Свети Никола Кавасила

ТОЛКУВАЊЕ НА БОЖЕСТВЕНАТА ЛИТУРГИЈА

38. НА КОЈ НАЧИН СВЕТИТЕ ТАЈНИ ЈА ОЗНАЧУВААТ ЦРКВАТА

1. Светите Тајни ја означуваат Црквата, сепак не како некои нејзини симболи. Тие се за Неа тоа што и срцето за останатите органи и тоа што е коренот на растението за неговите гранки и тоа што е чокотот за лозите како што рече Господ (Јн. 15,5). Затоа што не постои овде само заедничко име или сличност по аналогија но вистинско поистоветување.

2. Затоа што Светите Тајни се Тело и Крв Христови. За Црквата Христова тие се вистинско „јадење и пиење“ (Јн. 6,55). И кога Црквата се причестува со нив не ги претвара во човечко тело, како и вообичаената храна, но Самата се претвора во нив (Тело и Крв Христови) со тоа што надвладува поголемото.

Железото кога доаѓа во допир со оган и тоа станува оган, а не го претвара огинот во железо. И како што вжештеното железо не го гледаме како железо но само како огин, бидејќи неговите својства исчезнуваат од огинот така и Црквата Хистова:

кога некој би можел да ја види кога е соединета со Христа и се причестува со Неговото Тело, ништо друго не би видел освен само Тело Христово. Заради ова и пишува Павел „вие сте Тело Христово и поединечно Негови делови.“ (1. Кор. 12, 17)

Нарекувајќи го Христа глава и нас тело не го прави тоа за да ја покаже соодветната за нас промисла и педагогија и учење или нашата подчинетост на Него. Не го вели тоа, значи, како што ние се нарекуваме, премногу сигурни, самите себе, членови на нашите роднини и пријатели.

Но го вели мислејќи го тоа што точно го рече дека значи верните веќе го живеат благодарејќи и на таа Крв, животот во Христа и зависат вистински од онаа Глава и облечени се во тоа Тело.

3. Заради ова не е ни малку несоодветно што овде со Тајните се означува Црквата.

39. ЗА ПОВИКОТ НА ВЕРНИТЕ ДА СЕ ПРИЧЕСТАТ И ШТО ВЕЛАТ ВЕРНИТЕ КОГА ДАРОВИТЕ ЌЕ СЕ ПОЈАВАТ

1. Свештеникот штом се причести со Светите Тајни се свртува кон народот и покажувајќи ги Светињите ги повикува оние кои сакаат да се причестат и им порачува да пријдат „со страв Божји, вера и љубов“.

Значи да не ја презрат смирената појава на Тајните, ниту да се колебаат затоа што тоа што го веруваат за нив (тајните) ја надминува логиката, но да пријдат имајќи сознание за вредноста на тајните и верувајќи дека тие им причинуваат вечен живот на оние кои се причестуваат.

2. А верните за да го покажат своето благочестие и вера му се поклонуваат и го благословуваат и го славословат Иисус Кој се подразбира во Тајните и за да му дадат сјај на своето славословие ги употребуваат зборовите на пророкот Давид „Благословен е Оној Кој доаѓа во името Господово, Бог Господ ни се јави“ (Пс. 117, 26,27).

Јас дојдов вели Господ во името на Мојот Отец и не ме примате, а ако некој дојде во свое име него ќе го примите. (Јн. 5, 43) Својство е на Вистинскиот Господ, својство е на Единородниот да Го фали Отецот. Наспроти тоа својство на слугата предавник е самодоволност и бунт.

Тоа знаејќи го Пророкот и знаејќи да го разликува добриот Пастир од волкот го благословува од далеку Тој Кој доаѓа во името Господово. Господ Го нарекува Отец и вели дека Оној Кој се појави е самиот Бог. Со овие зборови и верните го благословуваат Христа Кој доаѓа и им се јавува сега.

42. ЗА ПОЧИНАТИТЕ, ДАЛИ ТИЕ СЕ ОСВЕТУВААТ ОД СВЕТИТЕ ДАРОВИ НА СВЕТАТА ТРПЕЗА ИСТО КАКО И ЖИВИТЕ

1.Заедно со ова потребно е да го испитаме и следновоː

2. Оваа света и божествена Литургија се покажува дека осветува на два начина. Првиот е застапништвото. Принесените даови со самото собитие на принесувањето ги осветуваат тие кои ги принесуваат и оние за кои се принесени и го прават Бог благонаклон кон нив. Вториот начин е причестувањето, затоа што стануваат (даровите) за нас вистинско „јадење и пиење“ согласно со словото Господово. (Јн. 6,55)

3. Од овие два начина, првиот е заеднички и за живите и за починатите затоа што жртвата се принесува и за двете категории. Вториот, пак е, можен само за живите затоа што починатите повеќе неможат ни да пијат ни да јадат.

