Дома Духовна литература БОЛЕСТА Е МЕСТО, ПОПOУЧНО ОД БИЛО КОЕ ПАТУВАЊЕ НИЗ ЕВРОПА (Старост,...

БОЛЕСТА Е МЕСТО, ПОПOУЧНО ОД БИЛО КОЕ ПАТУВАЊЕ НИЗ ЕВРОПА (Старост, болести, покајание…) Извор: „Премин“, бр. 125/126

0
724

ХРИСТИЈАНСКА КУЛТУРА

Фредерика Метјуз-Грин е автор на десет книги и седумстотини есеи од областа на православната духовност. Дипломирала англиски јазик на универзитетот во Јужна Каролина, а магистрирала на Богословската семинарија во Вирџинија. Била духовно чедо на отец Георге Калчу, чии нетлени мошти беа откриени во 2015 година, во Романија.

Над петстотини пати има настапувано и како говорник на универзитетите: Јеил, Харвард, Принстон, Велесли, Корнел и многу други. Живее во Балтимор, Мериленд, каде што со својот сопруг, отец Грегори Метјуз-Грин, ги основале тамошната парохија и црквата посветена на Чесниот Крст. Има три деца, кои се во брак, од кои има тринаесет внуци. Од 1997 година издава аудио-книги за слепи луѓе.

 

СТАРОСТА И БОЛЕСТИТЕ

Само што му пишав на еден пријател со тешка дијагноза:

Кога бев млада, забележував дека сите постари луѓе имаат некаков физички проблем од кој се жалат, понекогаш нешто многу сериозно. Секој имаше некој дел од телото што побрзо откажуваше од останатите. Делче што било поставено, како часовник, да е првото што ќе престане да работи. И не знаеме кои се тие делови додека сме помлади.

Продолжуваме да ги носиме без да знаеме, додека часовникот отчукува до моментот кога се поставени да откажат – „мини“ за кои не знаеме и не можеме да ги предвидиме, но секој ден се приближуваме кон нивното активирање.

Џорџ Гилдер има една впечатлива реченица во „Мажи и брак“ за тоа како еден млад човек, кој трагал само по задоволства, почнува да сфаќа дека старее: „Неговото тело, кое некогаш ги одмерувало неговите успеси кај жените, сега почнува да го навестува својот ужасен план да стане немоќно како кај стара жена“.

Лесно е, кога си млад, да си мислиш: „Секако дека тој е болен, беспомошен, глув, на умирање – тој е стар“. Како тоа да е логично. Но, секогаш е нелогично кога се работи за нас.

Се чини како Бог намерно да остава многу страдање за крајот од животот – губење на здравјето, силата, саканите, сенилност. За некои луѓе тие рани, без сомнение, се последен обид Бог некако да им го привлече вниманието.

Сѐ што можеме да направиме е да се молиме. И, да сочувствуваме – колку и да сме слаби, сепак, можеме да се ислушаме еден со друг. Староста и болестите нѐ учат на нови лекции кои инаку не би ги научиле. Фланери О’Конор има напишано:

„На некој начин, болеста е место, попоучно од кое било патување низ Европа и тоа е секогаш место каде што никој не нѐ придружува, каде што никој не може да дојде. Болеста пред смртта е многу соодветна работа и мислам дека оние што нема да ја доживеат испуштаат еден од Божјите благослови“.

Овие поуки сигурно се промислени од Бог за да нѐ научат точно тоа што треба да го знаеме. Тие доаѓаат тогаш кога немаме многу време да ја искористиме новоздобиената мудрост. Барем можеме да сме внимателни, брзо да ги препознаеме поуките што ни се даваат и да ги примениме на дело. Наместо да западнеме во очај или паника, можеме да го препознаеме почетокот на очистувањето, кое порано или подоцна ќе отстрани сѐ, дури и здивот. И, ќе го замени со живот.

ПОКАЈАНИЕТО – И ВРАТА И ПАТ[ Избран за најдобар христијански текст во The Illumined Heart, Paraclete Press, 2001; reprinted Touchstone, March 2002, 2004 г.]

Првиот пат кога се појавува Христос, во евaнгелието според Матеј, првата поука што ни ја дава е: „Покајте се“[ Види: Матеј 4, 17.].

Оттогаш па натаму, таа порака е постојано присутна. Во секое време и во секоја ситуација, Неговиот совет е покајанието. Не само на книжниците и фарисеите, не само на силните – Он им вели дури и на сиромашните и угнетените дека покајанието е клучот за вечен живот. Во еден случај кој би ги избезумил денешните лекари, Христос советува покајание како одговор на едно ужасно ѕверство.

Некои од оние што Го слушаат Му кажуваат дека Пилат убил некои галилејски верници и нивната крв ја излил врз животински жртви. Запрепастувачки за сите, Христос вели: „Ако не се покаете, сите така ќе изгинете“[ Види: Лука 13, 1–5.]. Очигледно, Он не е загрижен како ќе се случи тоа на планината Фагор.

