Дури откако ревносно ќе се потрудиме во сите христијански добродетели, ќе можеме да се наречеме вистински христијани.
Бидејќи ап. Павле вели:
„Ние, христијаните, имаме ум Христов“.
А ум Христов ќе стекнеме, тогаш кога ќе научиме постојано да се жртвуваме, онака како што Он се жртвува Себеси за нас грешните, засекогаш давајќи ни пример на неприкосновена и бескрајно пожртвувана љубов.
Доколку сакаме да бидеме вистински христијани, за нас нема друг пат!
Затоа, ако сакате достојно и без осуда да се причестите, не губете време тогаш, мислејќи на неважни работи, како на пр. дали сте јаделе риба или маслинки, или масло и така непотребно заморувајќи се себеси и својот духовник, туку размислете во кој степен сте ги исполниле Христовите заповеди, дали во периодот пред светата Причест вистински сте биле пожртвувани и несебично сте му послужиле на ближниот во неволја,
и дали сте Му ја посведочиле својата љубов на Христа, односно со колкава посветеност и љубов, молитвено сте се подготвувале пред некое бдение, или пред некој празник.
Нашата одговорност како христијани е навистина голема.
Ние секогаш треба да бидеме пример за другите со своето однесување, така што тие, гледајќи го нашиот љубовен однос да можат да кажат:
„Еве, овој е вистински христијанин, бидејќи знае да биде пожртвуван, знае да љуби вистински“.
Е, тогаш на светата Литургија ќе можеме во полнота да се сретнеме со Христа. Тогаш, сведочејќи го Христа и љубејќи до самозаборав, ќе можеме да кажеме дека живееме Евхаристиски.
Бидејќи што се случува на секоја Литургија?
Доколку внимателно ги следите молитвите за време на Литургијата, ќе видите дека таа е, всушност, едно жртвување на Божјиот Син за светот!
Дел од – Беседа за Богородица „Достојно Ест“ – Старец Партениј Бигорски (2012)