УТРЕНА
Тропар, глас 4.
Маченикот твој Трифун, Господи, во своето страдање прими нераспадлив венец од Тебе – нашиот Господ; имајќи ја, пак, Твојата поткрепа, ги порази мачителите и ја скрши немоќната смелост на демоните. По неговите молитви, спаси ги душите наши.
Канон на маченикот, чиј акростих е:
Трифуне, удостој ме да се причестам со сладоста. Глас 8.
Песна 1.
Ирмосː Откако ја мина водата како по суво и египетското зло го избегна, народот израилски викашеː На Избавителот и наш Бог да Му пееме.
Насладувајќи се навистина со божествените сладости на небесата, како непобедлив страдалник, со твоите молитви избави ја душата моја од страсните вознемирувања.
Откако се поучи во божествените зборови, нив ги изврши на дело; откако ја возљуби светињата, го прегрна и целомудрието.
Ти си бил пастир навистина, хранејќи ги со мудрост мислите на твојата душа, обраќајќи ги душите на заблудените, и приведувајќи ги кон Бога славен (маченику).
Богородиченː Просветлувајќи ме со духовна светлина, ти која ја роди Славата на Отецот, сенепорочна Отроковице, и гревовниот мрак го разори.
Песна 3.
Ирмосː Ти си тврдина на оние што приоѓаат кон Тебе, Господи, Ти си Светлина на помрачените и духот мој Те воспева.
Славен Христов маченику, ти си ја отапил силата на горделивецот, откако се облече со сила одозгора.
Облечен во тело, ти си ги одбил нападите на бестелесниот непријател, и си Го проповедал воплотниот Бог Слово.
Со самото твое доаѓање, се прогонуваат духовите на злобата, гонети од благодатта на Светиот Дух.
Богородиченː Тебе за помош имајќи те, нема да се посрамам, Пречиста Мајко Божја; имајќи те тебе за застапница на мојот живот, ќе се спасам.
Кондак на маченикот, глас 8.
Поткрепен од Света Троица, ти го разруши култот на мноштвото богови, чесен Трифуне, славен во Господа; а кога ги победи мачителите, благодарение на Спасителот Христа, ти го прими венецот на твоето мачеништво како непобедлив, и даровите на божествените исцеленија.
Седален, глас 4.
Насладувајќи се со телесните болки, себлажен (Трифуне), достојно прими да се насладуваш од божествената храна без маки, откако го прими од Бога венецот на бесмртноста. Затоа и точиш реки од исцеленија, за оние што со љубов бараат твоја заштита, маченику!
Песна 4.
Ирмосː Ја слушнав, Господи, тајната на Твојата промисла; ги разбрав делата Твои и го прославив Твоето божество.
Со твојата цврстина во страдањето, ти си ги восхитил и мачителите што те гледаа, зашто маките ги поднесуваше како да страдаш во туѓо тело, мудар Трифуне.
Биен, ти се хранеше од болните рани, блажени; а сега почисто се насладуваш, наситувајќи се од вечната слава.
Додека твоето тело беше стругано со острината на железните нокти, со божествената благодат закрепнуваше силата на твојата душа, чудесен маченику!
Богородиченː Сета моја надеж ја полагам на тебе, Мајко Божја! Запази ја мојата душа, ти, која Го роди Бога, мојот Спасител.
Песна 5.
Ирмосː Поранувајќи наутро, Ти викамеː Господи, спаси нѐ, зашто Ти си нашиот Бог, и освен Тебе друг не знаеме.
Победоносен маченику, ти ги уништи лажните идоли, бидејќи возљуби да се поклонуваш на иконата Христова.
Кога ја разбра пресветлата благодат на нашиот Бог, славен страдалнику, ти пострада заради неа.
Откако се озари со Божествената благодат, ревносно си пострадал за Христа, страдалнику.
Богородиченː Неискажливо беше твоето зачнување и твоето раѓање, зашто си останала чиста Приснодева.
Песна 6.
Ирмосː Очисти ме, Спасе, од многуте мои беззаконија и, се молам, од бездната на злото изведи ме. Кон Тебе повикав, и услиши ме, Боже на моето спасение.
Откако ги исуши одвратните жртви и нечистите приноси на идолите, славен Трифуне, со твојата крв ги напои сите црковни благородни цвеќиња.
