Раскажувањето на слугата В.А. за исцелувањето на неговата жена А.

На 6 април 1826 год., за време на празникот во село Елизарово, мојата жена, слугинката А.А., враќајќи се од служба, руча и потоа излезе заедно со мене на мала прошетка.

Одеднаш, Господ знае од што, и’ се слоши и ја фатија вртоглавици, така што едвај ја донесов до тремот. Тука таа падна на подот; почна да повраќа и да се грчи во рацете и нозете; на крајот, падна како мртва.

Во таква ужасна состојба остана околу половина час. Одма потоа, како малку да се освести, почна да чкртка со забите, да гризе се’ што ќе и падне под рака, и потоа заспа. На другиот ден и’ стана подобро и на прашањето на мајка и’, што и’ се случи вчера, таа одговори дека и’ се присторило дека на неа паѓа куќата на господарот, а и тоа дека и сега се наоколу и’ се покажува во некаков ужасен вид.

По два дена таа несреќна состојба се повтори, потоа по еден месец, и не прекинуваше во текот на целата година, повторувајќи се еднаш дневно;така почнаа да ја сметаат за бесна.

На почетокот, на молба на управителот на нашето село Н.П., ја лечеше околискиот лекар А.Ј., но кога сите негови напори останаа безуспешни, беше повикан друг лекар од Ардатово, но и тој по тринеделното грижливо лекување се откажа од понатамошните обиди, велејќи дека таква болест никогаш не видел и дека е тоа некоја неразбирлива болест.

На крајот, со залагање на управителот, кој земаше искрено учество во лекувањето, повикан беше доктор М. од Виксунската фабрика. Но и тој, кога ја виде болната, рече дека нејзината болест е нејасна и дека најверојатно некој зол дух си поигрува, ама дека тој нема намера да го брка и дека ни советува да не ја мачиме болната, напрегајќи се да ја излечиме со човечки средства, туку подобро да прибегнеме кон Божја помош.

Без обѕир на советот, ние и понатаму се обидувавме да и’ помогнеме со вообичаени работи; но сите тие беа залудни: болната умираше.

На 20 мај 1827 год. навечер, спроти празникот на царот Константин и мајка му Елена, одеднаш болната видела како кај неа во собата влегла непозната стара жена, на среден раст, сува, белокоса, но истрижена, тркалезна во лицето, со затворени очи, боса и сета испрашена, и и’ рекла:

“Зошто лежиш и не си бараш лекар”. Уплашена од тоа необично јавувување, болната се прекрстила и почнала да кажува: „Да воскресне Бог” итн.”

Тогаш непознатата жена и’ рекла: „Не се плаши, јас ти сакам добро и здравје, таа молитва ја сакам и се радувам кога некој ја кажува”.

Болната ја прашала: “А која си ти? Да не си од оној свет? Да не ми го виде детето таму?”

Непознатата и’ одговорила: „Го видов. Се лути на тебе. Впрочем, за него нема потреба да се зборува, подобро помисли на себе. Зошто не се грижиш за свое исцеление?” Болната одговорила: „Многу лекари дојдоа кај мене, но ниеден не можеше да помогне”.

На тоа непознатата одговорила: „Ќе ти најдам верен лекар, кој одамна сака да те исцели; тој намерно ме испрати кај тебе. Побрзај во Саровската Пустина кај отец Серафим, тој може да ти помогне”. После тоа видението исчезнало.

Тогаш болната одлучила да ја разбуди мајка си, но таа веке не спиела и го слушала разговорот на својата ќерка. Кога се’ се стишило, мајка и’ ја прашала со кого разговарала?

Ќерка и’ била зачудена дека мајката не ја видела жената која ја испраќала кај отец Серафим, кажувајќи и’ дека тој ќе и’ помогне. Мајка и’ рамнодушно ја примила таа приказна и и’ рекла дека кога ќе и’ биде полесно, тогаш ќе може да патува, и набрзо пак заспала.

Меѓутоа, жена ми набрзо повторно ја видела непознатата жена, која ја укорила заради тоа што одолговлекува, зашто отец Серафим ја чека и мисли дека таа набрзо ќе оди таму.

Тогаш болната се осмелила да ја праша која е и од каде е? Жената и одговорила: „Од Дивеево сум, првата тамошна настојателка Агатја”. Откако го кажала тоа, повторно се сокрила.

Жена ми истиот час ја разбудила мајка си и почнала да ја убедува да замоли кола од управителот за пат во Саров. Мајка и’ истиот час, иако тоа било во рана зора, отишла кај управителот, се’ му раскажала и замолила за кола.

Управителот веднаш се согласил и раскажал дека и тој го видел отец Серафим на сон, се грижел за некоја болна жена и држел над неа крст, што го носел на градите и дека после тоа болната си отишла од кај него сосема здрава.

Само што влегле во ќелијата на отец Серафмм, жена ми веднаш и со необична сила се оттргнала од рацете на мајка и’ и паднала пред нозете на отец Серафим.

Тогаш старецот ја покрил со својот епитрахил и прочитал над неа молитва; потоа, фаќајќи ја со двете раце за глава, малку ја подигнал. Мојата жена во тој миг осетила како некој со силна врева да и’ ја симнал бундата и се почувствувала така како после силна опиеност.

На крајот, отец Серафим, давајќи и’ света вода и нафора, и’ рекол да го целива крстот, кој му висел на градите и иконата на Божјата Мајка, која стоела на масата, и рекол;

„Еве ја твојата Застапничка! Таа се застапуваше за тебе пред Бога”.

Така, целосно беше излекувана и таа, сознавајќи ја сета великост на доброчинителството на отец Серафим, и се натажила дека нема со себе ништо со што би можела да го награди својот доброчинител. Но тој, прозирајќи ги нејзините мисли, рекол:

„Ништо од тебе не ми треба, само моли се на Бога. Ако имаш желба да ми дадеш нешто, тогаш испреди ми во текот на три дена, во три среди, малку кончиња и исучи ги во три петоци, воздржувајќи се во тие шест дена од јадење, пиење и разговори; и уште, при секое започнување на работата, читај ја по три пати Господовата молитва, а Богородичината молитва кажувај ја во сите шест дена”.

После тоа тој ги благословил и ги пуштил со мир да си одат дома, убедувајќи ја повеќе да не тагува.

Пренесено од книгата “Преподобен Серафим Саровски во сеќавањата на современиците”

Претходна статија„ПРАВОСЛАВЕН КАЛЕНДАР“ – НОВА ВЕРЗИЈА НА АНДРОИД АПЛИКАЦИЈАТА за 2018 година
Следна статијаАКО УМОТ НЕ СЕ ОСВЕТУВА, МУДРОСТА ЗА НИШТО НЕ Е КОРИСНА! (Св. Пајсис Светогорец)