Дома Свети Отци ДЕНЕС СИ СПОМНУВАМЕ НА ВАСИЛИЈ ВЕЛИКИ, ГРИГОРИЈ БОГОСЛОВ И ЈОВАН ЗЛАТОУСТ!

ДЕНЕС СИ СПОМНУВАМЕ НА ВАСИЛИЈ ВЕЛИКИ, ГРИГОРИЈ БОГОСЛОВ И ЈОВАН ЗЛАТОУСТ!

0
863

СЕТИТЕ ОТЦИ НАШИ И ВЕЛИКИ ЕРАРСИ ВАСИЛИЈ ВЕЛИКИ, ГРИГОРИЈ БОГОСЛОВ И ЈОВАН ЗЛАТОУСТ

УТРЕНА

Тропар, глас 4ː

Како рамни по нарав на апостолите и учители на вселената; Господарот на сите молете Го, мир на вселената да ѝ дарува, а на душите наши – милост голема.

Канон на светите, чиј акростих еː Возвишувам три сонца на Трисолнечната Светлина. Творба на Јован Евхит.

Песна 9.

Ирмосː Бог и Господ – Син на Беспочетниот Родител, кога се воплоти од Дева – нам ни се јави, за да ги просветли помрачените и да ги собере расеаните; затоа сепеаната Богородица ние ја величаме.

Величај ги, душо моја, трите велики светила меѓу ерарсите.

Ете ги вашите дела и паства, за која претрпевте најголеми страдања, собрани во едно; и така тројцата заедно собрани, и ние со заедничка служба го славиме вашето единство.

Величај го, душо моја, свешникот со три светилки, кој ја осветлува Црквата Христова.

Во борбата против непријателите, благодатта предлага меч не со две острици, туку со триː еден меч искован на небесата, добро изострен од овие тројца (ерарси), кој непрестајно се бори за Едното Божество со Три Светлини.

Величај ги, душо моја, овие три светли украси на Црквата Христова.

Вашето жителство беше на небесата, преславни (светители), иако носевте тело, но постојано неосквернето. Сега, кога во нив живеете сесовршено, молете се за нас, кои остануваме на земјата, за да можеме и ние да мислиме за небесните работи, и да ги остваруваме.

Величај ја, душо моја, Дева Пречиста Богородица, која е почесна од небесните воинства.

Богородиченː Широчината на твоите величија, Владичице, ме стеснува и секој збор се задушува од нивната густина; и што е сосема спротивно, нивното изобилство ме лишува од средствата. Затоа Го славам Оној што тебе толку те возвеличи.

Друг канон од истиот автор. Глас 8

Ирмосː Небото се исплаши и краиштата на земјата се зачудија, кога Бог им се јави на луѓето во тело, а твојата утроба стана поширока од небесатаː затоа, Богородице, ангелите и луѓето заедно те величаат.

Величај ги, душо моја, тројцата пастири на Пресвета Троица.

Троичната добродетел се возвиси, и со слава ја исполни вселената, откако ни запали една друга светилка со три светила, како Свој одблесок – небесните тајноводители. Преку нив, и ние верните сме водени кон Божјото созерцавање.

Величај ги, душо моја, трите големи светила, кои примаат светлина од Трисолнечното Божество.

Никој не е втор меѓу овие тројца (светители), во смисла дека е прв по старешинство меѓу другите рамни на себе, но уште повеќе, победата на другите секој од нив радосно ја смета и за своја (победа), зашто меѓу нив нема место за зависта која го расипува едномислието.

Величај ја, душо моја, силата на Триипостасното и неразделно божество.

Верата на татковците, која ги покажа своите првородени синови, од нив раѓа блиски и непорочни чеда на Светлината, што Духот на животот, Кој преку нив зборува, ги прави совршени, и бара да биде запазен до крај мирот што од нив го наследи.

Величај ја, душо моја, Дева Пречиста Богородица, која е почесна од небесните воинства.

Врвот на мудрите учители, Мајко Божја, твојот Син Го проповеда за Син на Живиот Бог; а тоа го научија не од телото и од крвта, туку од откровение на Отецот. Затоа, откако те прослави како Дева, Тој те возвеличи и како Мајка и Богородица.

Катавасијаː Во законот на сенката и Писмото, ние верните, гледаме праслика на тајнатаː секое машко дете кое ја отвара утробата, треба да Му биде посветено на Бога. Затоа Првороденото Слово од Беспочетниот Отец, Првородениот Син од неискусомажната Мајка, ние Го величаме.

Светилен.

Да ги прославиме богоносните отци – трите светлозарни светилници, посветли од сончевите зраци, од светлоначалната Троица, и трисолнечни единици, натприродно соединети.

Славаː

Сите сега да ги прославимеː Василија Великиот, Григорија Богословот и Јована Златоустиот – трите светлозарни светилници, посветли и од сонцето.

И сегаː Единствено божество, Отче, Сине и Духу, по молбите на Василија, Григорија и Јована, и на Пречиста Богородица, да не се лишам од Твојата слава.

Изворː ИЗБОР на месечни и празнични богослужби. Прв том, Септември – јануари (препев и превод од црковнословенски јазик протојереј – ставрофор Јован Таковски).

– Битолаː Преспанско-пелагониска епархија, 2008.

Подготви: Светланка Трајчева