СРЕБРОЉУБИЕ
Под овој назив се подразбира секоја пристрасност кон работите, парите, материјалното богатство од секој вид што се изразува во вид на расипништво исто како и во нему спротивната скржавост.
Иако, наизглед, е второстепен, овој грев е многу тежок зашто истовремено претставува одрекување од верата во Бога, од љубовта кон луѓето и страсна приврзаност за ниски чувства.
Таа страст раѓа злоба, бесчувствителност на срцето, грижа за многу работи, завист.
Преовладувањето на среброљубието, исто така, е делумно преовладување на овие гревови. Од зборовите на Самиот Спасител знаеме дека на богатиот му е тешко да влезе во Царството Небесно. Христос учи:
Не собирајте богатства на земјата, каде што ги јаде молецот и ‘рѓата, и каде што крадците ги поткопуваат и крадат; но собирајте си богатства на небото, каде што ни молец, ниту ‘рѓа ги јаде, и каде што крадци не ги поткопуваат, ниту крадат; зашто каде што е богатството ваше, таму ќе биде и срцето ваше (Мт. 6, 19-21).
На овој грев му се блиски многу страсти: страст кон убаво облекување, поседување на ретки работи, одбирање на сите работи за себе посебно и „со вкус”, страст кон убаво и модерно уредување на куќата, оттаму и загриженост за распоредот на работите, за нивното чување, страв нешто да не се изгуби, страв од крадци, кражба, озлобеност кон оние луѓе што допираат или бараат работи, натпреварување со други во стекнување на работи, завист, осудување, немилосрдност, презир кон сиромашните.
Човекот почнува да обраќа многу внимание на надворешниот изглед, и на својот и на оние што го окружуваат, па оттаму однесувањето кон другите често почнува да зависи од тоа „кој како се облекува”, почитувањето расте или опаѓа во зависност од материјалната благосостојба на ближниот, оттаму и неправедност, човекоугодување, гаде-ње или непочитување на другите.
Апостолот страста на среброљубието ја нарекува идолопоклонство.
Оној што почнува да и служи на минливата материја станува нејзин роб и обожавател, му се поклонува на минливото – на созданијата, а го остава Создателот.`
( Извадок од книгата Покајанието пат кон вечноста)
Арх. Лазар Витански