ИСПОВЕДАЊЕ НА ПОМИСЛИТЕ
Овде искусното знаење е крајно неопходно. Преподобен Касијан Римјанин вели:
„Корисно е да им се откриваат своите помисли на отците, но не на било кој, туку на духовните старци, кои имаат расудување, старци не според телесната возраст и белата коса.“
Гревовните помисли и чувства се појавуваат од нашата падната природа.
Но, кога гревовните помисли и чувства ќе почнат да доаѓаат постојано и интензивно, тоа е знак дека ги донесува нашиот непријател, паднатиот ангел, или пак тој ја принудува нашата падната природа толку да ги породува.
Со постојан и силен напад над нас, паднатиот дух се труди во нас да посее семе на гревот, да нè научи на било кој облик на грев, преку често потсетување на него, да поттикне посебна наклонетост кон него и да го претвори во навика, како во некоја природна особина.
Гревовната навика, која се нарекува страст, го лишува човекот од слобода, го прави заробеник и роб на гревот и на паднатиот ангел.
Против засилените и зачестени напади на гревовни помисли и чувства, што на монашкиот јазик се нарекува борба, за почетникот нема подобро оружје од исповедта.
Исповедта за почетникот е скоро единствено оружје за време на борбата. Во крајна линија, таа е најсилно и најделотворно оружје.
Колку што можеш почесто прибегнувај кон тоа оружје во текот на борбата, која против тебе ја води ѓаволот:
прибегнувај сè додека ѓаволот и искушението што тој го донесува не отстапат од тебе.
Ѓаволот сака да прави зло тајно, сака да остане незабележан, да не се знае за него. „Седи скришум како лав во пештера, со намера да фати беден“ (Псал. 9: 30), т.е. неискусен и слаб монах.
Тој не трпи да биде разоткриен и покажан: кога ќе се случи тоа, тој го остава својот плен и заминува.
За помислите, макар и да се гревовни, но кои поминуваат и не се вовлекуваат насилно во душата, не е потребна неодложна исповед.
Отфрлај ги, не обрнувај внимание на нив, заглушувај ги со сеќавање на евангелските заповеди, кои им се спротивни; на исповедта пред Причест со Светите Христови Тајни, кажи дека, освен значајните гревови, кои точно треба да ги изложиш, си згрешил и со разни помисли, зборови и дела, во знаење и незнаење.`