Разговорот за покајанието ги прави денешните христијани нервозни. Сите се срамиме од стереотипот на старомодните проповедници, кои зборуваат против гревот и ги тераат луѓето да се чувствуваат виновни.

Веднаш заклучуваме дека Христос не е таков, дека Он дојде од љубов и сака да ни помогне. Нѐ познава длабоко и ја чувствува секоја наша болка, а Неговата исцелителна љубов нѐ ослободува.

Ова е само едната страна на паричката. Прашањето е: од што треба да се исцелиме? Субјективно, мислиме дека ни се потребни сочувство и утеха, зашто сме осамени и чувствуваме немир. Објективно, срцата ни се јадосани од злоба. Една прегратка или насмевка не се доволни.

Не чувствуваме дека душите ни се расипани, туку мислиме дека другите луѓе се однесуваат лошо кон нас. Еден од најпопуларните митови на нашето време е дека ако се прикажеш како жртва, автоматски си безгрешен.

Втор, исто така, популарен мит е овој: Ние сме фини. Во животот е важно да си фин, нели? Зарем тоа не е највисоката добродетел? Дури и ако го прифатиме тоа тврдење, една малку поискрена самоанализа ќе ни открие дека сме добри само кога ни е удобно и кога сѐ се одвива како што сакаме.

Секој ќе биде добар под такви околности. Како што вели Христос, дури и грешниците прават така, но нашиот Бог е добар и со неблагодарните и со себичните. Таквата добрина е еден стандард кон кој ретко се стремиме, а уште поретко го достигнуваме.

На крај, тука е секогаш популарното убедување дека, сепак, подобри сме од многу други луѓе. Христијаните треба да знаат подобро од тоа: Бог не ги споредува луѓето едни со други, не прави нормални распределби[ За повеќе, види: стр. 50–51.].

Сепак, нам ни е премногу тешко да веруваме дека навистина сме вистински грешници, затоа што секој ден по весниците гледаме луѓе кои се многу полоши од нас. Во споредба со нив ние просто изгледаме како ангели.

Проблемот во сите овие случаи е тоа што се споредуваме со другите наместо да се споредуваме со Светиот Бог. Штом правилно ќе ја позиционираме перспективата, покајанието ќе дојде многу брзо. И, штом навистина ќе одлучиме дека сакаме да Му се приближиме на Самиот Бог, покајанието доаѓа како непоколеблив пријател, кој ни разјаснува многу работи.

Покајанието е влезот во духовниот живот, единствениот начин за да се почне. Тоа е и самиот пат, единствениот начин за да се продолжи. Сѐ друго е безумие и самоизмама. Само покајанието е доволно брутално искрено и доволно радосно за да нѐ врати назад дома.

Но, како покајанието може да е и радосно и полно со вистина – тоа е нешто што е далечно за повеќето од нас, па затоа малку да се задржиме на тоа зошто раните христијани толку го вреднувале.

Од третиот до петтиот век, мажи и жени оделе во Египетската пустина и Средниот Исток за целосно да се посветат на молитва и подвиг. Тие се пустинските отци и мајки, кои се наречени „ава“ или „ама“, срдечни термини за „татко“ и „мајка“. Има стотици поуки и приказни за овие херојски пустиножители.

Еднаш, некој помлад монах го нашол ава Диоскор како плаче. Кога го прашал зошто плаче, Диоскор му одговорил: „Ридам за своите гревови“. Младиот монах знаел дека Диоскор многу години водел добродетелен и свет живот, па му рекол:

„Отец, ти немаш такви гревови“. Диоскор му рекол: „Навистина, дете, ако ми беше дозволено да си ги видам гревовите, ниту три ниту четири мажи не ќе беа доволни да плачат за нив“.

„Ако ми беше дозволено да си ги видам гревовите.“ Вистината е дека не би можеле да поднесеме да ги видиме себичните изобличувања на нашето срце – нашите алчност и самосожалување, и манипулирање. Бог допушта одредено милостиво незнаење.

„Имам уште многу да ви кажувам, но сега не можете да носите“[ Јован 16, 12.], вели Христос.

Почетната точка за раната Црква била таа свесност за бездната на гревот внатре во секој човек, мрачните длабочини чии врвови се единствено видливи. Бог, Кој е чистота и светлина, сака да нѐ направи совршени како што Он е совршен, осветлени со Неговиот сјај. Значи, првиот чекор во нашето исцеление не е да сме утешени. Треба сериозно да се пристапи кон очистувањето.

Не се работи за прекорување, туку за правилна дијагноза. Не се работи за осудување, зашто осудата е рамноправно применета: сите сме грешници, сите потфрливме. Тоа не е лажна вина, зашто повеќето од вината што ја чувствуваме, всушност, сме ја заслужиле – виновни сме.

Простувањето на поранешните гревови не ја лекува болеста во срцето, која продолжува и понатаму да тлее. Ќе останеме болни сѐ додека не започне исцелението, а тоа ќе биде доживотен процес.

