ЧЕТВРТИ НАСЛОВ

Слабите треба постепено да се воведуваат во делата на покајание

ОД СТАРЕЧНИКОТ

ЕДЕН брат паднал во искушение, т.е. во грев и поради жалоста го запоставил своето монашко правило. Иако сакал одново да го започне своето монашко дело, го спречувала тагата.

Тој зборувал во себе:

„Кога повторно ќе се пронајдам себеси, т.е. да бидам каков што бев некогаш?”

Потоа отишол кај еден старец и му раскажал што му се случило. Кога слушнал за неговата тага, старецот му раскажал за еден сличен пример:

„Еден човек имал нива која, поради неговата негрижа, била запустена и обрасната co коров и трња. И тој одлучил да ја исчисти, па му рекол на својот син: ‘Оди да ја очистиш нивата’.

Синот отишол да ја очисти, но го обзела малодушност кога ги видел трњата, па рекол во себе:

‘Кога ќе го искорнам сето ова и кога ќе ја очистам нивата?’ Тој легнал и заспал.

Кога се разбудил, повторно ги погледнал трњата и го обзела мрза, па останал да лежи на земјата. И понекогаш тој спиел, понекогаш се вртел бесцелно, како врата на своите куки, според зборовите на Светото писмо. (Изреки 26,14) Така, не работејќи, поминал неколку денови.

Потоа дошол неговиот татко да види што направил и видел дека ништо не е направено. И го прашал:

‘Зошто ништо до сега не си направил?’

Тој одговорил: ‘Татко, штом ќе тргнев да работам и кога ќе ги видев трњата и коровот, ме обземаше безнадежност и од тага легнував да спијам. Поради тоа ништо не направив’.

А таткото му рекол: ‘Чедо мое, секој ден чисти колку што е долго местото на кое што лежиш, па ќе напредуваш во работата, избегнувајќи го обесхрабрувањето’.

Младиот син послушал и за кратко време ја очистил нивата.

Значи, и ти брате труди се по малку и ќе го избегнеш обесхрабрувањето.

Бог no својата милост, повторно ќе те доведе во првобитната состојба.”

Братот го сослушал и со трпение почнал да постапува според поуката на старецот. И според Божјата благодат, тој пронашол спокој.

Пренесено од книгата “Доброслов” Прв том

Претходна статијаРадувај се, дрво сеновито, под коешто мнозина се засолнуваат… (Акатист кон Пресвета Богородица)
Следна статијаСо духот ја знам Пречистата Дева!