Значи што се случува? Починатите не се осветуваат од ова осветување преку причестувањето и помалку се користат отколку живите? – Ни најмалку. Затоа што и ним Христос им се дава на начин кој што Он го знае.

4. И за да го покажеме ова ајде да ги испитаме причините на осветувањето за да видиме дали и на душите на починатите ќе им се случува исто како и на душите на живите.

5. Кои се значи причините на осветувањето? Дали само тоа кога некој има тело, тоа кога ита кон светата трпеза за да ги земе во свои раце светињите, да ги прими во уста, да ги јаде и да ги пие?

Никако. Затоа што мнозина од оние кои го направија сево ова и така пријдоа кон Тајните не се исползуваат ни најмалку и си отидат полни со небројни гревови.

6. Но кои се причините за осветувањето на оние кои се осветуваат? И што е она кое Христос го бара од нас? Чистење на срцето, љубов кон Бога, вера, желба за Св. Тајна, расположение за причест, незгаслив копнеж, тоа да трчаме ожеднети.

Тоа е она што го привлекува осветувањето и така се должни да се причестуваат со Христа оние што пристапуваат и без ова осветувањето е невозможно.

7. Сепак сето ова не е телесно но зависи само од душата. Следователно ништо не им смета на душите од починатите да можат да го прават она што погоре го опишавме, исто како и живите.

8. Значи ако душите се подготвени за тајната, а Господ, Кој ги освети и совршува Тајните сака секогаш да ги осветува и да им се предава себеси, која пречка постои за причест? Апсолутно ниту една.

9. Значи, некој ќе праша? – ако некој од живите ги има во својата душа сите добра за кои зборувавме, а сепак не пријде кон Тајните ќе го добие ли осветувањето кое произлегува од нив?

10. Не секој, туку само оној кој не може да пријде телесно исто како и душите на починатите. Такви беа сите кои живееа рассеани по земјата во пустињи и гори и пештери и дупки (Евр. 11,38), на кои им беше невозможно да видат жртвеник и свештеник.

Самиот Христос невидливо ги осветуваше со ова осветување. Како го знаеме ова? Од таму што во себе имаа живот кој не би го имале ако не учествуваа во оваа тајна. Затоа што самиот Христос речеː

„Ако не Го јадете Телото на Синот Човечки и не ја пиете Неговата Крв нема да имате живот во вас“. (Јн. 6, 53) И за да Го покаже ова на мнозина од овие светии им испрати ангели за да им ги донесат Чесните Дарови.

11. Ако, пак, некој имајќи можност не пријде кон светата трпеза за него е апсолутно невозможно да го прими осветувањето од тајните. Не затоа што просто не пријде, туку затоа што можеше, а не пријде; и покажува со тоа дека неговата душа е одголена од добро расположение кое се бара за Светата Тајна.

12. Навистина, кој копнеж и желба за свештената трпеза постои кај оној кој може лесно да пријде кон неа, а не сака?

Која вера во Бога постои кај оној кој не се плаши од заканата Господова против оние кои го презреа повикот за оваа вечера (Мт. 22,7)? Како да му поверува некој дека го љуби она кое можејќи да го прима не го прима.

13. Затоа, не е ни најмалку чудно што Христос на душите одделени од телото, кои не можат да бидат обвинети за ништо од она што погоре го напишавме, им предава од осветувањето на Својата трпеза.

Чудно е и натприродно кога човек кој живее во распадливост јаде нераспадливо тело, а ако бессмртната душа се причести со суштина бесмртна на начин кој и одговара, што има тука чудно?

Ако сега Христос од неизразиво човекољубие и неискажлива мудрост најде начин да го оствари она чудното и натприродно (да јаде човек распадлив – нераспадлива храна), како да не поверуваме дека го прави и другото кое е разбирливо и следователно.

(превод од грчкиː Митрополит Наум)

Извор: ДОМОСТРОЈ, РОЖДЕСТВО ХРИСТОВО ’97 бр.15

Подготви Светланка Трајчевска

Претходна статија„Прости, помогни!“ (За совеста и покајанието)
Следна статијаПромовирана книгата „Добродетелите во Лествицата на Свети Јован Лествичник и Египетскиот Отечник“…