О, вие патници слепи,
о, месии безимени
и пророци лажни,
кралеви некрунисани
на престоли обесчестени,
филозофи возгордеани,
без срце обезмудрени.
Добротвори отуѓени,
без милост, дарители,
овчари на стадото,
без пастирот водители.
Маскирани гробови,
лицемери јудини,
на крвта податели,
на врагот посиноци,
на бесот сродници,
на родот свој одродници,
на Љубовта отпадници.
До кога палати ќе ѕидате,
до кога амбари ќе полните,
до кога заситено ќе збревтате,
до кога соблазна ќе ширите,
до кога ѕверот ќе го браните ,
до кога без слава ќе славите,
до кога непокајани ќе останете,
до кога без слово ќе словите,
до кога храмови ќе градите,
до кога восочни круни ќе носите,
до кога без молитва ќе молите,
до кога без љубов ќе љубите,
до кога без вера, вера ќе пазите.
Го сотревте житото,
го згазивте лебот,
го оковавте човекот,
го распнавте родот.
О, патници слепи,
о, месии безимени
и пророци лажни,
до кога, до кога клетва не ќе чуете!
(од книгата `Од умот до срцето` – Мина Даниловска)