Какво олеснување е да се признае тоа. Како жената која рида крај Христовите нозе, немаме ништо повеќе да скриеме – никакво самооправдување, никакво самосожалување. Целосно сме познати, дури и во длабочините што самите не можеме да ги видиме, не можеме да поднесеме да ги видиме.

Наместо да се надеваме дека Бог ќе нѐ љуби поради нашите добрини и ќе го превиди останатото, знаеме дека Он умре поради нашите злодела и Он нема да запре сѐ додека тие не станат добри. Длабочината на нашиот грев ја докажува височината на Неговата љубов, височина што не можеме да ја разбереме сѐ додека не сфатиме колку силно ни е потребна.

Ние сме целосно возљубени и еден ден целосно ќе сме исцелени, ќе застанеме во Божјото присуство без дамка, или нешто слично.

Освен тоа, покајанието го проширува срцето сѐ додека тоа не го опфати целиот овоземен живот, а тагата што Му ја принесуваме на Бог повеќе не е само за нас.

Знаејќи го нашиот грев, плачеме еднодушно со сите други грешници, па дури и со тие што нѐ повредуваат. Јачиме со сето создание, повикувајќи кон Бог за исцеление и милост. Он, Кој не ја посакува смртта на грешникот, туку тој да се оттргне од злото и да живее, ни Го дава Својот Дух, па и ние повеќе не посакуваме освета. Тогаш нашата способност да ги сакаме другите, дури и нашите непријатели, се шири како сончевата светлина на хоризонтот.

Раната светоотечка литература за покајанието е прекрасна – полна со едноставност, смирение, шири мир. Во неа воопшто нема мазохизам или очај. Оние што знаат дека толку многу им е простено не се мрачни, туку исполнети се со радост и длабок мир.

Оние на кои им е многу простено, многу и љубат. Тешко им е да им се лутат на другите, тешко им е да се приврзуваат за што било од овој свет. За христијанинот има две работи што секогаш се поврзани: тага поради гревот и благодарност за простувањето. Покајанието е изворот на животот и радоста.

Еден учен човек од 20 век, отец Иринеј Хаусхер, напиша за љубовта на раните христијани, за покајанието: „Грубото стебло на покајанието е покриено со толку многу цвеќиња што никнуваат од неговиот сок, така што горчливиот корен речиси е заборавен. Сепак, тој секогаш е таму и неопходен е за растението“.

Свети Јован Лествичник, авторот на духовната класика од 7 век, „Лествица“, го смисли овој збор за тоа: charmolypi, што значи „таговна радост“ или „радосна тага“. Може да ја наречеме „слатка тага“.

Покајанието не е само плотска тага. Тагата, всушност, е грев. Ава Исаиј ги поттикнувал верниците да бидат внимателни во врска со тоа, зашто „тоа покренува многу ѓаволски лукавства сѐ додека не ти ја исцрпи целата енергија. Тагата по Бог, од друга страна, е радост, радост што се гледаме во Божјата волја… Тагата по Бог не ѝ тежи на душата, туку ѝ вели: ’Не плаши се! Стани! Врати се!‘ Бог знае дека човекот е слаб и го поткрепува“.

Термините од древните јазици уште повеќе појаснуваат. Грчкиот збор за покајание, metanoia, значи преумување на умот, кога човекот се здобива со поголема јасност и проникливост. Не се однесува на чувство. Свети апостол Павле вели: „Преобразете се преку вашиот обновен ум“[ Рим. 12, 2.]. Свети Ерма, во неговата книга „Пастирот“, напишана околу 140 година, пишува: „Покајанието е големо разбирање“. Покајанието е проникнување, не чувство.

Еврејскиот збор shub значи да се вратиме од погрешниот пат на правилниот. Еднаш слушнав како еден премногу ентузијастички лидер за промена вели: „Покајанието значи целосно да се промените. Да се промените за 360 степени“. Можам да се сложам дека во мојот случај премногу често токму тоа значи.

Отец Александар Мењ, познат руски свештеник кој бил убиен во 1990 година, напишал: „На благата вест за Христос ѝ претходел повик за покајание… и првите зборови од учењето Христово се: ’Покајте се‘. Запомнете дека на еврејски тој збор значи ’свртете се‘, ’тргнете се од лошиот пат‘, додека пак, во грчките текстови од Евангелието, тоа е дадено со уште поодекнувачки збор, metanoite, односно преиспитајте го својот живот.

Тоа е почетокот на исцелението. Покајанието не е стерилно ’риење по душата‘, не е некакво мазохистичко самопонижување, туку повторно вреднување, кое води кон дејствителност… Гнојот мора да се исчисти, затоа што спротивно ќе нема лек“.

Значи, првиот чекор е одлуката каде сакаме да одиме. Ако сме решени секојдневно да се приближуваме кон единство со Христос, мора да сме подготвени да се соочиме со нашите гревови, со нештата што нѐ задржуваат назад и да Му дозволиме на Бог да ги исцели. Покајанието е патот на враќањето кон Отецот. Тоа е и врата и пат, и нема друг начин.

превод од англиски: Ирена Маџаровска

Извор: „Премин“, бр. 125/126