ОД ПАЛАДИЈ
1. КРОНИЈ, ученикот на великиот Антониј, ми раскажуваше за Павле, кого го нарекувале Препрост поради преголемата незлобливост и едносгавност. Ми кажа дека човекот кој се викал Павле, селанец и земјоделец, се оженил со некоја убава жена, којашто лошо се однесувала.
Таа долго време го изневерувала, но тој тоа не го сфатил поради неговата чесност и затоа што не претпоставувал (не помислувал) зло.
Еднаш кога Павле се вратил од нивата, неочекувано влегол во куќата и ја фатил на дело како врши прељуба. Насмевнувајќи се кротко, им рекол:
„Добро, добро, навистина не ме интересира. Заради Исуса, jac нема да останам со неа. Земи ја и неа и нејзините деца, a jac одам да станам монах.”
И ништо не кажувајќи на никого, тој посетил осум манастири, и потоа отишол кај блажениот Антониј и тропнал на вратата.
Излегувајќи, Великиот го прашал: „Што сакаш?” Павле му рекол:
„Сакам да станам монах.” Антониј му одвратил:
„Човек со шеесет години овде не може да стане монах. Подобро оди во селоно и работај, живеј од својата работа и благодари му на Бога, бидејќи, ти не можеш да ги поднесеш неволјите во пустината.”
Старецот, пак, рекол: „Ќе направам се’ што ќе ме поучиш.”
Антониј рекол: „Ти кажав дека си стар и дека не можеш да бидеш монах. Ако сакаш да се замонашиш оди во манастир со големо братство, каде што можат да ти помогнат и да те поддржат во твојата немоќ и слабост.
Јас живеам сам. Јадам секој петти ден и тоа под мерата за да не се наситам.” Со слични зборови тој го одбивал Павлета, кој не си заминувал. Антониј влегол во пештерата и јa затворил вратата, не излегувајќи три дена поради него. Тој, пак, останал пред вратата, чекајќи.
Четвртиот ден, принуден поради некоја потреба, Антониј отворил и излегол, и гледајќи го, рекол:
„Оди си, старче. Што ме мачиш? Невозможно е да останеш овде.”
Павле му рекол: „Невозможно е да одам на било кое друго место и да умрам.”
Погледнувајќи го и забележувајќи дека нема со себе ни храна, ни леб, ни вода, ниту било што друго, и дека веќе четврти ден чека гладен, Антониј се уплашил да не умре и да не го носи на душа, затоа што се однесувал немилосрдно кон него, најпосле го примил. Наквасувајќи млади палми, тој му рекол:
„Земи и плети коноп, гледајќи ме мене.”
Со голем труд старецот до деветтиот час исплетил петнаесет парчиња. Гледајки го како плете, Антониј не бил задоволен и, викајќи, му рекол:
„Не ги исплете добро. Распарај ги и повторно плети.” (Тој му го заповедал тоа иако бил гладен веќе четири дена и иако бил стар, за да го испита неговото трпение).
Toj тешко ги отплетел и повторно ги сплетел истите парчиња, иако веќе биле прекршени од претходното плетење. Гледајќи дека малодушно не се побунил, дека ниту малку не негодувал и дека лицето не му се изменило, Антониј бил зачуден.
И кога сонцето зашло, тој му рекол: „Старче, сакаш ли да каснеме малку леб?” Павле му одговорил. „Како ќе благословиш, аво.”
Реченото предизвикало сочувство кај Антониј, бидејќи, слушајќи за храната, тој не избрзал, туку оставил тој да одлучи. Потоа му рекол: „Намести ја масата.” Тоj го послушал.
Тогаш Антониј донесол четири суви лебови, секој тежок по шест унгарии (околу 150 грама), и наквасил еден за себе и три за него. Тој почнал да го пее псалмот што го знаел, го испеал дванаесет пати и кажал дванаесет молитви за повторно да го испита Павлета.
Мегутоа, тој со радост се молел заедно со него. По молитвите седнале да јадат, а било веќе доцна навечер.
Антониј Велики изел еден сув леб и не зел друг. Старецот, пак, јадел побавно и имал уште од сувиот леб што започнал да го јаде. Антониј го почекал да заврши и потоа му рекол: „Стари, изеди уште еден.”
Павле одговорил: „Ако јадеш и ти, ќе јадам и јас. А ако не јадеш, нема да јадам и јас. „Мене ми е доволно”, – одговорил Антониј, – „затоа што сум монах.”
