедо мое ако го љубиме Бога целиот наш живот ќе се претвори во молитва.
Практикувај ја и Исусовата молитва:
„ Господи Исусе Христе, Сине Божји, помилуј ме грешниот“.
Кратката молитва ` Господи Исусе Христе, помилуј ме грешниот`, е најделотворната молитва.
Практикувај ја и таа ќе те научи на се’ а јас за што и да треба повторно сум тука.
И не заборавај, зашто е кажано:
Кого Го љубиш на Него мислиш,
за Него зборуваш и
со Него сакаш да бидеш.
Да, Господи за мене тоа Си Ти,- прошепоти Старецот
Марков Манастир