Прашање 112. Која е петтата Тајна?

Одговор. Петтата Тајна е Покајанието; тоа е тага на срцето за гревовите што ги сторил човекот, кои ги открива пред свештеникот co тврда намера дека во иднина животот свој ќе си го поправи и co готовност е да го изврши тоа што ќе му го наложи свештеникот, неговиот духовник.

Оваа Тајна сосема важи и добива своја сила тогаш, кога свештеникот, според Уставот и обичајот на црквата, ќе ги разреши гревовите. Оти штом некој добие разрешение, тој во исто време добива од Бога, преку свештеникот, опростување на сите гревови, по зборовите Христови, Кој вели:

Примете Дух Свети. На кои ќе им ги простите гревовите, ќе им се простат; а на кои ќе им ги задржите, ќе им се задржат (Јн. 20,22. и 23).

Прашање 113. Ha што треба да се внимава во оваа Тајна?

Одговор. Прво треба да се пази тој што се кае да е христијанин од православната и соборната вера, зашто покајание без правата вера не е покајание и од Бога не се прима.

Второ, духовникот, кој ја прима исповедта на христијаните што се кајат, да е  православен, оти еретик и отстапник нема сила да ги разреши гревовите.

Трето, тој што се кае мора да има потиштеност на срцето и тага за своите гревови, co кои Го разгневил Бога или го навредил својот ближен, за која потиштеност Давид говори: Срце потиштено и смирено Бог нема да отфрли (Пс. 50, 19).

По оваа потиштеност на срцето треба да дојде усно исповедување на сите гревови посебно. Зашто, духовникот не може да разреши кога не знае што треба да се разреши и, според тоа, каква забрана да даде.

За таквото исповедување јасно зборува Светото Писмо:

Многумина од верниците доаѓаа; та се исповедуваа и ги откриваа своите дела (Д. ап. 19,18). И на друго место се вели:

Исповедајте си ги гревовите еден на друг и молете се еден за друг, за да се исцелите (Јак. 5,16). И уште: Излегуваа при него од сета Јудејска страна и од Ерусалим и сите се крштеваа од него (Јована) во реката Јордан, исповедувајќи ги своите гревови (Мк. 1,5).

Оваа исповед треба да ги има овие својства: да биде смирена, побожна, вистинска, искрена и да е здружена со потиштска самооптужба.

И четвртиот дел од Покајанието се состои во забрани и казни (епитимии), кои ги дава и одредува духовникот, како што се: молитви, милостини, постови, посетување на светите места, коленопреклони, метании и слично што ќе биде згодно, според одредбата на духовникот.

Освен тоа, тој што оди да се исповеди, треба да се сеќава што говори Псалмопеачот:

Отклони се од злото и прави добро (Пс. 33,15), и што рекол нашиот Спасител: ете, сега си здрав и не греши веќе, за да не те снајде нешто полошо (Јн. 5,14). И на друго место: Оди си и немој повеќе да грешиш (Јн. 8,11).

И бидејќи не е можно човекот наполно и во се’ да избегнува од грев. тогаш секој православен, откако се измири co својата совест, треба од една исповед до друга, да се грижи својот живот да си го поправи колку што е можно повеќе.

Прашање 114. Какви се плодовите од оваа Тајна?

Одговор. Првата полза е оваа: како што преку гревот ние ја губиме онаа невиност, која сме ја добиле во светото крштение, така до неа повторно доаѓаме преку покајанието; и како што поради гревот остануваме без Божјата благодат, така преку покајанието истата пак ја добиваме; и како што паѓаме во ропство на ѓаволот, така преку покајанието се ослободуваме од тоа; и како што преку грев срамот и стравот влегуваат во нашата совест, така преку покајанието ни се повратува мирот и слободата, како што ја имаат децата спрема своите родители.

Пренесено од книгата “Православно исповедание на верата на Соборната и Апостолска Источна Црква”

Претходна статијаЗа Светата Тајна брак
Следна статијаЈас сум минувач на земјата: дојдов на неа co раѓањето, ќе си заминам од неа co смртта – Свети Игнатиј Брјанчанинов