Литургијата е „света тајна на собранието”.
Христос дошол „за да ги собере заедно растурените чеда Божји” (Јован 11, 52) и од самиот почеток Евхаристијата била пројавување и остварување на единството на новиот народ Божји собран од Христа и во Христа.
Треба да бидеме сосема свесни дека не одиме во храмот за индивидуална (самостојна) молитва, туку за да се собереме заедно како Црква и дека видливиот храм е само слика на неракотворениот храм што го означува.
Затоа, „собирањето како Црква” е првото вистинско литургиско дејствие, основата на целата литургија; ако некој не го разбира ова, не може да го разбере ни понатамошното тајнодејствие. Кога велам дека „одам в Црква”, тоа значи дека одам на собранието на верните за да ја составувам Црквата заедно co нив, за да бидам тоа што сум станал на денот на крштавањето – член во најпотполното и апсолутно значење на зборот, член на Христовото тело.
„Вие сте телото Христово, а поодделно – членови”, вели апостолот (1. Кор. 12, 27).
Одам да го пројавам и да го остварам своето членство, да ja пројавам и да ja сведочам пред Бога и светот тајната на царството Божјо, што веќе „е дојдено во сила”.
Дојдено е и доаѓа во сила – во Црквата. Тоа е тајната (мистирионот) на Црквата, тајната на Христовото тело:
„Каде се двајца или тројца собрани во Мое име, таму сум и Јас посреде нив” (Матеј 18, 20).
Чудото на црковното собрание е во тоа што тоа не е „збир” на грешните и недостојни луге што го составуваат, туку Христовото тело. Колку често велиме дека одиме в Црква за да добиеме помош, благодатна сила или утеха?
Ho забораваме дека ние сме Црквата, ние ја составуваме, дека Христос престојува во Своите членови и дека Црквата не постои надвор од нас или над нас, туку дека ние сме во Христа и Христос е во нас.
Христијанството не се состои од тоа што секому му дава можност за „лично восовршување”, туку пред се’ во тоа што на христијаните им е дадено и заповедано да бидат Црквата – „род избран, свет народ, царско свештенство” (1. Петр. 2, 9) – да го пројавуваат и да го исповедаат присуството на Христа и на Неговото царство во светот.
Светоста на Црквата не е наша, туку на Христа, Кој ја засака Црквата и се предаде Себеси за неа „за да ја освети… да биде света и непорочна” (Ефес. 5, 25-27).
Слично на тоа, светоста на светите исто е откровение и остварување на тоа осветување, на светоста што секој од нас ja примил на денот на крштавањето и во Koja сите ние сме повикани да растеме.
Ho ние не би можеле да растеме во неа ако веќе не ја поседуваме како дар Божји, како Негово присуство во нас преку Светиот Дух.
Ете зошто во раната Црква сите христијани се нарекувале свети, ете зошто нашата служба, нашата главна должност е „собирањето како Црква”. Во таа должност сме посветени и таа ни припаѓа се додека самите не се отсечеме од неа.
Во древнина оние што не учествувале во евхаристиското собрание без оправдана причина се одлачувале од Црквата бидејќи самите себеси се откинале од органското единство на Христовото тело, коешто се пројавува во литургијата.
Повторувам, Евхаристијата не е „една од светите тајни” или една од богослужбите, туку пројавување и исполнување на Црквата во целата нејзина сила, светост и полнота. Само co учествување во неа можеме да растеме во светоста и да исполнуваме се’ што ни е заповедано.
Црквата собрана во Евхаристијата, дури и кога е ограничена на „двајца или тројца”, е слика и остварување на Христовото тело и само собраните можат да учествуваат, т.е. да бидат причесници на телото и крвта Христови затоа што Го пројавуваат Hero co самото свое собрание.
Никој никогаш не ќе можеше да учествува, никој никогаш не ќе можеше да биде достоен и „доволно” свет за тоа ако тоа не ни беше дадено и заповедано во Црквата, во собранието, во тоа мистично единство во кое ние, кои го составуваме Христовото тело, можеме неосудено Бога да Го нарекуваме Отец и да бидеме учесници и причесници на Божествениот живот.
Сега би требало да биде очигледно до кој степен нашето современо „индивидуално” влегување во храмот во кој било момент од богослужбата ја нарушува суштината на Евхаристијата.
Оној што ги задржува својата „индивидуалност” и „слобода” на таков начин, не ја знае, не ја открил тајната на Црквата, не учествува во тајната на собранието, во тоа чудо на повторно соединување на распарчената и гревовна човекова природа во Богочовечкото единство на Исуса Христа.
Пренесено од книгата “Евхаристија” од Александар Шмеман