Свети Јован Лествичник пишува дека гревот почнува во човечката душа од мислата. Светите Отци демонот го нарекуваат голем уметник.
Тој прво ни дава „претстава“ на гревот.
Ова се нарекува предлог – човечката душа може да го отфрли или да го прими. Ако го отфрли – победила.
Ако човекот се двоуми во средбата со нечистата мисла, неговата душа влегува во разговор со неа и како да се соединува со неа. Потоа настанува она што подвижниците го нарекуваат согласност со мислата, а тоа е наше мислено согласување гревот да го сториме и на дело.
Потоа, се вклучуваат и нашите чувства и гревот станува страст.
Човекот бара прилика, замислува и смислува како да го оствари гревот.
Потоа, кога гревот веќе е сторен, тој, повторувајќи се постојано, преминува во навика, а навиката, вкоренувајќи се во човечката душа, станува нејзина втора природа.
Гревот најлесно може да се победи додека е уште во фазата на помисла, – како што е полесно да се искорне млада билка, отколку дрво кое веќе пуштило корења длабоко во земјата.
Во Книгата за Јов, гревот е наречен мравколав (мравка и лав): тој прво е мал, како мравка, речиси незабележлив, но, кога ќе порасне станува моќен и грозен како лав и ја растргнува нашата душа како тој грабливец, а ние тогаш веќе сме беспомошни во неговите пеколни канџи.
Заради тоа, браќа и сестри, Преп. Јован Лествичник ни дал завет да бдееме над своето срце, нашиот ум да го чува срцето со Исусовата молитва.
Ви реков дека Преп. Јован Лествичник ги опишал осумте главни страсти, осумте смртни гревови, осумте отровни извори од кои проистекува сето духовно зло и погибел.
Тоа е како осум ѕидови кои стојат меѓу човечката душа и Бога, еден над друг, а последниот, гордоста, речиси достигнува до небото.
ЧРЕВОУГОДИЕ (СТОМАКОУГОДНИШТВО)
Првиот духовен чир, од којшто гнои и гние нашата душа е чревоугодие (угодување на стомакот, стомакоугодништво).
Чревоугодникот не е способен за ништо духовно. Уште во древните времиња луѓето говореле:
„Човекот треба да јаде за да живее, а не да живее за да јаде.“
Чревоугодникот личи на подвижна кујна, во која непрестајно се готви храна, која непрестајно чади.
Чревоугодникот, според зборовите на Преп. Јован Лествичник, не може да го управи својот ум кон небото, како што дебела птица не може високо да полета.
Чревоугодникот целиот се претворил во смртно тело.
Самото чревоугодништво се дели на низа страсти, од кои првата е – чревобесие (побеснетост на стомакот): тоа е незаситна желба за неумерено прождерување на секаква храна.
Преп. Јован Лествичник вели:
„Чревоугодникот е спремен да ги изеде сите житници на Египет и да го испие целиот Нил!“
„Чревобесие е“ „лага на стомакот, којшто и откако се наситил, вика – уште сум гладен.“
Чревоугодникот престанува да размислува за духовното, небесното и веќе не е ниту способен тоа да го прави. Тој како целиот да се претвора во еден голем свински стомак.
Друг вид чревоугодие е гортанобесието (разуданост на грлото), т.е. луда желба за слатка храна и специјалитети.
Потоа, тајнојадење, кога чревоугодието е поврзано со суетата: човекот пред луѓе се покажува воздржан, а јаде тајно.
Потоа, во чревоугодие спаѓа јадење храна која го нарушува здравјето.
Свети Василие Велики вели:
„Храната треба да го закрепнува телото, а не да предизвикува болест.“
Светите Отци, исто така, нè учат со стравопочит да јадеме од трпезата, не заборавајќи дека храната што ни е дадена е дар Божји.
Tие за време на земањето на храната забранувале празни разговори, шеги, смеа и особено осуда.
Кај блажениот Августин, епископот Ипонски, над масата бил закачен натпис: „Овде не се осудуваат луѓе!“.
И еднаш, кога чул како неговите гости почнале да осудуваат некој човек, тој прашал:
„Што сакате: да станам од масава или да го тргнам овој натпис?..“
Во Патерик се зборува како еднаш монасите јаделе храна и на некој прозорлив старец му било откриено:
околу оние кои јаделе во смирение и му се заблагодарувале на Бога за секое парче леб, за секоја голтка вода, невидливо стоеле Ангели и ги хранеле со мед;
на оние кои јаделе во тихување и ја твореле за тоа време Исусовата молитва, Ангелите им давале некој небесен напиток со неискажлива сладост;
трети за време на трпезата се смееле, се осудувале еден со друг,
раскажувале смешни настани од животот на манастирот и демоните летале над нив и им ја скрнавеле нивната храна, ја плукале.
Значи, браќа и сестри, Христијанинот треба да ја јаде храната со стравопочит и да му благодари на Бога за неа.
За човек да го победи чревоугодието, Јован Лествичник советувал од срце да се помоли на Бога и, јадејќи ја храната, да се има на ум дека ќе дојде час кога самото наше тело ќе биде храна на црвите, како и да се размислува за тоа како Господ на Крстот вкусил жолч и оцет…
Ке продолжи…
АРХИМАНДРИТ РАФАИЛ КАРЕЛИН
СО ХРИСТОС КОН ВИСОЧИНИТЕ НА ОБОЖЕНИЕТО
Преведе: М. Даниловска