ПЕСНА 1
Ирмос: Помошник и покровител ми стана во спасението. Он е мојот Бог и ќе Го прославам – Бог на мојот татко, и Него ќе Го возвисам, оти славно се прослави.
[2Мојс. 15, 1-2: Тогаш, Мојсеј и синовите Израилеви ја запеаја оваа песна на Господа, велејќи: “Да Го воспеам Господа, зашто славно се прослави: коњите и коњаниците ги фрли в море.
Помошник и закрилник ми беше во спасението. Он е Бог мој, и ќе Го прославувам; Бог на таткото мој, и ќе Го превознесувам.]
Припев: Помилуј ме, Боже, помилуј ме.
Од каде да почнам да ги оплакувам делата на мојот беден живот? И што да ставам за почеток на моето сегашно редење, Христе? Но, како Милосрден, дај ми прошка на гревовите.
Оди, бедна душо, со телото твое, на Творецот на сите исповедај се, и од поранешното безумство натаму ослободи се; и, во покајание, на Бога солзи принеси Му.
Престапот на првосоздадениот Адам подражавајќи го, откажан се познав од Бога, и од Царството вечно и наслада, поради моите гревови.
[1Мојс. 3, 6-7: И жената, гледајќи дека родот на дрвото е добар за јадење, и убав за гледање, и дека дрвото е пожелно поради знаењето, набра род од него и јаде, па му даде и на мажот свој, та и тој вкуси.
Тогаш им се отворија очите на обајцата, и увидоа дека се голи; па исплетоа лисја од смокви и си направија опашала.]
Тешко мене, душо бедна! Зошто на првата Ева си се уподобила? Оти зло си видела и тешко си се ранила; дрвото си го допрела и од безумната храна слободно си вкусила.
Наместо телесната Ева, ми се јави духовна Ева – страсна помисла во плотта, која ми покажува наслади, и со горчлива напивка секогаш ме напојува.
Адам праведно беше истеран од рајот, оти не ја запази Твојата единствена заповед, Спасителу; а јас колку ќе пострадам, отфрлајќи ги постојано Твоите животворни зборови!
[1Мојс. 3, 23: Тогаш Господ Бог го изгони од градината Едем, за да ја обработува земјата, од која беше земен.]
Слава: троичен: Надсуштествена Троице, славена во Единица! Тешкото гревовно бреме земи го од мене и, како Милосрдна, дај ми солзи на смирение.
Богородичен: Богородице, надеж и застапнице за нас што ти пееме! Тешкото гревовно бреме, земи го од мене и, како Чиста Владичица, мене покајникот прими ме.
ПЕСНА 2
Ирмос: Чуј ме, небо, и ќе прозборам и Христа ќе Го воспеам, Кој во тело дојде од Дева.
Чуј ме, небо, и ќе прозборам! Земјо, слушни го гласот на оној што се кае пред Бога и Го воспева.
Чуј ме, Боже, мој Спасителу, со Твоето око милостиво, и прими го моето топло исповедање.
Згрешив повеќе од сите луѓе; Тебе единствениот Ти згрешив! Но, како Бог, Спасителу, смилувај се на Твоето создание.
[1Тим. 1, 15: Верни се и достојни за секакво примање зборовите, дека Христос Исус дојде во светот да ги спаси грешниците, меѓу кои сум прв јас.]
Откако ликот свој го нагрдив со страстите мои, убавината на умот ја загубив со желби сладострасни.
Бура од зла ме држи, Милостив Господи; но, како на Петар, и мене рака подај ми.
[Мт. 14, 31: Исус веднаш му подаде рака, го фати и му рече: „Маловернику, зошто се посомнева?”]
Облеката на моето тело ја осквернив и го извалкав, Спасителу, она што е по образ (Божји) и подобие.
Душевната красота со сладострстие ја помрачив и сиот ум во кал целосно го претворив.
Ја искинав сега мојата прва облека, која на почетокот од Создателот ми беше исткаена, и затоа лежам необлечен.
Се облеков во риза искината, што ми ја истка змијата злонамерно, и ете ме сиот посрамен.
[1Мојс. 3, 21: А Господ Бог им направи на Адама и на жената негова облеки од кожа, и ги облече во нив.]
Како блудницата, и јас леам солзи пред Тебе, Штедре! Очисти ме, Спасителу, со Твоето милосрдие.
[Лк. 7, 38: Па, како застана при нозете Негови одзади, плачејќи, почна да ги мие нозете Негови со солзи и ги триеше со косата своја; и ги целиваше и помазуваше со миро.]
Ја видов убавината на дрвото и со умот се измамив: затоа лежам необлечен и се срамам.
Врз плеќите мои работеа сите демонски началници, продолжувајќи го врз мене нивното беззаконие.
[Пс. 128, 3: На плешките мои грешниците дејствуваа, продолжувајќи со своето беззаконие.]
Слава: троичен: Единствениот Бог на сите, во три лица Го пеам: Отецот и Синот и Светиот Дух.
Богородичен: Пречиста Богородице Дево, единствена сепеана, прилежно моли се да бидеме спасени.
ПЕСНА 3
Ирмос: На неподвижниот камен на Твоите заповеди, Христе, утврди ја мојата помисла.
Кога во она време Господ пушти оган како дожд, ја изгоре земјата содомска.
[1Мојс. 19,24: Тогаш излеа Господ на Содом и на Гомор од небото дожд од сулфур и оган од Господа од небото.]
На гората спасувај се, душо, како оној Лот, и во Сигор засолни се.
[1Мојс. 19,22-23: „Бегај побрзо таму; оти не можам да направам ништо, додека не стигнеш онаму.” Заради ова оној град се нарече Сигор. И кога сонцето огреа по земјата, Лот пристигна во Сигор.]
Бегај од пламенот, душо моја, бегај од огнот содомски, бегај од гибелта на пламенот божествен.
Тебе единствениот Ти згрешив! Згрешив повеќе од сите, Христе Спасителу, да не ме презираш мене.
Ти си Добриот Пастир: мене јагнето побарај ме и заблудениот не презирај ме.
[Jн. 10,11-14: Јас сум добриот Пастир. Добриот пастир си ја полага душата своја за овците; а наемникот, кој не е пастир, и кому овците не се негови, види ли волк да иде, ги остава овците и бега; и волкот ги разграбува и ги распрснува овците. Наемникот бега, зашто е наемник, и не се грижи за овците. Јас сум добриот Пастир: и ги знам Моите, и Моите Ме знаат Мене.]
Ти си сладок, Исусе, Ти си мој, Создателу! Во Тебе се оправдувам, Спасителу.
Ти се исповедам Тебе, Спасителу, згрешив, Ти згрешив, но олесни, прости ми, како Милосрден.
Слава: троичен: О, Троице Единице, Боже, спаси не од прелест, искушенија и неволи.
Богородичен: Радувај се, утробо што Го прими Бога! Радувај се, престолу на Господа! Радувај се, Мајко на Животот наш.