А Павле му рекол: „И мене ми е доволно зашто и jac сакам да станам монах.” И станале. Додека Антониј кажувал дванаесет молитви и додека пеел дванаесет Псалми, и тој се молел заедно со него.
Потоа поспале до полноќ. Потоа станале и почнале да пеат и да се молат се’ додека не се разденило. Гледајќи дека старецот со радост го следел во се’, Антониј му рекол:
„Види, брате. Ако можеш секој ден да живееш ваков живот, остани со мене.” А Павле му одговорил:
„Не знам дали имаш нешто повеќе да ми покажеш. Зашто, се’ што видов да правиш, и jac го правам со леснотија.” И конечно се уверил Великиот дека Павле има совршена душа и дека не прави ништо вештачки (неприродно), туку дека е благочестив.
По неколку месеци, со помош на Божјата благодат, тој му изградил ќелија која била оддалечена три – четири милји од неговата и му рекол:
„Ете, со помош на Божјата благодат, ти веке постана монах. Остани овде сам за да стекнеш искуство со демоните.”
Останувајќи сам една година, Павле Препростиот се удостоил да стекне дар против демоните и против секоја болест, со оглед на тоа дека го достигнал врвот во подвигот на добродетелите.
Еден ден пред Антониј Велики довеле едно момче кое било опседнато од демонот наречен „старешина”, и кое хулело дури и на небото. Антониј го видел момчето и потоа им рекол на оние што биле со него:
„Ова дело не е за мене, затоа што не сум се удостоил да го примам дарот против демонскиот ред ‘старешини’. Toj дар го има Павле Препрости.”
И тој, заедно со нив, отишол кај Павле и му рекол: „Аво Павле, истерај го демонот од човекот за да си отиде дома здрав и да го слави Господа ” Павле, пак, му рекол: „Што е со тебе?” Jac не можам да стигнам. Имам друга работа.” И оставајќи го момчето, Антониј Велики се вратил во својата ќелија.
Павле станал и се помолил. Потоа му се обратил на измачуваниот од демонот и му рекол: „Ава Антониј рече да излезеш од човекот за да го слави Господа.” Демонот хулејќи извикал:
„Не излегувам, старецу ненаситен и невоздржилв” Павле го зел ременот и удирајќи го по грбот, говорел: „Излези, заповеда ава Антониј.”
А демонот хулејќи ги уште повеќе и Антониј заедно со Павлета, говорел: „Стари лакомецу, спанко, ненаситнику, на кои некогаш не ви е доволно вашето. Што имате заедничко со нас? Зошто не мачите.”
На крај, Павле му рекол: Не излегуваш? Ете, одам да те кажам на Христа. И тешко тебе што ќе ти направи.” Дивиот демон тогаш почнал да хули и на Господа, викајки: „Не излегувам.”
Налутувајќи му се на демонот, Павле Препрости излегол од својата ќелија, иако било пладне. (Горештината во Египет, посебно во нивниот крај, личела на вавилонската печка). И тој застанал како столб на една карпа, молејќи се:
„Исусе Христе, Ти, Кој си се распнал за време на Понтиј Пилат, гледај дека нема да слезам од оваа карпа, ниту ќе јадам, ниту ќе пијам се’ додека не умрам, ако сега не ме слушнеш и ако од човекот не го истераш демонот и не го ослободиш од нечистиот дух.”
Додека тој ги изговарал наведените зборови, извикал демонот од човекот што бил долу пред ќелијата: “Заминувам, заминувам. Излегувам со сила и ме истеруваат. Смирениот и простиот Павле ме истерува и не знам каде да одам.”
И нечистиот дух веднаш излегол, преобразувајќи се во голем змеј од седумдесет лакти, и ползејки отишол кон Црвеното море.
Ете го делото на смирениот и прост Павле, преку кое Бог покажува со каква чест и слава се удостојуваат простодушните и смирените.
Дури ни Антониј Велики не можел да го истера демонот. Павле го исгерал брзо поради својата простота и поради скромното мудрување, а се подвизувал само една година.
На него се исполниле зборовите на СветиотДух: А еве на кого ќе погледнам: на понизниот и слршениот по дух и на оној што трепери пред Моето слово. (Ис. 66, 2)
Обично „нижите” нечисти духови ги истеруваат луѓето со голема вера, додека „старешините” ги истеруваат само смирените мажи.
Пренесено од книгата “Доброслов” Прв том (Дваесет и шести наслов)
Подготви Мина Даниловска