Маченичките рани мирисаат како миро, крвта на страдалците точи исцеленија, а остатоците од телото ги осветуваат душите на оние што ги допираат.
Богородиченː
Како одушевен ковчег си Го примила беспочетното Слово, Творецот си Го сместила како свето светилиште, како огнозрачен престол Го носиш Господарот на сето создание, Богомајко.
Песна 7.
Ирмосː Младите момчиња, од Јудеја во Вавилон некогаш дојдени, со вера во Света Троица, пламенот во печката го изгаснаа, пеејќиː Боже на татковците наши, благословен си.
Како венценосец ликуваш со хоровите на мачениците веселејќи се, зашто ја победи прелеста со вистинското Слово, и пееш радувајќи сеː Боже на татковците наши, благословен си.
Господарот на вселената, со Своите страдања го овенчува маченикот и го населува во небесните живеалишта. Тој вика и говориː Боже на татковците наши, благословен си.
Богородиченː Млада и Сенепорочна, носејќи Младенец Кој е Бог пред сите векови, и Кој се воплоти од тебе, не престанувај да Го молиш да ги спаси тие што пеатː Боже на татковците наши, благословен си.
Песна 8.
Ирмосː Халдејскиот мачител, седумпати повеќе од обично, ја разгоре печката за благочестивите момчиња, но кога ги виде спасени од некоја повисока сила, на Творецот и Избавител Му викашеː Благословен си, Господи Боже, во вековите.
Маченику Христов, ти си пострадал со сечење и палење, до крвопролевање, дури и до смртен крај, противејќи му се на гревот. А сега, откако го прими животот скриен во Христа, викашː Свештеници, благословете Го! Луѓе, превозносете Го во сите векови.
На земјата си се подвизавал борејќи се со непријателите, кои те принудуваа на измама и богоборна лага; а на небесата, Трифуне, се насладуваше носејќи венец, и ликуваш со ангелите пеејќиː Свештеници, запејте! Луѓе, превозносете Го Господа во вековите.
Ти си ја изобличил безбожноста на мачителите, семудри, и си го изгаснал демонското богоборство со потоците на крвта твоја, проповедајќи Го чисто и како што доликува единствениот Бог во Троица и, чествувајќи, си викалː Момчиња, благословете Го; свештеници, воспејте Го, луѓе, превозносете Го во сите векови.
Богородиченː Следејќи ги твоите зборови, те славиме тебе, Пречиста и Блажена, која Го роди по тело вистински Блажениот – Живата и незаодна Светлина, и Учител и Господар на Светлината, Кого момчињата Го благословуваат, свешштениците Го воспеваат и Го превозносат во сите векови.
Песна 9.
Ирмосː Тебе неискусобрачната Мајка на Бога Вишниот; тебе, која надумно со збор Го роди Бога Вистинскиот, која си повисока и од пречистите сили, со непрестајни славословија те величаме.
Очекувањето на мачениците го надминува видливото; тоа е исполнето со бесмртна наслада; нивната надеж е полна со радост и благоухание, и неискажлива светлина. Затоа достојно ги именуваме блажени.
Мудар Трифуне, ти си станал втората светлина, откако ѝ се приближи на Првата Светлина, примајќи го Нејзиниот сјај и форма и зрачејќи со таа светлина. Затоа сите ние блажен те именуваме.
Во твоите подвизи, страдалнику, ти не се поколеба, туку се покажа навистина истоимен на божествената и света храна, која сега ја примаш и се насладуваш со неа. Испроси спасение за нас кои сега те почитуваме.
Богородиченː Умртви го мудрувањето на моето тело, Богородице, и оживи ја мојата умртвена душа, со дејството на Вистинскиот Живот, Кој по тело се роди од тебе, поради Неговото неискажливо милосрдие, заради спасение на оние што тебе те воспеваат.
Светилен.
Насладувајќи се со преславната и божествена храна, блажени Трифуне, ти си станал сожител на ангелите, пасејќи ги гуските по ливадите, и од Бога си примил благодат за исцеленија, за да ги лекуваш човечките слабости и болести.
Изворː ИЗБОР на месечни и празнични богослужби. Прв том, Февруари – август / (препев и превод од црковнословенски јазик протојереј – ставрофор Јован Таковски).
– Битолаː Преспанско-пелагониска епархија, 2008.
Подготви: Светланка Трајчева