(Глава прва Светата тајна на собранието)
6.
Конечно, ако „собирањето како Црква” е образ на Христовото тело, тогаш: образ на главата на телото e свештеникот.
Тој претстои, го возглавува собранието и токму неговото возглавување е тоа што ja прави „групата христијани” собрание на Црквата во полнотата на нејзините дарови.
Ако според своето човештво свештеникот е само еден од собраните, можеби и најгрешниот и најнедостојниот, тогаш тој, преку дарот на Светиот Дух, којшто Црквата го чува уште од Педесетницата и што се пренесува без прекин преку положувањето раце на епископот, ja пројавува силата на свештенството на Христа, Кој се освети Себеси за нас и Кој е единствениот свештеник на Новиот завет: „а Он, бидејќи Сам пребива вечно, има свештенство што нема да мине на друг” (Евр. 7, 24).
Како што светоста на собранието не е светост на луѓето што го составуваат, туку Христова, така и свештенството на свештеникот не е негово, туку Христово, дадено на Црквата затоа што таа е Неговото Тело.
Христос не е надвор од Црквата и никому не ја пренесол ни Својата власт, ни Својата сила. Самиот Тој престојува во Црквата и преку Светиот Дух го исполнува сиот нејзин живот. Свештеникот не е ниту „претставник”, ниту „заменик” Христов.
Во светата тајна тој е Самиот Христос, исто како што собранието e Неговото Тело.
Возглавувајќи го собранието, Тој во Себе го пројавува единството на Црквата, единството на сите нејзини членови co Себе. Така, во ова единство на претстојателот и на собраните се пројавува Богочовечкото единство на Црквата – во Христа и co Христа.
Облекувањето на свештеникот, иако денес се прави пред литургијата, исто е поврзано co собранието затоа што e образ, икона на единството на Христа и Црквата, на неразделното единство на мнозината што го сочинуваат Едниот.
Белата одежда, подризникот или стихарот, е истата бела крштална риза (наметка) што секој од нас ја примил при крштавањето. Тоа е облеката на сите крстени, облеката на самата Црква, и облекувајќи ја, свештеникот го пројавува единството на собранието, не’ обединува сите нас во себе. Епитрахилот е образ на Спасителот Кој ја прима нашата природа за нејзино спасување и обожување, знак дека токму во тоа се состои свештенството на Самиот Христос.
Ист е случајот и со ракавиците – рацете на свештеникот, co кои тој благословува и свештенодејствува, не се веќе негови, туку се десницата Христова. Појасот отсекогаш бил знак на послушност, подготвеност, прибраност и служење.
Свештеникот не се поставува сам „на високо”, тој е испратен за таа служба, „не е поголем од својот Господар” кого го следи и по чија благодат служи. На крај, фелонот или ризата е славата на Црквата како ново создание, тоа се радоста, вистината и убавината на новиот живот, праобраз на царството Божјо и на Царот што вечно „се зацари, се облече во велелепие” (Псал. 92,1).
Облекувањето завршува co миење на рацете на претстојателот. Евхаристијата е дело на оние чии гревови се простени, кои го оставиле беззаконието, кои се помириле co Бога. Таа е служба на новите луѓе „кои не беа помилувани, а сега се помилувани” (1. Петр. 2, 10).
Одиме во храмот, „се собираме како Црква”, се облекуваме во одеждата на новото создание – тоа се првите свештенодејствија на „светата тајна над сите свети тајни”, најсветата Евхаристија.
Пренесено од книгата “Евхаристија” од Александар Шмеман (Глава прва Светата тајна на собранието)